Фото: Игор Бансколиев

Освен домашните синдикати и стручната јавност, деновиве се огласија и Европскиот синдикат за јавен сектор и Светската конфедерација на синдикати, кои остро реагираат на предложените законски измени и воведувањето 60-часовна работна недела во Македонија. Тие порачуваат дека со тоа се загрозува и апликацијата на Македонија за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работното време на ЕУ

СО НАЈАВИТЕ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ 60-ЧАСОВНА РАБОТНА НЕДЕЛА

Додека во македонското собрание и вчера на дневен ред беше расправата по предлог-законот за изменување и дополнување на законот за работни односи по скратена постапка, со кој меѓу другото се најавува воведување 60-часовна недела, во експертската јавност сѐ пофреквентни се аргументите против ваквите измени. Со јасни ставови против воведување 60-часовна работна недела, наспроти досега уставно загарантираните 40 часа неделно, веќе се изјаснија работниците, професорите по трудово право и сите синдикални организации во Македонија, кои деновиве добиваат силна поддршка и од редица влијателни меѓународни организации.

Македонија поблиску до африканска унија отколку до ЕУ

Доколку пак се усвојат законските измени и се воведе 60-часовна работна недела, Македонија ќе стане рекордер во Европа и во светот по должината на работното време. Тогаш веројатно само кај нас и во некои земји од Африка ќе се работи по 60 часа неделно. Наспроти тоа, европските трендови се во сосема спротивна насока, односно во голем дел од земјите од Европската Унија се намалуваат работните часови дневно и се крати работната недела. Во таа насока се наметнува дилемата дали Македонија со новите законски измени цели кон членство во Европска Унија или можеби кон некаква африканска унија на држави што се однесува до правата на работниците и трудовите клаузули.
Според последниот извештај на Европската комисија, во моментов работниците од соседна Албанија имаат најдолго работно време, кое достигнува 50 часа неделно. Други држави со подолго работно време од нашето се Мавританија 54 часа неделно, Египет 52 часа, Гамбија 51 час, Буркина Фасо 50 часа неделно итн. Доколку се усвојат предложените законски измени и се зголеми работното време кај нас, од 40 на 60 часа неделно, тогаш ќе станеме светски рекордер. Во меѓувреме европските држави го намалуваат работното време и ја кратат работната недела. Така на пример во многу земји веќе почна да се воведува работна недела под 40 часа неделно.Веќе има најави дека Шпанија, Исланд, Јапонија воведуваат четиридневна работна недела, како и делови од Данска , меѓу кои и данскиот град Одшеред, каде што исто така се воведува четиридневна работна недела. Слични размислувања и најави доаѓаат и од други земји во Европа и светот, во кои веќе се спроведени анализи и истражувања што покажале дека пократката работна недела многу подобро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со самото тоа и врз добивката на работодавците.
– Ние како земја аспирант за членство во ЕУ треба да пресликаме некој модел каде што ќе пробаме со шест-седум работни часа дневно или четири работни дена во неделата, а не да се враќаме пред три века и да мислиме дека ќе донесеме законско решение што мислиме дека ќе биде добро за нашите работници и да работиме во просек по 12 часа дневно – вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.
Тој вели дека Законот за работни односи е лекс генералис, или на одреден начин тоа е устав за работниците во државата и не може за едни да важи, за други да не важи, бидејќи понатаму тоа ќе повлече низа промени и во други сектори.
– Веќе до таа мера ни е испиена крвта од работодавци и од државата што и овие осум часа се многу за еден домашен градежен работник, имајќи предвид дека возрасната структура на македонскиот градежен работник е над 55 години во просек. Не смее толку да се работи, бидејќи и сега имаме често повреди и жртви токму во секторот градежништво. Нема ништо поважно од здравјето и безбедноста на луѓето. Тој стратегиски партнер ако дошол да нѐ однесе во гроб, тогаш разговараме за многу погубна и многу погрешна политика – нагласува Пешевски.

Реакции од Европскиот синдикат за јавен сектор и од Светската конфедерација на синдикати

Со свои реакции во однос на предложените законски измени за 60-часовна работна недела се јавија и од Европскиот синдикат за јавен сектор, како и од Светската конфедерација на синдикати.
– Европскиот синдикат за јавен сектор (EPSU) лобираше и водеше многу силни кампањи во изминатите години за да ја брани Директивата за работното време и да се осигури дека таа е правилно спроведена низ Европа. Ова е од клучно значење за многу од нашите членови што обезбедуваат витални итни и други јавни услуги. Затоа нè загрижува што предлозите за реформа на трудот ќе им овозможат на работодавците да ги заобиколат регулативите за работното време и да доведат до работно време од 60 часа неделно. Понатаму би нагласиле дека како земја-кандидат, Северна Македонија треба да се погрижи да се усогласи со социјалното законодавство на ЕУ и, како што знаете, Директивата за работното време е апсолутно во центарот на вниманието – велат од Европскиот синдикат за јавен сектор.
Тие ја повикуваат македонската влада да ја повлече оваа иницијатива и целосно да се ангажира со социјалните партнери за секоја планирана ревизија на трудовото законодавство, додавајќи дека внимателно ќе ја следат ситуацијата во консултација со нивните соработници од Македонија.
И од Светската конфедерација на синдикати (ITUC) нагласуваат дека властите мора да се откажат од опасните предлози во Законот за работни односи.
– Светската конфедерација на синдикати го поддржува барањето на македонските синдикати, владата на земјата да ги укине опасните измени на Законот за работни односи. Доколку биде усвоен, законот ќе им овозможи на работодавците да го зголемат работното време до 60 или дури 72 часа неделно во сите седум дена. Странските актери од приватниот сектор се осомничени дека вршеле притисок врз Владата да ги направи промените, кои се спротивни на меѓународните работнички стандарди – велат од Светската конфедерација на синдикати.
Оттаму изразуваат загриженост дека со предложените законски измени ќе се зголеми ризикот од несреќи, повреди и смртни случаи на работа, а се загрозува и апликацијата на Македонија за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работно време на ЕУ.
– Реформата на трудовото законодавство во земјата е на агендата на социјалните партнери веќе неколку години, но неодамнешната насока преземена од Владата означува јасно отстапување од нивните очекувања и принципите на социјалниот дијалог. Моделот со ниски плати, експлоататорски промовиран од Северна Македонија, веќе доведе до масовен егзодус на работници од земјата. Сепак, наместо да ги подобри работните услови и да промовира пристојни плати, Владата бара да ги легализира експлоатирачките работни средини – вели Лук Триангл, вршител на должноста генерален секретар на Светската конфедерација на синдикати.
Инаку, како куриозитет, според податоци од најновите истражувања до кои дојде нашиот весник, во Македонија само во секторот градежништво во текот на изминатата година си заминале над 12.000 работници. Исто така, за издвојување е дека во 2022 година Уставниот суд не дозволи зголемување на работната недела над законски предвидените 40 часа неделно.