Време е за акција!

Време е и ние да кажеме и направиме нешто. Проактивно! Но пред да сториме што било, не би било лошо да престанеме да замижуваме на кршењето на правдината од страна на меѓународната заедница и на нејзини етаблирани членки, да толерираме флагрантно кршење на меѓународното право и на врховното (јус когенс) право, и сето тоа на наша штета, заради некаква ветена за нас подобра (европска) иднина. Да ја оставиме за некои други времиња филозофијата за „кротката глава што сабја не ја сече“, затоа што тоа не води никаде, односно нѐ доведе овде каде што сме, а тоа не е баш многу пријатна позиција. Мора да се бориме за правото и правдината. На сите политички, правни, дипломатски, демократски, граѓански и на сите можни други цивилизациски начини

Македонија повторно се наоѓа на ветрометина изложена на удари од сите страни, што нормално создава чувство на страв и неизвесност, затоа што историјата нѐ учи дека ретко кога сме излегувале со позитивен исход во која било кризна ситуација. Ќе речете такво е времето, криза е насекаде околу нас, па нормално е дека не може да нѐ одмине. Во ред, нека е и така, но нас нѐ боли нашата мака, нашиот проблем, нашиот страв дека сме оставени сами на удар на сите оние што не ни мислат добро. Затоа треба соодветно да се подготвиме, добро да се организираме, да се синхронизираме, за што поподготвено да ја пресретнеме целата оваа ситуација што се надвиснува над нас.
Доволно ги слушавме соседите, доволно ги слушавме и гласовите оддома што унисоно ја пеат истата „добрососедска“ песна. Време е и ние да кажеме и направиме нешто. Проактивно! Но, пред да сториме што било, не би било лошо да престанеме да замижуваме на кршењето на правдината од страна на меѓународната заедница и на нејзини етаблирани членки, да толерираме флагрантно кршење на меѓународното право и на врховното (јус когенс) право, и сето тоа на наша штета, заради некаква ветена за нас подобра (европска) иднина. Да ја оставиме за некои други времиња филозофијата за „кротката глава што сабја не ја сече“, затоа што тоа не води никаде, односно нѐ доведе овде каде што сме, а тоа не е баш многу пријатна позиција. Мора да се бориме за правото и правдината. На сите политички, правни, дипломатски, демократски, граѓански и на сите можни други цивилизациски начини.
Се разбира, за почеток е важно добро да се промисли пред да се преземе каков било избрзан чекор, оти очигледно избрзаните решенија ја ставија земјава во целосно подредена состојба кон соседите, да мора во недоглед да ги исполнува нивните барања. Во земји што имаат визија и стратегија, процесите се предвидуваат и до 50 и 100 години нанапред, но очигледно за актуелните луѓе што ја предводат македонската дипломатија визијата се сведува на дневна основа, да се затвори набрзина секое отворено прашање, без оглед на цената, само некој да излезе добар во очите на меѓународната заедница.

Токму затоа се обидуваме да го проблематизираме ова прашање, за да не ги оставаме работите на стихијата и да се надеваме дека ќе поминеме со што помалку штета. Време е конечно да се организираме како што треба. Па, белки имаме луѓе што знаат што и како треба да се направи, но од неразбирливи причини се повлечени во дефанзива и треба некој да ги разбуди, да ги активира. Не сакам ниту да помислам дека токму тие луѓе очекуваат некој сега дополнително да ги мотивира. Поголема мотивација од тоа да ја гледаш татковината на колена не знам кому му е потребна.
Во една таква ситуација, за да се заокружи целиот процес, кој сигурно нема да биде краток и едноставен, треба да се вклучат сите расположливи ресурси, кои можат да го дадат својот активен придонес. Пред сѐ, тоа е македонската дипломатија, која мора да застане цврсто на нозе и да ги брани и да ги застапува македонските интереси. Секако, во целиот проект треба да се осмисли соодветно да се вклучи и неформалната дипломатија, а тоа се пред сѐ нашите луѓе што живеат во странство – научници, уметници, спортисти… да се ангажираат невладините организации, проектот „Македонија 2025“… проучувачи на македонскиот јазик, преведувачи, пријатели на Македонија… листата е долга, но треба некој да седне, да ги засука ракавите и да ја комплетира.

Се разбира, тоа не може да биде работа на еден човек, туку за таа цел треба сите заинтересирани чинители да формираат еден центар, каде што синхронизирано би работеле на остварување на целта. Во тој, наречете го „труст на мозоци“, бездруго треба да има експерти за европски прашања, за меѓународно јавно право, за историја, македонисти. Тие луѓе треба да бидат носители на оваа стратегија, која би се реализирала на подолг рок, преку сите горенаведени актери и со која би се настапило организирано пред сите клучни меѓународни институции во Брисел, Њујорк, Вашингтон, Стразбур, насекаде каде што се дискутира и каде што се одлучува за судбината на Македонија. Повлекувањето во дефанзива и чекањето што ќе донесе времето треба да ги оставиме зад нас.
Време е за акција, долгорочна, осмислена, синхронизирана.