Фото: Игор Бансколиев

Европската економска, енергетска, финансиска и општа сигурност во светлината на руско-украинскиот воен судир

Уште на почетокот на руско-украинскиот воен конфликт речиси постоеше воено-аналитички консензус дека тоа е прокси-војна меѓу САД и Русија. Исто така процените и прогнозите беа дека тоа ривалство (па и судир) меѓу овие две големи светски сили ќе трае повеќе од сто години, па дури и ќе продолжи во вселената. Но, референците на тој конфликт задираат многу пошироко, многу подлабоко од еден „воен конфликт“, кој доби атрибут како „регионална војна со глобално влијание“. Економскиот, стопанскиот, енергетскиот, финансискиот, трговскиот, па и социјалниот импакт кон Европа, ценет од оваа кратка временска дистанца, се чини дека е повеќе од – тектонски!

Тежок удар на севкупната европска сигурност

Европските сојузници на САД, моторната сила на ЕУ, пред сѐ Германија и Франција, ударот на економски план го чувствуваат одамна, дури веднаш по почетокот на конфликтот, не само сега туку цело време во овие 16 месеци, колку што трае конфликтот на територијата на Украина. Внатрешните проблеми на ЕУ во актуелниов момент се чинат сѐ поголеми од перспективата на „стогодишното ривалство“ на САД и Русија.
Имено, последиците се – стравотни проблеми во земјите на ЕУ, па и на најмоќните во неа. Инфлацијата, високите цени на енергентите, функционирање на стопанството, како и деиндустријализацијата на Германија, но и бегството на фирмите во САД… Економско-енергетските предизвици за ЕУ, кои генерираат социјална загрозеност на населението, поради падот на стопанството, сериозно се закануваат да прераснат во општа сигурносна закана за Европејците.
На неодамнешното парламентарно собрание на Советот на Европа, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто исклучително отворено ја адресираше загриженоста на неговата земја од последиците на долготрајноста на „регионалниот конфликт“ за целата ЕУ, а пред сѐ за Унгарија, како земја што граничи со Украина.
– Долги години за цврстите темели на растот на европската економија беше заслужна добрата комбинација, односно добрата соработка меѓу најсилно развиените западни технологии и евтините и релативно достапни природни ресурси од Истокот. Овие две нешта, развиените технологии од Западот и природите ресурси од Истокот, се комбинираа во корист на брзорастечката европска економија. Сега му дојде крајот на тоа!
Сите луѓе, сите граѓани во Европа ја плаќаат цената од оваа војна, и тоа во форма на рекордно високи цени на енергенти, рекордно висока инфлација, рекордно високи цени на храна, стоки итн. Војната започна пред една година и четири месеци, а во текот на овој период Европа не успеа да изврши притисок да ѝ се стави крај на неа. Не бевме успешни во постигнувањето на мирот во текот на овие 16 месеци. Ризикот од ескалација е посериозен од претходно и, за жал, нашата конкурентност, кога станува збор за европската економија, е полоша од кога било. Што друго би можеле да кажеме освен тоа што ќе мораме да платиме седум пати повеќе за гас отколку во САД или трипати повеќе за струја во споредба со цените во Кина – рече тој.
Сијарто истакна дека Европа направи две огромни грешки.
– Прво, сè подлабоко и подлабоко запаѓавме во политиките на санкции. Второ, на некаков начин ја прифативме или не ја одбивме поканата на САД во натпреварот за тоа „кој повеќе воено ја помага Украина“ – истакна тој на говорницата во Советот на Европа во Стразбур.
Тој предупреди и на економскиот аспект како закана за иднината и развојот на ЕУ, како и дека граѓаните на ЕУ не се виновни за војната во Украина, но сите тие ја плаќаат цената на војната.

САД повеќе ги потенцираат безбедносните ризици на војната, економските не ги споменуваат

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс, кој сега е потенцијален републикански кандидат за претседател на САД, изјави дека на особено голем ризик се изложени Полска, Естонија, Летонија и Литванија.
– Ако Русија ја победи Украина, очекувам дека нема да помине многу време пред руската војска да премине уште некоја граница, кога и нашите мажи и жени во униформи ќе мора да одат во борба. Во наш национален интерес е руската војска да биде потисната од Украина – рече поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс за Ен-би-си њуз.
Тој исто така ја критикуваше политиката на врховниот командант на воените сили на САД, сегашниот претседател на САД, Џо Бајден, во врска со Украина.