Фото: Ка.М.

Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, синоќа беше отворена изложбата „Вилина во простор“ од уметницата Маја Танева.

– Танева скулпторски раскажува слободна лирична наративност со дијагонално извиени и динамични асоцијативни апстракции. Впечатливиот треперлив контраст во текстурата на формата е постигнат со таинствен ткаеж на јажињата внимателно создадени во преплети со различна густина – на одредени места таа е збиена, додека на други густината на преплетот е разредена. Моделираните мрежести асоцијативни облици излегуваат надвор од рамките на дрвените рабови на ѕидните инсталации и формираат илузија на динамичност. Апстрахираните облици коишто асоцираат на вилински претстави доминираат во севкупниот наратив на преплетените интервенции. Заробени во магична мигновеност, загадочните растреперени вилински структури егзистираат во имагинарен артифициелен свет пленејќи со својата лиричност, чудесност и моќност – истакна историчарката на уметност, Викторија Димеска, која ја отвори изложбата.

Маја Танева е линеарен уметник, скулптор – создава скулптури, инсталации и слики со фокус и манипулација на линијата како единка и група. Скулптурите и инсталациите ги создава со индустриски челични јажиња – сајли, кои во тешката индустрија се наменети како опрема за подигнување. Ова е нејзина 12 самостојна изложба. Член е на ДЛУМ. Ка.М.