Грчки парадокс
- Зад позитивната макроекономска слика на Грција се крие една сосема поинаква реалност. За голем број грчки граѓани секојдневниот живот станува сè поскап, а чувството на економска несигурност не исчезнува. Токму тука се наоѓа суштината на грчкиот парадокс – економијата на хартија расте, но граѓаните не го чувствуваат тој раст во својот социјално-економски статус
Грчката економија денес претставува еден од најинтересните парадокси во Европа. На прв поглед, бројките изгледаат охрабрувачки: економскиот раст е повисок од просекот на голем дел од земјите во Европската Унија, државниот буџет бележи суфицит, а јавниот долг постепено се намалува по драматичната должничка криза што ја потресе земјата пред една деценија. Владата во Атина редовно ги истакнува овие показатели како доказ дека Грција конечно ја напушта сенката на економската нестабилност.
Но зад позитивната макроекономска слика се крие една сосема поинаква реалност. За голем број грчки граѓани секојдневниот живот станува сè поскап, а чувството на економска несигурност не исчезнува. Токму тука се наоѓа суштината на грчкиот парадокс – економијата расте, но граѓаните не го чувствуваат тој раст во сопствените паричници.
Иако бруто-домашниот производ бележи годишен раст од околу два процента, инфлацијата останува меѓу највисоките во еврозоната. Цените на храната, електричната енергија и основните животни производи продолжуваат да вршат силен притисок врз домашните буџети. Во услови кога приходите растат многу побавно од трошоците, реалната куповна моќ на населението се намалува.
Дополнителен проблем претставуваат ниските плати. Просечната годишна заработувачка во Грција е околу 18 илјади евра, што е значително под европскиот просек. И покрај закрепнувањето на економијата, голем дел од работниците и понатаму се соочуваат со ограничени приходи, додека младите луѓе сè почесто бараат подобри можности во други европски држави.
Статистиката дополнително ја потврдува оваа слика. Заедно со Бугарија, Грција се наоѓа на дното во Европската Унија според БДП по жител и според куповната моќ. Земјата исто така е меѓу државите со најголем ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Тоа покажува дека економскиот раст не се распределува рамномерно и дека значителен дел од населението не успева да ги почувствува придобивките од подобрените економски показатели.
Премиерот Киријакос Мицотакис е свесен за овој јаз меѓу статистиката и реалноста. Со приближувањето на изборите следната година, владата го постави подобрувањето на животниот стандард како еден од своите главни политички приоритети. Воведени се даночни олеснувања, субвенции за енергија и повеќе пакети мерки за ограничување на растот на цените на основните производи.
Меѓу најновите иницијативи е и дигиталната платформа „Колку чини?“, преку која потрошувачите можат секојдневно да ги споредуваат цените на илјадници производи во различни продавници. Намерата е да се зголеми транспарентноста на пазарот и да се поттикне конкуренцијата меѓу трговците. Сепак, многу економисти предупредуваат дека ваквите мерки можат само делумно да го ублажат проблемот, но не и да ги отстранат неговите корени.
Клучното прашање останува дали економскиот раст може да се претвори во реален пораст на животниот стандард. Доколку растот продолжи да се концентрира во одредени сектори и кај ограничен број компании, без значително зголемување на платите и куповната моќ, незадоволството кај граѓаните ќе продолжи да расте.
Грција денес е пример дека успешните макроекономски показатели сами по себе не се доволни за да се оцени благосостојбата на едно општество. Растот на економијата има вистинска вредност само тогаш кога се претвора во подобар живот за мнозинството граѓани. Во спротивно, позитивните бројки остануваат само статистика на хартија, додека секојдневната реалност продолжува да биде обележана со скапи сметки, ограничени приходи и чувство дека економското закрепнување се случува некаде далеку од обичниот човек. Е.Р.
Грција можеби е „рај за туристите“, но недостижен за многумина Грци
Половина од грчкото население без можност за годишен одмор?
Грција и натаму важи за една од најпосакуваните туристички дестинации во светот. Нејзините острови се преполни со посетители, хотелите бележат рекордни приходи, а туристичката индустрија руши нови рекорди од година на година. Но зад сликата на туристички просперитет се крие една поинаква реалност – онаа на милиони Грци што не можат да си дозволат ни еднонеделен одмор (?!).
Според најновите податоци на „Евростат“, дури 46 проценти од жителите на Грција не биле во можност да платат еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом. Тоа значи дека речиси секој втор граѓанин е лишен од можноста за одмор и рекреација, привилегија што во голем дел од Европа се смета за нормален дел од животниот стандард.
Овој показател е меѓу најсилните сигнали за економската ранливост на грчките домаќинства. Иако земјата формално ја надмина должничката криза што ја потресуваше повеќе од една деценија, последиците и понатаму се чувствуваат во секојдневниот живот. Растот на цените, високите трошоци за домување и енергија, како и недоволниот раст на платите, ја ограничуваат куповната моќ на граѓаните.
Особено загрижува фактот што бројот на луѓе што не можат да си дозволат одмор повторно расте. Наместо подобрување на животниот стандард, податоците покажуваат дека значителен дел од населението останува исклучен од придобивките на економското закрепнување.
Парадоксот е уште поголем ако се има предвид дека токму туризмот е еден од главните двигатели на грчката економија. Додека милиони странци уживаат на плажите на Санторини, Крит или Родос, многу грчки семејства немаат можност да отпатуваат ниту неколку дена во сопствената земја.
Неможноста да се користи годишен одмор одамна не е само прашање на слободно време. Таа станува огледало на животниот стандард и показател за степенот на социјална сигурност. Кога речиси половина од населението не може да си дозволи ни седум дена одмор во текот на годината, тоа говори за длабоки економски нееднаквости и за јаз меѓу статистичкиот раст и реалниот живот на граѓаните.
Грција денес можеби е туристичка велесила, но податоците на „Евростат“ покажуваат дека за многумина од нејзините жители одморот останува недостижен луксуз. Е.Р.
Грчкиот туризам со раст на почетокот од тековнава година
Конечно, и Грција бележи забележлив раст на туристичкиот сектор во првите четири месеци од годинава. Според податоците на Банката на Грција, приходите од туризмот во периодот јануари–април достигнале 2,79 милијарди евра, што претставува зголемување од 36,9 проценти во споредба со истиот период лани.
Паралелно со растот на приходите, зголемен е и бројот на туристи. Во првите четири месеци од 2026 година земјата ја посетиле 5,24 милиони туристи, што е за 27,1 проценти повеќе од лани. Особено е забележлив растот на пристигнувањата преку копнените гранични премини, кои се зголемени за 67,8 проценти, додека преку аеродромите порастот изнесува 12,8 проценти.
Најголем дел од посетителите доаѓаат од земјите членки на Европската Унија, од каде што се регистрирани 2,77 милиони туристи или 36,1 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Зголемен е и бројот на гости од другите земји, за 18,3 проценти.
Позитивните резултати се надоврзуваат на рекордната 2025 година, кога Грција ја посетија речиси 38 милиони туристи, а приходите од туризмот достигнаа 23,6 милијарди евра. Податоците упатуваат дека и годинава туристичкиот сектор ќе остане еден од главните двигатели на грчката економија. Е.Р.


































