Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Повеќе од 220 јавни фонтани за пиење вода се повторно ставени во функција низ Скопје, соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој во објава на Фејсбук наведе дека градот мора да обезбеди основни услови за граѓаните, особено во летниот период, кога високите температури ја зголемуваат потребата од пристап до вода за пиење.

-Со години, поради неажурност, ситни дефекти и негрижа, голем дел од фонтаните беа оставени надвор од функција. Во координација со ЈП „Водовод и канализација“ ги мапиравме, сервисиравме и повторно ги ставивме во употреба повеќе од 220 фонтани за пиење вода – наведе Ѓорѓиевски.

Според него, обновените фонтани ќе им бидат на располагање на децата, повозрасните граѓани, спортистите, велосипедистите, рекреативците, работниците, туристите и на сите што секојдневно се движат низ градот.

Градоначалникот најави дека, покрај обновувањето на постојните, се работи и на поставување нови фонтани на повеќе фреквентни локации во Скопје.