Фото: Игор Бансколиев

Македонија отсекогаш им била гостопримлив домаќин на сите, дури и на оние што не ѝ мислеле добро. И во оваа пригода ние широко ќе го понудиме своето гостопримство за сите оние што сакаат да дојдат од соседна Бугарија да го одбележат датумот на раѓањето на македонскиот идеолог и револуционер Гоце Делчев и истовремено да се поклонат пред неговиот гроб. На тој начин сите оние што ќе присуствуваат на овој настан директно ќе покажат дека ги почитуваат македонскиот народ, јазик, култура и независната македонска држава

Во пресрет на 151-годишнината од
раѓањето на Гоце Делчев

На 4 февруари во Македонија ќе биде одбележана 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и по тој повод бугарските здруженија веќе упатија повици до сите Бугари да дојдат масовно во Скопје и да ја одбележат годишнината од раѓањето на, како што велат, „бугарскиот национален револуционер Георги Делчев“.
Од фондацијата „Македонија“, која го упати повикот до сите Бугари, бугарските политички партии и невладини организации, најавуваат организиран превоз за овој настан, кој имајќи ја предвид содржината на објавата, за жал, како повеќе да најавуваат еден провокативен пир среде Скопје. Повеќе од трагично би било на ваков возвишен чин на чествување на еден идеолог и борец за слободи и општочовечки права и македонско национално осамостојување, да се зачини со повампирената фашистичка идеологија увезена од соседството.
Македонија отсекогаш им била гостопримлив домаќин на сите, дури и на оние што никогаш не ѝ мислеле добро, така што и сега широко ќе го понуди своето гостопримство за сите оние што сакаат да дојдат од соседна Бугарија да го одбележат датумот на раѓањето на македонскиот идеолог и револуционер Гоце Делчев и истовремено да се поклонат пред неговиот гроб. На тој начин тие што ќе присуствуваат на овој настан директно ќе покажат дека ја почитуваат борбата за независна македонска држава.

Како тоа во пракса би требало да изгледа, најдобро пред некоја година го демонстрираше поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој се поклони пред гробот на македонскиот револуционер. Убав чин би било кога сличен потег би направил и бугарскиот претседател Румен Радев, сето тоа украсено со заедничка меѓудржавна симболика наместо со сегашната сценографија од некои мрачни времиња од минатиот век.
Сите оние што доаѓаат со искрени намери двата различни соседни народи конечно да се зближат и меѓусебно да се уважуваат, почитувајќи ги нашите херои, секогаш се добредојдени, но не се добредојдени оние што доаѓаат да навредуваат, понижуваат, негираат и да предизвикуваат уште поголемо разгорување на нетрпеливоста меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Досегашните вакви посети на бугарските „добронамерници“ на Македонија покажаа само дека единствена нивна цел е отворено изразување територијални претензии и негирање на македонскиот народ, преку ширење говор на омраза и поттикнување насилство и уривање на уставниот поредок на земјата.
Несомнено, Бугарија ја користи подредената улога во која се најде земјава по прифаќањето на францускиот предлог, така што сега официјална Софија може без никакви пречки да ја шири бугарската хегемонистичка политика среде Скопје без никој ништо да ѝ забележи.

Имено, ако македонските власти им забранат влез на Бугарите што ќе сакаат да дојдат на чествувањето на роденденот на Делчев, Бугарија тоа ќе го изнесе во Брисел, Советот на Европа и сите можни меѓународни тела како дискриминација на Бугарите, неевропски чин и уште многу други квалификации со кои ќе ја оцрнува земјава. Од друга страна, ако, пак, се дозволи присуство на голем број бугарски националисти, тоа може да предизвика нови тензии предизвикани од негаторскиот однос кон македонскиот народ. Народски кажано, од сите страни Ѓорѓија сардисан.
Едно е јасно. Македонија во никој случај не треба да го следи бугарскиот пример на „гостопримство“ кога бугарската полиција брутално ги малтретираше македонските граѓани што одеа да се поклонат пред гробот на македонскиот револуционер Јане Сандански на Пирин Планина, туку треба да покаже гостопримство за сите оние што сакаат да искажат почит за македонскиот револуционер. Истовремено, државата треба да биде ригорозна кон сите оние што ќе се дрзнат да ги погазуваат македонските закони, Уставот, како и меѓународните норми. Зрелото и достоинствено однесување прави од Македонија вистинска европска држава, а нецивилизациското однесување на оние што ја омаловажуваат дури и кога се нејзини гости, говори за демократскиот капацитет на земјата од која потекнуваат.
– Бугарите си прават сè што сакаат во Македонија, си шетаат низ Скопје скандирајќи дека Македонија е бугарска и никому ништо. Колку што е виновно раководството, уште толку е виновен народот/граѓаните затоа што не активира алатки пред меѓународната заедница, амбасадите, ОБСЕ, Советот на Европа па и ОН, каде што ќе побара јасна осуда на ваквите провокации и таквите ставови да бидат историски документирани – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Според него, не само интернационализација на наметнатиот проблем на надворешен план, туку треба да се дејствува одлучно и на внатрешен план. Имено, постојат низа ефикасни алатки! Одговорна држава никогаш нема да дозволи некој на нејзина територија да го загрозува нејзиниот уставен поредок и да го понижува нејзиниот народ.

– Да се случуваше ова во друга држава, ќе имаше реакции, никој немаше да дозволи омаловажување во сопствената држава. Но, за жал, во Македонија веќе сè е можно. Нефункционалноста на институциите дозволи секој да може да прави што сака – констатира Јањатов.
Тој смета дека и последните повици за одбележување на роденденот на Гоце Делчев објавени од бугарските фондации се само дел од еден голем план што веќе се спроведува.
– Плановите се да се избрише Македонија, едноставно да ја нема. Зарем треба да го дозволиме тоа?! Видовме како Македонците поминаа кога одеа во Бугарија да му оддаваат почит на Сандански, таму полицијата ги тепаше. И ден-денес не можеме Крсте Мисирков да си го вратиме, ништо не можеме да направиме. Кој е тој реципроцитет, кој е тој договор за соработка и пријателство – прашува Јањатов.
Околу можностите земјава законски да ги санкционира испадите на бугарските политичари, поранешниот дипломат е мошне скептичен дека такво нешто може да се случи.

– Во Македонија сè е извртено наопаку, ништо не е според стандард. Оние од ЕУ молчат за бугарските провокации во Скопје, ги објаснуваат со некаков личен став. Нема тука личен став, Џамбаски е репрезент на Европскиот парламент и така треба да се однесува, европски. Она што на сите ни е јасно, тоа е дека сега Бугарите ќе продолжат да уценуваат, а овие евроинтеграции ќе бидат наш пат по маките. Отворено прашувам, чуму ни е ова влегување во ЕУ? Што ќе ни е таква унија каде што немаш никакви права и никакво почитување? Кои се тие вредности што треба да ги црпиме од таму, да ни ги спасат кучињата? – иронично забележува Јањатов.
Според него, некои бугарски политичари што даваа негаторски изјави за Македонија и македонскиот народ требаше одамна да бидат прогласени за непожелни.
– Овие провокации ќе одат понатаму и понатаму. Ќе биде сè полошо и полошо. Одамна требаше некои бугарски политичари да бидат прогласени за персона нон грата. Прават во Македонија што сакаат, а нашиве политичари само констатираат дека тоа било провокација. Точно, тоа е провокација, но запрете ја, а не само да ја констатирате. Срамота е дома да ни ги тегне ушите кој ќе стигне – револтирано заклучува Јањатов.