Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според експертите, влијанието на човекот врз природата може да остави последици и сето тоа во комбинација со климатските циклуси може да доведе до нарушување на биодиверзитетот, па затоа повикуваат наместо само правење анализи да се преземат итни конкретни мерки за да се стави крај на агонијата на едно од најстарите езера на светот

Потребна е итна заедничка акција на Македонија, Грција и на Албанија

Агонијата на Преспанско Езеро продолжува и натаму, а нивото на езерото уште повеќе се намалува. Имајќи ги предвид лошата хидролошка состојба оваа зима и околните планини на кои нема снег, повеќе од јасно е дека ова македонско езеро се соочува со еколошка катастрофа од невидени размери.
И покрај постојаните апели на жителите од Преспа и од еколошките здруженија до државата конечно да преземе нешто за да го спречи исчезнувањето на езерото, надлежните ја продолжуваат старата практика само на правење анализи и преземање некакви краткорочни мерки што немаат никаков ефект.
Премиерот Димитар Ковачевски за време на вчерашната посета на Преспанскиот Регион можеше лично да се увери во размерите на еколошката катастрофа што му се случува на Преспанско Езеро, најавувајќи дека во наредниот период ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе може да се определат активности и мерки како да се спаси езерото, исто како што во минатото беше направено и со Охридско Езеро.
Според премиерот, станува збор за огромен проект што треба да биде поддржан и од соседна Албанија и од Грција, уште еднаш истакнувајќи дека државата нема да го остави Преспанско Езеро.

– Државата ќе преземе сè што е во нејзина надлежност и можности во однос на непогодата што му се случи на езерото. Преспанско Езеро природно е поврзано со Охридско и нормално дека како резултат на овие климатски промени, на пример, има сè помалку врнежи и водостојот на езерата и реките во државата е намален, како и во цела Европа, се случува големиот дел од езерата и реките да се со намалено количество вода. Ние разговаравме со ресорните министерства по однос на овој проблем и во наредниот период ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе може да се определат активности и мерки како да се спаси Преспанско Езеро, исто како што во минатото беше направено и со Охридско Езеро. Се работи за огромен проект што треба да биде поддржан и од нашите партнери. Државата нема да го остави Преспанско Езеро – рече Ковачевски.
Уште претходната влада пред некоја година донесе заклучок да го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да формира работна група што ќе предложи насоки за активности за наоѓање решение за загрижувачкото опаѓање на нивото на Преспанско Езеро, но ефектите од таа работна група никаде не се гледаат, а на терен состојбата станува сè позагрижувачка.
Лошата хидролошка состојба изминатите децении, зимите со малку снег и недостигот од врнежи од дожд влијаеја врз намалените водотеци во езерото, поради што водата е повлечена повеќе десетици метри и продолжува да се повлекува.
Познавачите на состојбите велат дека Преспанско Езеро е познато по своите циклуси на повлекување на водата и тоа го поврзуваат со хидролошката состојба, но и составот на теренот, кој во еден дел е карст што влијае врз понирањето на водата, најмногу под Галичица.

Пред две години, репортерска екипа на „Нова Македонија“ лично се увери за големите понори во карстот под планината Галичица во делот на соседна Албанија, поточно во месноста Завир, кои сега се на суво и од кои веќе не истекува водата од Преспанско во Охридско Езеро. Проблем е што и натаму има поголеми понори што се под вода и кои тешко може да се откријат од каде што како низ инка водата протекува под планината од едното во другото езеро и се појавува на повеќе места на потегот од албанскиот град Подградец до Пештани. За зголемениот истек на водата од Преспанско Езеро, локалното население и познавачите на состојбите го посочуваат земјотресот во Албанија пред околу три децении кога забележливо почнало намалувањето на нивото на езерото.
– Земјотресите кај нас, како и во целото Средоземје се честа појава. Тие често дејствуваат во проширените делови на понорниците-халите, да се срушат карпи од таваните на халата, и тоа со поголема тежина и да предизвикаат дополнителни затресувања, кои ги чувствува и локалното население. За понорницата во овој случај, најважно е што откинатата карпа од таваницата може да ги прошири или стесни сифоните (долниот дел на „инката“). А во сегашниов случај со езерово, да ги прошири и да се зголеми количеството на истекот на вода во езерото. Изгледа во сегашниов случај имаме пообемно истекување од Преспанско Езеро – велат експертите.
Освен намалувањето на нивото на водата, влијанието на човекот се посочува како главниот виновник за загрозувањето на биодиверзитетот.
Според експертите, влијанието на човекот врз природата може да остави последици и сето тоа во комбинација со климатските циклуси може да доведе до нарушување на биодиверзитетот, па затоа повикуваат наместо правење само анализи и шминкерски мерки, да се направи итна координација со надлежните ресори во Албанија и во Грција и итно да се направи работна група (штаб како за пандемијата), група од неколку експерти: инженер геолог, геоморфолог, хидроинженер, градежник на објекти, како и професори од Институтот за географија што добро ги проучуваат спелеологијата и понорниците.
Несомнено роковите за спас на Преспанско Езеро истекуваат, па затоа сега е време за сериозна акција од сите три држави конечно да се стави крај на агонијата на едно од најстарите езера на светот.

П.Р.