Фото: Архива/„Нова Македонија“

Кога човештвото се соочи со најекстремните идеологии, нациите и нивните лидери се обединија околу принципите на антифашистичката борба и им се придружија на сојузничките лидерски држави предводени од Вашингтон, Лондон и од Москва. Антифашистичката борба како платформа обедини повеќе нации и држави, но и различни идеолошки движења, како што се комунизмот, републиканизмот, социјалдемократијата, социјализмот, конзерватизмот и либерализмот, а обединувањето беше врз сфаќањето дека фашизмот и нацизмот се најсилната закана за човештвото. Во оваа антифашистичка борба, како никоја друга нација на Балканот, македонскиот народ се мобилизираше како никогаш претходно: недвосмислено, унисоно, севкупно! Фундаменти на македонската епопеја беа три главни столба: антифашистичката борба, националното ослободување и социјалната правда и еднаквост. Таквата три во едно македонска борба даде и свој придонес со неколку илјади партизански борци, многу народни херои, лидери, визионери…

Светот точно ја знае вистината, што и кого да чествува на Денот на победата над фашизмот

Најголемата трагедија на 20 век заврши на 9 мај 1945 година. Имено, на денешен ден, пред 79 години, официјално германскиот маршал Вилхелм Кајтел го потпиша последниот документ за капитулација на нацистичка Германија (Третиот рајх), во седиштето на Советската армија во Берлин-Карлшорст. На овој чин присуствуваа маршалите Георгиј Жуков и Артур Тедер, како и генералите Карл Спац и Жан де Латре де Тасињи. Прекинот на борбите во Европа и предавањето на нацистичка Германија, во суштина беше и капитулација на нацизмот и фашизмот, идеологии што се засновани врз ултранационализмот, расната војна и територијалниот експанзионизам. Водени од овие бесмислици, Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, како и нивните сојузници, го втурнаа светот кон Втората светска војна, војна во која загинаа околу 70 милиони луѓе, но и холокаустот, најголемата трагедија во историјата на човештвото, кога неколку милиони цивили беа убиени поради нивната етничка, јазична, религиозна и културна особеност.
Поразот на фашизмот и нацизмот се должи на заедничките напори на Советскиот Сојуз, Соединетите Американски Држави и Велика Британија, предводени од советскиот лидер Јосиф Сталин, американскиот претседател Франклин Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил. Кога човештвото се соочи со најекстремните идеологии, голем број нации се обединија околу принципите на антифашистичката борба и им се придружија на сојузничките држави предводени од Москва, Вашингтон и од Лондон. Антифашистичката борба како политичка платформа обедини повеќе нации и држави, но различни идеолошки движења, како што се анархизмот, комунизмот, републиканизмот, социјалдемократијата, социјализмот, конзерватизмот и либерализмот, а обединувањето беше врз сфаќањето дека фашизмот и нацизмот се егзистенцијална закана за човештвото.

Во оваа антифашистичка борба се приклучи и македонскиот народ, кој даде и свој придонес со неколку илјади партизански борци. Антифашистичките определби на македонскиот народ се очигледни од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), врховно законодавно и извршно тело на Демократска Федерална Македонија, како и од говорот на Панко Брашнаров, кој меѓу другото истакнал: „Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво – фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба“.
Денес, 9 мај, како Ден на победата над фашизмот, се прославува во неколку држави, но овој ден е нераскинливо поврзан и со политичкото битисување на македонскиот народ, бидејќи македонската држава беше изградена врз принципите на антифашизмот, односно демократијата, различните убедувања, еднаквоста и рамноправноста пред законите на сите без разлика на националноста, полот, расата и вероисповедта, како и на гарантирање на изборното право и на личните и националните права на малцинствата, нешто што е очигледно од одлуките на АСНОМ.
Македонија, како нација, држава и општество, не смее да го заборави 9 мај, Денот на победата над фашизмот, не само поради фактот што македонската држава произлезе од антифашистичката борба тука затоа што со оваа борба им се стави крај на радикалниот екстремизам и шовинизам како државни носители, но и фактот дека од антифашистичката борба произлезе и еден нов меѓународен поредок, кој е олицетворен во Обединетите нации.

Не случајно во преамбулата на Повелбата на Обединетите нации се вели: „Ние, народите на Обединетите нации – цврсто одлучени да ги заштитиме идните родови од бичот на војната, која двапати во нашето време на живеење му донесе неискажливо страдање на човештвото, одново да ги зацврстиме нашите верувања во темелните правана човекот, во достоинството и во вредноста на човечката личност, во рамноправноста меѓу мажот и жената, како и на сите нации, големи или мали, и да создадеме услови во кои ќе може да се одржат правдата и почитувањето на обврските што произлегуваат од договори и други извори на меѓународното право и да ги поддржиме социјалниот напредок и подобриот животен стандард во поголема слобода, и за овие цели: Да бидеме толерантни и да живееме заедно во мир, како добри соседи, и да ја обединиме нашата сила за да ги одржиме меѓународниот мир и безбедност, да прифаќаме начела и да воведуваме постапки, коишто гарантираат дека оружената сила ќе биде наменета само во заеднички интерес, и дека ќе ги користиме меѓународните институции за да го поддржиме економскиот и социјалниот напредок на сите народи – одлучивме заеднички да влијаеме во нашиот напор за постигнување на овие цели“. Д.Ст.