Денот на науката

Денеска се одбележува Светскиот ден на науката – настан што од 2001 година почна да се одбележува секоја година по иницијатива на УНЕСКО, со цел научната заедница и владините актери да се усогласат за заедничките цивилизациски цели и вредности. Денес, човештвото и планетата Земја сѐ повеќе се соочуваат со крупни предизвици, а бидејќи ниту една земја не може сама да постигне одржлив развој, науката и меѓународната научна соработка придонесуваат не само за откривање и формирање нови научни знаења туку и за обезбедување соживот и благосостојба на сите жители на планетата Земја.
Пред шест години, со зборовите „Тоа не е човечки потег… Толку убаво. Прекрасно“, Фан Хуи, европскиот шампион во играта ГО, го коментираше победничкиот потег на компјутерот АлфаГо, во вториот натпревар против светскиот шампион Ли Сидол. Не само Хуи туку и сите што го следеа овој необичен натпревар, во периодот од 9 до 15 март 2016 г., меѓу шампионот и машината, видоа голема грешка на машината и очекуваа светскиот шампион да изедначи на 1:1. Сепак, компјутерот „не мислеше така“. Со споменатиот потег, компјутерот ги зачуди сите присутни велемајстори на оваа игра, го доби вториот натпревар и, на крајот, триумфира со севкупен резултат од 4:1.
Весникот „Гардијан“, на 8 септември 2020 година, објави колумна со наслов „Робот го напиша целиот напис. Уште се плашиш, човеку?“ Колумната беше напишана од GPT-3 (Генеративен претходно обучен трансформатор), компјутерски модел што користи машинско учење за да произведе текст што личи на човечки текст. Моделот произведе осум различни есеи. Секој од нив беше уникатен и интересен, подвлекувајќи различни аргументи. Весникот „Гардијан“, наместо да објави еден есеј, за да ги долови различните стилови на вештачката интелигенција, ги одбра најдобрите делови од секој од нив и тој текст го објави во „Гардијан“.
Способноста на GPT-3 да имитира текстови напишани од луѓе, на многумина им изгледа како пресвртница на патот кон вистинската машинска интелигенција и претставува голем чекор кон машините што можат подобро да разбираат и да комуницираат со светот. Минатата година, студентите и професорите на ФИНКИ, во чест на јубилејот „100 години од раѓањето на Блаже Конески“, дизајнираа и обучија машина што пишува како Блаже Конески. Еве една песна генерирана од таа машина: „Ноќеска слушнав песна, / на пуста нива, / во час на самрак, / на шир. / Ноќе в шума капат стреи, / овде е едно брановито море, / далечно и мрачно. / Но колку време мина / како да не бидам тажен. / И час сега болен во душа, / но не можам да барам од тебе чуда“.

На 30 мај 2022 година, националната лабораторија „Oak Ridge“ во САД објави дека е изграден суперкомпјутер што може да пресметува најмалку 10 на степен 18 64-битни операции во секунда. Бројот 10 на степен 18, поточно осумнаесет нули по единицата, или 1000000000000000000, е навистина голем број, па затоа ќе продолжам со пример што ќе биде разбирлив за повеќемина: да замислиме дека сите жители на планетата Земја, поточно 7,9 милијарди луѓе, добиваат молив и список со едноставни аритметички проблеми, понатаму дека тие пресметуваат една операција (решаваат еден проблем) во секунда и дека тоа го прават непрекинато четири и пол години. Суперкомпјутерот, всушност, го прави тоа за една секунда.
Каде се границите на компјутерските науки и вештачката интелигенција? Казуо Ишигуро, добитникот на Нобеловата награда за литература во 2017 година, во едно интервју ќе рече: „Не само што вештачката интелигенција може да напише роман што не може да се разликува од еден роман на Ијан Мекјуан. Мислам дека таа може да произведе нов вид литература на начин на кој модернизмот го трансформираше романот. Затоа што вештачката интелигенција навистина ги гледа работите на поинаков начин“.
Во расказот „Уривање на снегот“ од 1992 година се зборува за „компјутерски генериран универзум што компјутерот го црта на неговите очила и го внесува во слушалките“ – тоа имагинарно место е познато како метауниверзум, и, всушност, се создаде нов збор – метаверзум. Тоа е компјутерски генериран свет, со конзистентен систем на вредности и независен економски систем поврзан со физичкиот свет. Метаверзумот се смета за хиперпросторно-временски и самоодржлив виртуелен споделен простор, кој ги меша физичкиот свет, човечкиот свет и дигиталниот свет. Таму може да се најдат и дигитални слики (или дигитални близнаци) од нас самите. Што ќе се случи кога хиперреалното сликарство и вајарство ќе се здружат со вештачката интелигенција? Како тогаш ќе изгледаат светот и уметничките дела?
Генералното собрание на Обединетите нации, на 2 декември 2021 година, со консензус ја одобри Резолуцијата со која 2022 година се прогласува за Меѓународна година на основните науки за одржлив развој. За жал, веќе подолго време, науката и истражувањето во Македонија не го добиваат вниманието што го заслужуваат, ниту, пак, поддршката што ја има оваа област во други држави. Имено, во Македонија се издвојуваат минимални средства за истражување и иновации, само 0,38 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) во 2020 година, со што се потврдува дека државата заостанува далеку зад земјите од ЕУ27: 2,31 отсто, Бугарија 0,85 отсто, Србија 0,91 отсто, Словенија 2,15 отсто и Хрватска 1,25 отсто.

Веќе споменатиот текст во „Гардијан“ завршува со цитат на Ганди: „Мала група одлучни луѓе со емоции и карактер, разгорени од верата во својата мисија што не згаснува, можат да го променат текот на историјата“, заклучувајќи дека тоа – да ја промени историјата – може да го направи и вештачката интелигенција, поточно: „Тоа го можам и јас“.
Луѓето од и за науката можат и мора да променат нешто во Македонија, но не само во науката и во образованието, па затоа длабоко и искрено верувам дека „група одлучни луѓе со емоции и карактер, разгорени од верата во својата мисија“, што вечно тлее, можат да го пренасочат и текот на историјата на Македонија.