Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, редовно ја објавуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец издвојуваме настани поврзани со македонската историја и со истакнати македонски дејци

2 мај 1903 година – Во селото Смилево, Демирхисарско, почнал Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација (МРО). За претседател на конгресот бил избран Даме Груев. Со овој конгрес завршиле полемиките околу прашањето за Илинденското востание, имено, било решено да се крене востание во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во цела Македонија.

3 мај 1945 година – Народната влада на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета, донела решение за утврдување на македонската азбука. Азбуката првпат била отпечатена во весникот „Нова Македонија“ број 104, на 4 мај 1945 година.

4 мај 1903 година – Загинува Гоце Делчев, македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 век.

4 мај 1903 година – Загинува Димитар Гуштанов, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење и деец на Македонската револуционерна организација. Загинува заедно со Гоце Делчев во борба со турските аскер во селото Баница, Серско. Првобитно Гоце Делчев и Димитар Гуштанов се закопани во заедничка гробница.

4 мај 1912 година – Убиен е Пере Тошев, македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, апостол и совеста на револуционерна Македонија.

9 мај 1947 година – Во Скопје, во Македонскиот народен театар е прикажана првата оперска претстава на македонски јазик – „Кавалерија рустикана“ (или „Селска чест“ како што било запишано на првиот плакат) од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи.

13 мај 1901 година – Македонскиот драматург Војдан Чернодрински ја основа првата македонска театарска група „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растела и се одржале нови гостувања во Бугарија бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила името во „Столичен македонски театар“. По одржувањето и задушувањето на Илинденското востание, новите политички услови на Војдан му овозможиле гостувања во Србија и таму бил пречекан со големи симпатии.

15 мај 1864 година – Роден е Ватрослав Облак, словенечки и австриски лингвист, славист и македонист. Ги проучувал словенечкиот јазик и неговите дијалекти, дијалектите на хрватскиот јазик и македонските дијалекти. Значајно дело е „Македонските студии“ (Macedonische Studien) каде што се обработени македонските дијалекти. Во книгата, Облак на категоричен начин ја побива панонската теорија за природата на старославјанскиот јазик и го докажува вистинското потекло на македонскиот јазик. Аргументите на Облак за земјата на кирилско-методолошкиот јазик се прифаќаат како финални и тоа претставува најзначајното откритие во славистика во 19 век.

18 мај 1925 година – Извршен е масакр во пиринското село Дабница врз месното население од страна на месните чети и приврзаници на Ванчо Михајлов. Од селото повеќе од 300 лица биле насила одвлечени и три месеци, од април до јуни, биле подложени на крвави репресалии, пред очите на месните бугарски државни, административни и воени власти, а еден поголем дел од нив биле и убиени. Како последица на жестоката инквизиција, починале околу 200 души, а поголем број биле интернирани надвор од пиринскиот дел на Македонија. Куќата во која се извршени колежите е претворена во музеј, но по падот на комунизмот во Бугарија во 1989 година, таа е во очајна состојба.

20 мај 1876 година – Во селото Разловци во Македонија избувна Разловечкото востание на македонскиот народ против османлиската војска. И покрај неуспехот на востанието, тоа имаше големо значење за будењето на националната свест и за народноослободителната борба на македонскиот народ.

24 мај 1954 година – Во Скопје, на сцената на скопската опера, е изведена првата македонска национална опера „Гоце“ од композиторот Кирил Македонски.

Д.Ст.