Бугаринот што го посвети својот живот за македонската слобода и државност

Македонскиот таен револуционерен комитет (МТРК) ги формулира своите барања на следниов начин… Полна независност и најширока слобода за македонскиот народ, за да си уреди сам какво што сака управување… При решавањето на тоа прашање, Комитетот не допушта никакво надворешно мешање; тој сака населението само да се изјасни… Мирното турско население… не се смета за непријател… Лишен од секакви шовинистички претензии и патриотски замисли, Комитетот објавува: На сите шовинистички дејства во Македонија, биле тие од Бугари, Грци, Срби или кои и да се други, нашите комитетски работници се должни да противдејствуваат… Во Македонскиот таен револуционерен комитет нема место за… привилегирани членови: нему му требаат искрени и чесни… Луѓето на тој Комитет немаат ништо свое и не можат да кажат тоа е мое. Сѐ што поседуваат: ум, сили, живот и имот, му припаѓа на Комитетот.“ Михаил Герџиков во текот на својата агитација говорел дека борбата ќе биде поткрепена од Македонците, дека борбата ќе биде општа, но забележувајќи дека: „За Бугарија не се говореше, ниту се даваше надеж дека Бугарија ќе ја поткрепи борбата“

ОД БУГАРСКИТЕ ИСТОРИСКИ АРХИВИ: 76 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МИХАИЛ ГЕРЏИКОВ

Денес се одбележуваат 76 години од смртта на Михаил Герџиков, една од најкрупните фигури на македонското револуционерно и национално движење. Во македонската историографија останува запаметен како револуционер и левичар од Бугарија, еден од основачите на Македонскиот таен револуционерен комитет (МТРК), член на Македонската револуционерна организација и деец на ВМРО (Обединета). Како предан борец на македонската кауза и како еден од најблиските соработници и пријатели на македонскиот национален херој Гоце Делчев, својот живот го посветил за слободата на македонскиот народ и македонската државност.
Не случајно е потписник на „Апелот до Македонците во Бугарија“ од 1944 година, во кој меѓу другото било истакнато: „Македонскиот народ водел и води епски борби за своето национално ослободување… Ентузијазмот и самопожртвуваноста на Македонците создадоа херојска епопеја среде револуционерните борби на македонскиот народ – Илинденското востание во 1903 година“.

Убеден анархист и приврзаник на македонската кауза

Роден е во 1878 година, во Пловдив, во семејството на Иван Герџиков, бугарски политичар и општественик. Своето детство го поминал во родниот град, каде што станал фанатичен приврзаник на анархистичките идеи. Како ученик во Пловдивската машка гимназија, формирал анархистички кружок, а во него влегле Стефан Михов, Димитар Жечков, Владимир Икономов, Борис Христов, Петар Манџуков (внук на митрополитот Натанаил Кучевишки и истакнат македонски револуционер), Гаврил Мачев. Групата била под влијание на руската нихилистичка и анархистичка литература, меѓу себе ги споделувале брошурите на Петар Кропоткин и Михаил Бакунин, книгите на Сергеј Степњак и др.
Членовите на пловдивскиот анархистички кружок, како и на други слични кружоци, заминале на студии во Женева. Во последните месеци на 1897 година бил формиран Централниот комитет на Македонскиот таен револуционерен комитет (МТРК). За влијанието на странските револуционерни организации врз МТРК и неговите врски со нив, Михаил Герџиков пишува опширно во своите спомени. Од друга страна, Симеон Радев во своите спомени забележал дека Герџиков одржувал врски со италијанските работници. Членови основачи на МТРК биле: Михаил Герџиков, Димо Николов, Григор Попдочев, Димитар Обштински, Светослав Мерџанов, Кина Генова, Олга Балинова, Тодора Златева, Јордан Калчев, Иванка Ботева, Надежда Добрева и др. По основањето на МТРК била објавена прокламацијата на МТРК до бугарскиот народ со повик активно да ја земе во свои раце македонската кауза, програмата, уставот и заклетвата за членовите.
Во програмата на Македонскиот таен револуционерен комитет било истакнато: „…ние сакаме потполно одделување… на Македонија и Одринскиот вилает од султановата држава; ние сакаме најполна независност и широка слобода за населението… За реализирање на таа цел, Комитетот наоѓа само едно средство: Револуцијата… Македонскиот таен револуционерен комитет ги формулира своите барања на следниов начин… Полна независност и најширока слобода за Македонскиот народ, за да си уреди сам какво што сака управување… При решавањето на тоа прашање, Комитетот не допушта никакво надворешно мешање; тој сака населението само да се изјасни… Мирното турско население… не се смета за непријател… Лишен од секакви шовинистички претензии и патриотски замисли, Комитетот објавува: На сите шовинистички дејства во Македонија, биле тие од Бугари, Грци, Срби или кои и да се други, нашите комитетски работници се должни да противдејствуваат… Во Македонскиот таен револуционерен комитет нема место за… привилегирани членови: нему му требаат искрени и чесни… Луѓето на тој комитет немаат ништо свое и не можат да кажат тоа е мое. Сѐ што поседуваат: ум, сили, живот и имот, му припаѓа на Комитетот.“
Македонскиот таен револуционерен комитет објавил и еден апел, кој бил објавен во весникот „Политичка слобода“. Во споменатиот апел можеме да го прочитаме следното: „Бугарски граѓани и Македонци! Тајниот револуционерен македонски комитет ве повикува кон борба… Што сакаме од вас? – Вашата помош, вашата материјална и морална поткрепа…. Но отворајќи ги своите редови за сите оние вистински, самопожртвувани борци што искрено сакаат да се принесат жртва пред олтарот на македонската слобода, ние високо ќе изјавуваме дека кај нас нема место за оние што во тоа дело бараат шпекулантски сметки и партизански расправии. Нив ги сметаме како опасни непријатели, закоравени народни непријатели еднакво штетни за делото, како Турците и турските власти; и како што се последните, така и со нив ние ќе имаме да разменуваме удари. Да живее македонското ослободително дело! Да живее борбата на угнетените! Да живее револуцијата!“
Герџиков и Слави Мерџанов започнале со издавање на два весника, Герџиков – „Глас на Македонскиот таен револуционерен комитет“, а Мерџанов – „Одмазда“, кој излегувал како орган на македонските револуционери терористи. Весниците биле отпечатени во јули 1898 година, меѓутоа поради недостиг од средства биле отпечатени само во еден број. 

Во редовите на македонското револуционерно движење

Во средината на јули 1898 година, поради недостиг од финансиски средства, МТРК се растурил, а во него останале Герџиков, Ј. Калчев и Манџуков. Од друга страна, Мерџанов и Соколов се вратиле во Бугарија, каде што се обидувале да се снабдат со финансиски средства. Во втората половина на септември 1898 година, Манџуков, Мерџанов и Калчев одделно заминале за Бугарија, со цел да се префрлат во Македонија. Мерџанов заминал кај Димитар Коштанов во Солун, а Манџуков и Калчев во Скопје, со цел да организираат анархистички кружоци во Солунската машка гимназија и Скопската педагошко училиште. Манџуков со себе донел броеви на весникот „Одмазда“, дел од нив му предал на Јордан Шурков, претседател на пловдивскиот анархистички кружок, а преостанатите броеви ги пренел во Скопје. По напуштањето на Женева и враќањето во Бугарија, МТРК престанал да постои.
По оформувањето на МТРК, Внатрешната организација пројавила интерес за оваа група. Гоце Делчев му препорачал на Симеон Радев да стапи во контакт со Герџиков во Женева. Во 1989 година, Герџиков како претставник на МТРК во Софија се сретнал со Гоце Делчев. Според Герџиков, до тој момент двете организации не знаеле за постоењето на едната или другата организација. На оваа средба бил постигнат договор за општа дејност во Македонија. Мора да забележиме дека постои извесна противречност за првите контакти меѓу двете групи. Еден дел од членовите на МТРК ги прифатил принципите на Внатрешната организација и се слеал во нејзините редови, а од друга страна Мерџанов, Соколов и Манџуков воспоставиле сојуз со Борис Сарафов и идеолошки влијаеле врз оформувањето на гемиџиите.
Во 1899 година, Герџиков ги прекинал своите студии во Женева и во есента бил назначен за учител во Битолската егзархиска гимназија, користејќи ја личната карта на социјалистот Тодор Луканов. Една година учителствувал и заедно со Даме Груев бил член на Битолскиот окружен комитет, учествувал во хектографирањето на весникот „На оружје“.

Еден од блиските соработници на Гоце Делчев

Герџиков се зближил со Гоце Делчев и бил еден од неговите блиски соработници. Во своите подоцнежни години, Герџиков запишал: „Кога идниот историчар на македонското националреволуционерно движење ќе ги опише фигурите во него, како оваа на Делчев, тој не ќе може да помине преку околноста дека Гоце бил исклучен од Военото училиште во Софија зашто при претресот му нашле социјалистичка литература; тој не ќе може да го одмине фактот дека за да се внесе револуционерна литература во земјата на султаните Гоце ги издаде анархистичките брошури Речта на Емил Анри, Словата на Етиеван и др.; дека за да се засили револуционерниот кадар во Македонија и Тракија, Гоце Делчев се зближи и најинтимно другаруваше со младежи коишто идеолошки припаѓаа кон таканаречените крајно либерални кругови во однос на националните и социјалните прашања.“
Според Герџиков, не е случајна околноста дека уште во 1898 година Гоце ја привлекува таканаречената Женевска група, ја преведува наполно во редовите на ВМОР организација и, наспроти отпорот на некои конзервативни елементи од Централниот комитет, успева да ѝ го даде оној идеолошки лик на самата организација која веќе се карактеризира не како орудие на бугарскиот империјализам, ами како едно револуционерно движење што се бори за интегрално, политичко и економско ослободување на народите на европска Турција, независно од нивната национална и религиска припадност.
За соработката со Гоце во своите спомени истакнува: „Јас бев приврзаник на една теорија за терор, терор над административните власти во Турција. Тоа мое гледиште Делчев го знаеше; јас бев на тоа мислење уште во Женева, пред да стапам во редовите на Внатрешната организација. Делчев си спомни за тоа мое гледиште и ме помоли да напишам една брошурка за тоа прашање. Немав време за тоа, но имав еден превод на една брошура – Речта на Емил Анри (тој беше фрлил бомби во Париз во една кафеана). Делчев ја издаде печатно таа брошура се средства од Организацијата. Атанас Раздолов си го кладе името како издавач. Целта беше да се подготват одделни терористички кружоци што по своја лична иницијатива ќе преземат терористички акции. Делчев настојуваше јас за заминам сам во Македонија и по градовите да основувам такви кружоци, кои од друга страна да бидат во врска со ЦК…“

Еден од водачите на македонската национална група

Константин Кондов истакнува дека кога дошло до влошување на односите помеѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет, како и судирот помеѓу Иван Цончев и Борис Сарафов, во редовите на македонското движење влегле социјалисти, комунисти и анархисти. Меѓу нив биле Антон Страшимиров, Никола Харлаков, Димо Хаџи Димов, Михаил Герџиков, Павел Делирадев и др. Како поранешен член на Женевската група, анархист по убедување и близок соработник на Гоце Делчев, Герџиков сосема природно се нашол во редовите на левицата. Михаил Герџиков во текот на својата агитација во Одринско говорел дека борбата ќе биде поткрепена од Македонците, дека борбата ќе биде општа. Герџиков исто така забележува: „За Бугарија не се говореше, ниту се даваше надеж дека Бугарија ќе ја поткрепи борбата“.
На 12 јуни 1905 година, Герџиков објавил статија во „Револуционерен лист“, каде што детално ги образложил своите погледи. Според него, организациските чети требало да бидат укинати и заменети со индивидуални апостоли, кои требало да дејствуваат на чисто организациска дејност. Герџиков исто така сметал дека во оние области кадешто Организацијата не била загрозена од вооружените пропагандни чети, требало да се дејствува врз принципот на економска борба против чорбаџиите, чифлигарите и тутунските фирми. Герџиков исто така се залагал за индивидуалниот тероризам како замена за масовното востание. Герџиков иста така сметал дека неуспехот на востанието не се должел само на внатрешните слабости туку и на деморализацијата на врховистите и Борис Сарафов во Организацијата и влијанието на бугарските политички партии и дворот.
Во 1910 година, Павел Делирадев и Михаил Герџиков ја објавиле книгата „Војна или револуција“. Во неа се објавиле против нелегалната борба и четништвото во Македонија и изјавиле дека само едни пријателски односи помеѓу балканските држави, дораснати до федеративни врски, можат да ја умиротворат Македонија. На лозунгот за војна со Турција се спротивставиле со лозунгот за социјална револуција, соборување на бугарскиот цар Фердинанд и управниците.

Доследен на Гоцевите идеали

По војните ги обновил контактите со македонските дејци, но повеќе не играл активна улога во неа. Бил член е на Привременото претставништво на обединетата поранешна ВМОРО, како и основач на Федерацијата на анархокомунисти во Бугарија (ФАКБ) во јуни 1919 година во Софија. Кога во 1923 година бил извршен државен удар, ја напуштил Бугарија и живеел во емиграција – Константинопол, Виена и Берлин. Ја поддржал идејата за создавање на ВМРО (обединета), но во 1928-1929 година, заедно со Георги Занков и група истомисленици, се отцепил како национално револуционерно крило. Во Берлин неколкупати се сретнал со Георги Димитров. Во тоа време одржувал блиски врски со Виенскиот центар на Коминтерната и со надворешното биро на БКП.
Учествувал во помирувачката конференција на ВМРО (обединета) од 1930 година и станал член на ЦК како член на Бирото за надворешни работи. Но по конференцијата се вратил во Бугарија, во 1931 година. Живеел од новинарска и преведувачка работа. Во предвечерието и за време на Втората светска војна 1939 – 1945 година, поради својата напредна возраст, главно се занимава со новинарство. Иако некои од неговите соработници се вклучени во движењето на отпорот, Герџиков останува настрана, иако одржува врски со нив.
Во септември 1944 година е еден од потписниците на „Апелот до Македонците во Бугарија“, во кој било нагласено: „Водени смело од идеолозите на македонската ослободителна борба: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и плејада други борци, илинденци, ја направија бесмртна таа борба и го напишаа на страниците на националреволуционерните движења најголемиот херојски подвиг. Ситуацијата во која беше подготвена, организирана и спроведена националреволуционерната борба бараше цврста увереност и фанатична смелост. Турската власт, иако со јасни признаци на распаѓање, сѐ уште беше силна да се пресметува со македонските борци. Владите на Србите, Грците и Бугарите, кои тогаш постоеја, како спроводници на хегемонистичката политика на Балканот, ги вкрстуваа своите стремежи за присвојување на македонската земја, за поробување и асимилирање на македонскиот народ. За да се отстрани таа опасност, македонскиот народ мораше да ја води борбата самостојно, со сопствени сили и средства, против глутницата шовинисти и завојувачи, управници на балканските држави. Меѓутоа, наспроти неблагопријатните услови, револуционерната енергија на поробените Македонци секогаш се наоѓаше во борбена готовност.“
Починал во Софија во 1947 година.