Даниела Иротова Лазарева, директорка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој
- Во разговорот со директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој беше дискутирано за клучни прашања за иднината на агросекторот: навремената исплата како предуслов за планирање на производството, нормализирањето на процесите со ИПАРД-програмата, новиот модел за набавка на механизација и директната теренска комуникација со земјоделците преку кампањата „Прашај ја Агенцијата“
Платежната агенција под водство на Даниела Иротова Лазарева за само пет месеци расчисти заостанати обврски, исплати над три милијарди денари и постави јасна динамика за субвенции – сигнал дека земјоделската политика добива предвидливост и ред. Во разговорот со директорката беше дискутирано за клучни прашања за иднината на агросекторот: навремената исплата како предуслов за планирање на производството, нормализирањето на процесите со ИПАРД-програмата, новиот модел за набавка на механизација и директната теренска комуникација со земјоделците преку кампањата „Прашај ја Агенцијата“. Лазарева ја нагласува решителноста – нема повеќе незаконски огласи, нема заштитени, туку транспарентност, еднаков пристап и институција што работи за граѓаните, а не обратно.
Владата пресече со слабостите – системот се чисти, поддршката кон земјоделците се засилува, за неполни три месеци се исплатени над три милијарди денари кон земјоделците. По само пет месеци откако сте назначени за прв човек на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, директорке Даниела Иротова Лазарева, дали сте задоволна од динамиката на исплата на државната помош?
– Не бегаме од проблемите – ги решаваме. Кога ја презедов функцијата, затекнав состојба што бараше итна реакција и сериозно расчистување. Дел од слабостите, вклучително и индивидуални злоупотреби, веќе се предмет на постапки. Она што е важно е дека Владата покажа јасна решителност – нема заштитени и нема толеранција за неправилности. Токму таа одлучност ни овозможи денес да зборуваме за резултати, а не за изговори. По одреден период на стагнација, можам да кажам дека со преземање конкретни и навремени чекори, полека, но сигурно го враќаме агросекторот на вистинскиот пат. Нашата цел е јасна – македонскиот земјоделец да може да одговори на потребите на домашниот пазар, но и да има сигурна и навремена поддршка од Владата, која пред сѐ, се обидуваме да биде испорачана во период кога на определен сектор му е најпотребна.
Во тој контекст, за само два и пол месеци се реализирани исплати во износ од над три милијарди денари, што е показател сам по себе и резултат на јасна политичка одлука. Со силна поддршка од премиерот и Владата, за неполни три месеци имаме динамика и обем што не се забележани во минатото. Преку теренската кампања „Прашај ја Агенцијата“ утврдивме дека сточарството е еден од најпогодените сектори. Затоа, во краток рок ги сервисиравме заостанатите обврски кон одгледувачите на овци. Сите ветувања што беа дадени во овој период, како и заостанатите субвенции од Програмата за рурален развој и Програмата за директни плаќања за 2022, 2023 и 2024 година, се исполнети и исплатени кон одгледувачите на овци, а истовремено беа исплатени и субвенциите за 2025 година – што претставува преседан во досегашната пракса. Ова не е случајност, туку резултат на јасна насока: државната помош да стигне навреме таму каде што е најпотребна.
Земјоделците често посочуваат дека најважна им е навремената исплата за да можат да го планираат производството. Се преземаат ли мерки за да се следи во чекор македонскиот земјоделец?
– Апсолутно. Ова прашање го детектиравме како клучно уште на самиот почеток. Еден од првите чекори беше расчистување на заостанатите обврски за 2022, 2023 и 2024 година, особено кон сточарите. Зборувавме директно со нив и реагиравме веднаш. Во координација со Владата, донесен е заклучок со кој се обврзуваме и имаме дадено предлог-календар за исплата на субвенции за сите мерки по Програмата за директни плаќања каде што се утврдува јасна динамика на исплати. Наш приоритет во моментов е, во рамките на расположливиот буџет, целосно да ги расчистиме сите заостанати обврски.
Затоа, со поддршка од Владата, веќе работиме на воспоставување календар за исплата на субвенции за 2027 година. Од 2027 година, целта е да воспоставиме официјален календар за исплата на субвенции – нешто што земјоделците го бараат со децении. Тоа ќе донесе предвидливост и ќе овозможи подобро планирање на производството.
Затекнавте лоша состојба по случувањата во агенцијата, пред сѐ поврзани со проекти финансирани преку ИПАРД-програмите. Сега имаме застој во финансирањето од страна на ЕУ. Што се случува и кога може да очекуваме да се одблокира овој процес?
– ИПАРД не е блокиран поради системот – туку поради поединци. ИПАРД-системот функционира, поединците одговараат. Во однос на ИПАРД, важно е да се каже вистината: не станува збор за системски проблем, туку за изолиран случај за кој веќе има постапка. Во однос на ИПАРД, важно е да се направи разлика – системот не е проблемот. Проблемот беше поединечен случај, кој сега има институционален одговор. Максимално сме посветени на нормализирање на процесот. Во изминатиот период имаше интензивна комуникација со европските институции, вклучително и посета на висока владина делегација во Брисел.
Ги исполнивме сите поставени обврски, направени се дополнителни контроли, ревизии и проверка на сите предмети што се одобрени, но и на тие што се одбиени од претходниот директор и јасно укажавме дека станува збор за изолиран случај, за кој веќе се води соодветна постапка. Она што е клучно е дека системот функционира – сите апликации се обработуваат, контролите на терен се одвиваат непречено, а реализацијата на одобрените проекти продолжува без застој. Забраната за исплата на доспеаните барања за исплата за реализирани инвестиции сѐ уште трае, но како агенција доставивме детална информација до Владата за во рамките на расположливите средства во националниот буџет да почнеме да ги исплаќаме барањата на кои им се поминати сите законски рокови за исплата со средства од буџет, кои по кревање на блокадата ќе се рефундираат во буџетот.
Во наредниот период не очекуваме дополнителни насоки од страна на европските институции и се надеваме на брзо одблокирање и продолжување со објавување нови повици. Сите обврски кон европските партнери се исполнети, процесите во агенцијата течат без прекин, вклучително и процесите за акредитација на нови мерки, а очекуваме и формално нормализирање на ситуацијата во најскоро време.
Како земјоделците можат да стапат во контакт со агенцијата и да добијат поддршка?
– Агенцијата е на терен – проблемите се решаваат таму каде што се појавуваат. Агенцијата е целосно отворена за комуникација со земјоделците. Токму затоа ја започнавме кампањата „Прашај ја Агенцијата“, со која сме директно присутни на терен во сите земјоделски региони. Не чекаме земјоделците да дојдат кај нас – одиме ние кај нив. На теренските средби ги информираме земјоделците за новата Програма за директни плаќања и Програмата за рурален развој за 2026 година – за тековните мерки, новите критериуми, прагови и начинот на аплицирање. Целта е секој земјоделец јасно да знае на што има право и како најлесно да го оствари.
Но овие средби не се само информативни. Со нас е присутен проширен тим од сите сектори во агенцијата – од одобрување, контрола до исплата. На самото место се отвораат конкретни случаи, се проверуваат податоците во системот и се решаваат проблеми поврзани со веќе поднесени апликации, во рамките на законските можности. Овој пристап значително ја поедноставува постапката за корисниците и ја намалува потребата од дополнително административно оптоварување.
Тоа е суштинската промена што ја воведуваме – институција што не е затворена во канцеларии, туку е присутна на терен и работи директно во интерес на граѓаните. Тоа е нов пристап: институција што работи за граѓаните, а не обратно.
Има голем број реакции за поништените огласи за тракторите, механизацијата и за земјоделските задруги. Зошто се поништени овие огласи и дали се планира промена во распределбата на средствата за набавка на нова механизација од програмата за рурален развој за земјоделците и земјоделските задруги?
– Нема повеќе незаконски огласи – следува фер модел за набавка на трактори и механизација и поддршка на земјоделските задруги. Поништувањето на огласите беше неопходен и одговорен чекор за да се стави крај на неправилностите. Утврдивме сериозни неправилности при нивното распишување, односно неусогласеност со законските прописи, како и со европските регулативи. Дополнително, при објавувањето на јавните повици не биле целосно почитувани критериумите од Програмата за рурален развој 2021–2027 (ИПАРД), особено во делот на разграничување и комплементарност со мерките финансирани од ИПАРД со националната политика. За овие пропусти ќе се утврди и соодветна одговорност. Но ова не е само корективна мерка – ова е пресврт во пристапот.
Се разработуваат неколку сценарио од кое најреално и најприфатливо би требало да биде државата да врши набавка и да им ги доделува механизацијата и тракторите на земјоделците. Работиме на нов модел што ќе биде поедноставен, поправеден и отпорен на злоупотреби. Една од најсериозно разгледуваните опции е државата централизирано да ја врши набавката на трактори и механизација, а потоа транспарентно да им ги доделува на земјоделците и задругите.
Со ваков пристап: се поедноставува постапката и се намалува административниот товар за земјоделците, се елиминираат можностите за злоупотреби и неформални плаќања, се спречува практиката механизацијата да се набавува со субвенции, а потоа да се препродава по истекот на обврзувачкиот период и – најважно – се обезбедува еднаков пристап за сите гранки од земјоделскиот сектор наместо селективност каква што имавме претходно.
Нашата цел е јасна: транспарентен, праведен и ефикасен систем во кој механизацијата ќе заврши кај оние на кои навистина им е потребна. Новиот модел ќе гарантира транспарентност и еднаков пристап за сите гранки во земјоделството, со што ќе се спречат злоупотребите што беа детектирани во самата документација и реакциите на терен. Тоа е јасна порака: нема повеќе простор за импровизации и злоупотреби, започнува период на ред, еднаквост и одговорност. Исто така, новиот модел ќе овозможи да бидат опфатени сите релевантни сектори, вклучително и земјоделските задруги, кои досега не беа соодветно третирани.































