Премиерот Христијан Мицкоски најави нови мерки за справување со нафтената криза, истакнувајќи дека Владата паралелно се соочува и со последиците од наследените долгови и економски предизвици.
Во интервју за ТВ Сител, тој посочи дека актуелната криза е посериозна од претходните, повикувајќи се на оценки на Меѓународниот монетарен фонд и Светска енергетска агенција. Според него, државата се наоѓа меѓу водечките во Европа според обемот на мерки во однос на бруто-домашниот производ.
Мицкоски направи споредба со кризата од 2022 година, нагласувајќи дека тогаш инфлацијата била над 10 проценти, додека сега се движи меѓу 4,5 и 4,9 проценти.
Тој призна дека животниот стандард е тежок, но потенцираше дека таквата состојба е присутна и во развиените европски земји како Германија и Австрија, каде цените на горивата се значително повисоки.
Премиерот истакна дека разликата во куповната моќ меѓу земјава и европските држави се намалува, што, според него, е резултат на владините економски политики. Како дополнителни показатели ги наведе растот на платите од 7,5 проценти, намалувањето на буџетскиот дефицит и континуираниот економски раст.
Осврнувајќи се на критиките од јавноста, Мицкоски рече дека тие се оправдани и дека Владата ќе продолжи да работи со трпение и фокус на подобрување на стандардот.
– Ќе има дополнителни мерки, иако буџетот веќе е значително оптоварен – истакна премиерот, додавајќи дека и покрај предизвиците, цените на горивата во земјава се пониски во однос на соседството.






























