Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека Арбен Фетаи повеќе нема да ја извршува функцијата министер за добро владеење и транспарентност, најавувајќи дека претстојната реконструкција на Владата најверојатно ќе се реализира кон крајот на мај или почетокот на јуни.
Мицкоски откри дека одлуката следувала по директен разговор со Фетаи, кој најавил дека во иднина нема да биде дел од владата и планира да се врати во Брисел. Премиерот оцени дека неговото искуство и контакти во европските институции би можеле да бидат искористени, вклучително и преку евентуален ангажман како специјален пратеник во рамки на Европски парламент.
Во однос на владината реконструкција, Мицкоски посочи дека во моментов е фокусиран на внатрешната реорганизација на ВМРО-ДПМНЕ, по што ќе следуваат разговори со коалициските партнери за евентуални промени.
Тој најави можни ротации на ресори и промени на одредени кадровски решенија, нагласувајќи дека процесот ќе биде сеопфатен и базиран на анализи.
– Ќе има промени, тоа е факт – изјави премиерот, додавајќи дека конечните одлуки ќе бидат донесени по завршувањето на внатрешната партиска организација.
































