Кризите ги нарушуваат синџирите на снабдување, државите мора да се грижат за производството на храна
- Новиот конфликт на Блискиот Исток исто така има голем одраз врз снабдувањето и протокот на нафта за целиот свет, поради што се
стравува дека цените на многу продукти во светот ќе се зголемат со растот на цените на нафтата - Фактот дека увезуваме различни типови на храна само говори дека нашата зависност од увоз расте од година на година и дека ова мора да
биде „предупредувачка“, но и пресвртна година кога станува збор за производството на храна - Поранешниот професор од Земјоделскиот факултет во Штип Илија Каров за „Нова Македонија“ објаснува дека се потребни инвестиции во
инфраструктурата, но и мерки за поддршка на земјоделците, на самите производители, кои ќе го направат производството на храна поисплатливо
Македонија троши 1,13 милијарда евра само за увоз на храна и живи животни, со што сумата постојано се зголемува од година на година. Наспроти ваквиот факт, светот во последните години се соочува со кризи што се одразуваат директно врз цените на храната на светските берзи. По пандемијата на ковид-19, која сериозно ги разниша синџирите на снабдување, по која беа потребни месеци за стабилизација, крајниот удар беше врз џебовите на граѓаните низ светот. Цените забрзано растеа по кризата, но истото тоа се случи и по избувнувањето на војната во Украина, иако оваа војна имаше посилен одраз врз цените во околината, како Европа и Азија, сепак и овој конфликт на крајот го чувствуваат сите. Новиот конфликт на Блискиот Исток исто така има голем одраз врз снабдувањето и протокот на нафта за целиот свет, поради што се стравува дека цените на многу продукти во светот ќе се зголемат со растот на цените на нафтата.
Увезуваме храна што некогаш сами ја произведувавме
Податоците на Државниот завод за статистика откриваат дека изминатата година најмногу сме увезувале месо и преработки од месо, за што лани биле потрошени 245,6 милиони евра. За увоз на зеленчук и овошје сме потрошиле 179,5 милиони евра, за разни производи за исхрана 156,2 милиони евра, за жита и преработки од жита 151 милион евра, за кафе, чај, какао и зачини 137 милиони евра, а за млечни производи и јајца 119,7 милиони евра. Минатата година сме потрошиле 56 милиони евра за увоз на шеќер, преработки од шеќер и мед, 46 милиони евра за добиточна храна и 34 милиони евра за риби и ракови и мекотели и нивни преработки.
Фактот дека увезуваме различни типови на храна само говори дека нашата зависност од увоз расте од година на година и дека ова мора да биде „предупредувачка“, но и пресвртна година кога станува збор за производството на храна. Во нашата земја некогаш се произведувале голем дел од хранливите продукти што денес ги увезуваме. Да биде парадоксот поголем, дури сме имале и препознатливи земјоделски продукти, кои денес речиси се исчезнати.
Нема замена за домашното производство
Што може да придонесе за поголемо домашно производство на хранливи продукти е честа тема, но, за жал, и покрај многубројните анализи, трендот на намалување на производството низ годините продолжува. За експертите што долги години се дел од научната фела во областа на земјоделството, а некои од нив и учесници во производството, развојот на оваа гранка и поттикнувањето на домашното производство воопшто не се едноставен, лесен и брз чекор.
Поранешниот професор од Земјоделскиот факултет во Штип Илија Каров за „Нова Македонија“ објаснува дека земјоделството е гранка што многу зависи од надворешните временски влијанија, но тоа воопшто не значи дека човекот не може да дејствува, туку, напротив, дека има простор за подобрување на состојбите.
– Земјоделството како гранка зависи од временските услови и тоа не можеме да го промениме. Сепак, Македонија има поволни временски услови и ние мора да бараме начини да го поттикнуваме домашното производство, и тоа најпрво да ги задоволиме домашните потреби, а потоа да остане и за извоз – објаснува Каров.
Според него, земја што не произведува доволно за сопствени потреби води погубни политики. Тој додава дека на секторот му се потребни инвестиции во инфраструктурата, но и мерки за поддршка на земјоделците, на самите производители, не само мерки за обнова на трактори, туку мерки што ќе го направат производството поисплатливо.
Ниски откупни цени
Професорот Каров потенцира дека изминативе години биле водени лоши политики во земјоделскиот сектор и дека веќе е крајно време да се преземат конкретни чекори што ќе бидат јасен сигнал за поддршка на земјоделците, кои, како што истакнува, се најзначајна алка во синџирот на производство на храна.
– Еден проблематичен сегмент што создава револт кај земјоделците се трговците, откупувачите на земјоделски култури. Тие секогаш се обидуваат да ги купат продуктите по многу пониски цени, дури и под производствените трошоци на земјоделците, и тоа создава револт кај земјоделците, а поради недоволно финансии голем дел од нив се откажува од земјоделството. Не успеваат да ги покријат трошоците за производство, остануваат должни во земјоделските аптеки, но немаат ниту средства за нормален живот. Ова е состојба кај најголем дел од земјоделците, единствено мислам дека состојбите се подобри кај тутунопроизводителите – објаснува Каров за „Нова Македонија“.
Професорот нагласува дека надлежните во секторот треба да преземат конкретни мерки, кои ќе бидат ригорозни и кои ќе бидат насочени кон поддршка на земјоделците. Тој појаснува дека сегашните откупни цени за поголем дел од културите се ниски и дека не се покриваат трошоците на земјоделците, што влијае демотивирачки врз земјоделците, поради што се намалуваат и земјоделците и обработливите површини земја.
– Ако производството не се исплати, тогаш земјоделците се откажуваат од производство. Откупните цени се ниски, не ги покриваат трошоците и тоа е најголемиот проблем, со пораст и подобрување на состојбите со откупот на земјоделските култури ќе се врати и интересот за обработка на земја – нагласува Каров.
Е.Р.































