Кинескиот железнички систем, особено брзата железничка мрежа, забележа брз развој во последните 15 години

Според националниот план, наскоро ќе биде претставен понапреден супербрз воз „ЦР450“, со максимална работна брзина од 400 километри на час и експериментална брзина до 450 километри на час

Kина воведува нови стандарди во железничкиот сообраќај

Кина го започна проектот за иновации на науката и технологијата за развој на уште побрз воз, изјави национален политички советник. Според националниот план, наскоро ќе биде претставен понапреден супербрз воз „ЦР450“, со максимална работна брзина од 400 километри на час и експериментална брзина до 450 километри на час, како што изјави Џао Хонгвеи, главна истражувачка на Кинеската академија на науките за железници и членка на 14-от национален комитет на Политичката консултативна конференција на кинескиот народ. Џао исто така истакна дека дотогаш кинеската железничка мрежа ќе биде проширена на 165.000 километри, од кои 50.000 километри ќе бидат за брзи возови. Според неа, напорите за истражување и развој на супербрзиот воз се наведени во 14-от петгодишен план на Кина (2021-2025 г.).
Џао го предводеше развојот на првиот домашно произведен кинески супербрз воз познат како „Фуксинг“. Во споредба со тешкотиите со кои се соочиле истражувачите при развивањето на првата генерација на возот „Фуксинг“, предизвиците со кои се соочуваат сега не се сосема исти. На пример, нивото на бучава на возот што патува толку брзо е за три децибели повисоко од нивото на возот што се движи со 350 километри на час, што е исто толку брзо колку што сообраќаат сегашните брзи возови во Кина. Џао смета дека намалувањето на бучавата на новите возови е важно за удобноста на патниците.
Таа е уверена дека новиот супербрз воз ќе биде напреден меѓу своите врсници во светот кога ќе го има своето деби. Таа исто така повика на подобрување на стандардниот систем за железници и промовирање меѓународно заемно признавање на сертификацијата за безбедност на системот. Џао истакна дека стандардот е важна основа на националниот социоекономски развој, а исто така и суштински елемент на индустрискиот развој.

Меѓународни сертификати и стандарди

Со брзиот развој на железницата во земјата, Кина изгради стандарден железнички систем. За да се промовира висококвалитетниот развој на индустријата, според Жао, неопходни се дополнително зајакнување и подобрување на стандардниот систем и формулирање на стандардите во соодветните области.
Со развојот на иницијативата „Појас и пат“, железничките производи на Кина се фаворизирани од многу земји. За да се продаваат возови во некои европски земји, потребни се повеќе сертификати, што чини време, пари и човечки ресурси и влијае на понудата. Повторливите сертификати исто така ги оптоваруваат претпријатијата. Затоа Џао смета дека стандардниот систем и сертификатите треба да бидат меѓународно признаени.

Силно развиена железничка мрежа

Кина работи на подобрување на стандардниот железнички систем. Лани два меѓународни стандарди за дизајн на брза железничка инфраструктура и снабдување со електрична енергија, кои главно беа подготвени и развиени од Кина, беа објавени од Меѓународната унија на железници, покажувајќи го придонесот на нацијата во промовирањето на интернационализацијата на стандардите за брзи железници, според Кинеското државно железничко претпријатие.
Кинескиот железнички систем, особено брзата железничка мрежа, забележа брз развој во последните 15 години. До крајот на минатата година, кинеската железничка мрежа опфати 155.000 километри, од кои 42.000 километри се брзи железници, што претставува повеќе од две третини од брзите железници во светот. Според Кинеското државно железничко претпријатие, Кина ги разви најсеопфатните технологии и го има најбогатото искуство за управување со железницата во светот. Со значителен напредок и големи откритија постигнати за кратко време, Кина е на првото место на светско ниво во однос на обемот на нејзината брза железничка мрежа што е во функција или во изградба.