Претседателката Гордана Силјановска Давкова порача дека парламентарната дипломатија има клучна улога во зачувувањето на мирот и стабилноста, особено во услови на засилени глобални предизвици.
Обраќајќи се на Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива во Собранието, таа изрази загриженост за нарушената рамнотежа меѓу трите власти и ослабената контрола врз извршната власт.
– Парламентите денес ја немаат улогата што треба да ја имаат, додека извршната власт станува сè помоќна. Ова отвора простор за авторитарни тенденции – истакна Силјановска Давкова.
Според неа, меѓународните односи не треба да бидат исклучиво во рацете на владите, туку и на парламентите како легитимни претставници на граѓаните.
Таа нагласи дека парламентарната дипломатија има незаменлива улога во градењето доверба и дијалог, потенцирајќи дека парламентите се „школи на демократијата“ каде се негува политичката култура.
Претседателката повика и на длабоки реформи во Европска Унија и Обединети нации, оценувајќи дека тие се соочуваат со нови безбедносни предизвици.
Осврнувајќи се на евроинтеграциите, таа истакна дека е време за преиспитување на пристапот на ЕУ кон проширувањето и дека Унијата не е комплетна без Западен Балкан.
– Време е за политичко „удомување“ на Западен Балкан во европското семејство – порача Силјановска Давкова.
Таа нагласи дека проширувањето денес има и безбедносна димензија, бидејќи регионот може да придонесе за отпорноста на Европа кон надворешни влијанија.
Во рамки на конференцијата, на панелот за парламентарна дипломатија се обратија и Африм Гаши, Џовани Кастеланета, Зоран Димитровски, Ризван Сулејмани и Драгана Бојковска.

































