По државјанствата, клубовите и барањето за вклучување на бугарското малцинство во Уставот, сега Бугарија се обидува да воспостави и изборна инфраструктура во земјава, која во никој случај не одговара на реалните потреби на гласачите што сакаат да гласаат на бугарските избори, туку е намерно предимензионирана за да се создаде впечаток дека во земјава има огромно бугарско малцинство. Австрија веќе ѝ испрати порака на Софија дека нема да дозволи на нејзина територија да се отвораат гласачки места надвор од дипломатско-конзуларните претставништва
Бугарското МНР бара отворање изборни места во Прилеп и Кавадарци за парламентарните избори во Бугарија во април
Отворањето голем број бугарски клубови и здруженија во земјава, инсистирањето на заедничко чествување на сите поважни датуми од македонската историја, интервенциите во образованието, како и директниот надзор на официјална Софија врз преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, недвосмислено упатуваат на само еден заклучок, дека на македонскиот народ уште еднаш му се повторува историјата, односно дека во 21 век е жртва на асимилација од соседна Бугарија.
Она што секому треба да му биде јасно, е тоа дека асимилацијата е долгорочна стратегија што нема да се случи денес или утре или, пак, за пет години, туку се работи за процес со кој ќе се индоктринираат новите генерации Македонци. Затоа е целата операција со интервенциите во образованието, со немањето учебници, за да излезат што повеќе осакатени генерации што многу полесно ќе се моделираат во согласност со трендовите што ги наложува источниот сосед. Во нивните учебници ќе биде исфрлен македонизмот, Народноослободителната војна (НОВ) ќе загуби секаква смисла бидејќи во согласност со бугарскиот концепт нема да се знае против кого се бореле македонските партизани за време на Втората светска војна, а од друга страна, ќе се турка идејата дека некој насила ја откорнал Македонија од прегратките на Бугарија и ја држел во заложништво речиси половина век во рамките на поранешната југословенска федерација.
Во таа насока е и инсистирањето на официјална Софија за внесување на Бугарите во македонскиот устав, со што од Пандорината кутија што Македонија веќе ја отвори со Преспанската спогодба, којзнае уште колку други работи ќе излезат што ќе ги побара Бугарија. А тие барања веќе таксативно се наведени во нивната декларација усвоена во бугарското народно собрание во 2019 година.
По државјанствата, клубовите, барањето за вклучување на бугарското малцинство во Уставот, сега Бугарија се обидува да воспостави и изборна инфраструктура во земјава, која во никој случај не одговара на реалните потреби на гласачите што сакаат да гласаат на бугарските избори, туку е намерно предимензионирана за да се создаде впечаток дека во земјава има огромно бугарско малцинство.
Креирање лажна слика дека Македонија е Бугарија
Судејќи според бројките од минатите избори во 2021 година, на седум избирачки места во Македонија одвај гласале околу 650 луѓе, што е далеку од очекувањата на бугарските власти, кои оперираат со бројки од над 100 илјади Бугари во земјава.
Неодамнешната најава на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија дека ќе предложи да се отворат гласачки места во Кавадарци и Прилеп за предвремените парламентарни избори закажани за 2 април крие една многу посуптилна порака што официјална Софија сака да ја испрати, пред сè, до Европа, дека во земјава живеат огромен број Бугари што сакаат да одлучуваат за политичката иднина на Бугарија и токму затоа оваа земја инсистира на голема гласачка мрежа во Македонија, иако вистинскиот обем можат да го задоволат без никаков проблем и Амбасадата во Скопје, како и Конзулатот во Битола.
Австрија веќе ѝ испрати порака на Софија дека нема да дозволи на нејзина територија да се отвораат изборни места на кои бугарските државјани ќе можат да го остварат правото на глас на изборите на 2 април, јасно посочувајќи дека тоа ќе можат да го прават исклучиво во дипломатско-конзуларните претставништва, што е вообичаена практика.
Отворањето несразмерен број изборни места низ Македонија, покрај креирањето лажна перцепција за бројноста на Бугарите во земјава, има и друга цел, да се искористи евентуален изборен инцидент на денот на гласањето за повторно да се обвини Македонија за насилства и системска дискриминација врз Бугарите во земјава.
Гласањето надвор од амбасадите е загрозување на територијалниот интегритет
Познавачите на состојбите со кои се консултира весникот сметаат дека нема потреба од толкав број избирачки места и дека се доволни дипломатско-конзуларните претставништва во земјава за опслужување на сите оние што ќе изразат желба да гласаат на предвремените избори во Бугарија.
– Апсолутно има заднина во сето ова што го прави официјална Софија, вклучувајќи го и ова сега со барањето за отворање изборни места на кои би гласале македонските Бугари на изборите во Бугарија. Тие од петни жили се трудат да докажат дека Македонија, всушност, е Бугарија и ги користат сите можни средства и начини да го прават тоа – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Тој смета дека бројот на македонските Бугари не е толкав за да има потреба да се отвораат дополнителни гласачки места.
– Сите тие што се чувствуваат како Бугари можат да си гласаат во Амбасадата во Скопје или во Конзулатот во Битола. Не станува збор за голема бројка и тоа може без никаков проблем да се одвива на овие места. Македонија не е голема, така што Скопје и Битола ќе ја покријат целата територија – истакнува Јањатов.
Водејќи се од своето долгогодишно дипломатско искуство, како и од практиките на гласање во странство, тој смета дека македонските власти не треба да дозволат дополнително зголемување на бројот на гласачките места.
– Ако нашите власти им го дозволат тоа, тогаш Македонија станува како нова изборна единица во рамките на Бугарија. Категорично сум против отворање дополнителни избирачки места, Македонија нема обврска да го прави тоа. Две избирачки места се апсолутно доволни – потенцира Јањатов.
Според него, ако се дозволат толку избирачки места, постои опасност од инциденти, но и од изборни манипулации.
– Не само инциденти туку можни се и изборни манипулации. Тие ќе трансферираат таканаречен „бугарски воз“, ќе донесат гласачи и на тој начин ќе можат да манипулираат со изборите. Амбасадата и конзулатот колку-толку се под некаков надзор и можат да се контролираат, но другите избирачки места тешко дека некој ќе ги контролира – заклучува Јањатов.
За поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски оваа работа од страна на Бугарија е провидна и целта е повеќе од јасна.
– Пораката што треба да се прати е дека секаде во Македонија живеат Бугари, тие се многубројни, многу се репресирани, а матицата мајка сега им пристапува во пресрет. Провидно е сето тоа – вели Боцевски.
Според него, треба да реагира и македонската држава и да не дозволува нарушување на територијалниот интегритет.
– Ова е суверена земја и тука треба да гласаат само нашите државјани, а сите други во дипломатско-конзуларните претставништва. Македонија не е Бразил, САД или Канада, па да не можат граѓаните да стигнат од една до друга страна на државата. Тој што сака да гласа, нека гласа, но се знае каде треба да го направи тоа – категоричен е Боцевски.