Белгискиот првак Бриж, кој е во слаба форма и во домашното првенство, секако ќе има пеколно тешка задача на гостувањето во Лисабон, а и Челси го очекува неизвесен реванш-натпревар во Лондон, во анулирањето на негативата од еден гол против бундеслигашот Борусија Дортмунд

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Екипите на Бенфика и на Борусија Дортмунд стекнаа предност по првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ), откако Португалците славеа со 2-0 на гости против белгиски Бриж, додека германскиот вицепрвак минимално со гол предност беше подобар пред своите бучни навивачи од англискиот премиерлигаш Челси. Белгискиот првак, кој е во слаба форма и во домашното првенство, секако ќе има пеколно тешка задача на гостувањето во Лисабон, а и Челси го очекува неизвесен реванш-натпревар во Лондон, во анулирањето на негативата од еден гол против бундеслигашот Борусија. А, кој ќе оди во четврт-финалето ќе биде познато на 7 март, кога и се закажани реванш-средбите на стадионот „Луж“ во Лисабон, односно на „Стемфорд бриџ“ во Лондон.
Головите за Бенфика ги постигнаа играчот од средниот ред Жоао Марио, од пенал во 51-та минута, а во 88-та победата ја потврди бразилскиот напаѓач Давид Нерес. Португалците со овој триумф само потврдија дека можат да бележат победи и без играчот за врска, Аргентинецот Енцо Фернандез, кој во зимскиот преоден рок премина во Челси.
Борусија Дортмунд, пак, на својот стадион „Сигма Идуна парк“ славеше со прекрасниот погодок на напаѓачот Карим Адејеми во 63-та минута. Младиот германски фудбалер (21) со брза контра од средината на теренот успеа да го мине како „брз воз“ Енцо Фернандез, а потоа и шпанскиот голман Кепа Арисабалага, и да ја пласира топката во празната мрежа, за голема еуфорија на домашните навивачи, кои и на овој натпревар, како и многупати претходно, направија извонредна кореографија на трибините.
– Адејеми е исклучително брз фудбалер. Кога ќе ја добие топката во ситуација еден на еден, тој е просто незадржлив. Малку играчи во светот можат да го запрат кога е во брз налет. Тешко му беше на стартот кога дојде од австриски Салцбург, но сега едноставно „лета“ на теренот – не го криеше своето задоволство по остварениот успех капитенот на „жолто-црните“, англискиот интернационалец Џуд Белингем.
Челси во финишот на натпреварот се закани со неколку шанси за израмнување преку Сенегалецот Калиду Кулибали и Фернандез, но швајцарскиот голман Грегор Кобел успеа да ги одбрани нивните тешки удари, а со тоа и победата на својот клуб. Г.И.


Осминафинале, први дуели

ПСЖ – Баерн М. 0-1
Милан – Тотнем 1-0
Бриж – Бенфика 0-2
Борусија Д. – Челси 1-0
Ајнтрахт – Наполи 21 февруари
Ливерпул – Реал М. 21 февруари
Лајпциг – Манчестер С. 22 февруари
Интер – Порто 22 февруари