Во Македонија празникот Водици најмасовно се прославува во Скопје и во Охрид, кога илјадници верници присуствуваат на осветувањето на водите. Верниците влегуваат во водата за да го земат светиот крст. Откако водата ќе биде осветена, граѓаните масовно полнат од осветената вода, за која се верува дека освен што е благословена, таа е и лековита и носи здравје, среќа и бериќет

„Бог се јави – вистина се јави“ е воскликот со кој верниците на 19 јануари секоја година го честитаат празникот Богојавление-Водици. Се прославува во сите земји што имаат православно христијанско население. Тој настан веќе два милениума е причина зошто христијанските народи, меѓу кои и православните Македонци во татковината и во светот, на најсвечен начин го одбележуваат празникот Богојавление. Меѓутоа, факт е дека во некои краеви во Македонија овој празник се прославува со други обичаи. „Нова Македонија“ се обиде да дознае што е можно повеќе од нив и да ги претстави.

Почнува животот во верата

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Оттогаш крштевањето се слави како духовно раѓање и почеток на човековото живеење во верата. Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Затоа и за секој православен верник е чест да се извади крстот од водите на реките или езерата во земјава, особено кога тоа се прави во голема конкуренција на капачи. Богојавление се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството.
Според теолозите, крштевањето значи и духовно раѓање, односно со самиот чин на крштевање почнува живеењето на човекот во верата.
– Со овој празник завршуваат дванаесетте некрстени дена, како и циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат прославувањата на Бадник, Божиќ, Нова година и на Василица – објаснуваат теолозите.
Традицијата на спуштањето на крстот во водите датира уште од времето кога патријархот ги осветувал водите на Босфор во Константинопол, денешен Истанбул. Тој го спуштал крстот со јаже или со конец, за да ги освети водите, а потоа си го повлекувал назад. Верниците му предложиле наместо да го враќа назад крстот со јажето, тие да му го даваат од водата и на тој начин да испросат благослов.

Битуше има најинтересна прослава за Водици

Тоа по што Битуше најмногу се разликува од другиот христијански свет се Женски Водици и токму тука, всушност, жените и младите девојки се тие што го прават празникот посебен. Прославата започнува уште на 31 јануари, на Св. Атанасиј, кога новите кумови свечено даваат збор дека тие ќе бидат носители на кумството. Првите адети почнуваат толку рано, речиси цела година однапред, за кумовите да имаат време да се подготват.
За тој период од една година, новите кумови се обидуваат да соберат што е можно повеќе жени и девојки, наречени кумстарки, па прават списоци на жени што ќе бидат дел од нивните ора. Тие со месеци однапред ги канат и таксаат да бидат дел од нивното оро.
Оние посериозните подготовки започнуваат ноќта спроти Василица, на православна Нова година. Само што ќе наврши полноќ, една млада невеста или девојка чии родители се живи, облечена во свечена невестинска облека, во две стомни полни вода на една од селските чешми, а на враќање крши три гранчиња од дрен, кои ги става во стомните со вода. Се верува дека на тој начин ја „дреносува“ водата во стомните и на тој начин кумовите, и старите и новите, ќе бидат здрави како дрен, а нивните куќи цврсти како ова дрво.
Со водата од стомните, која се стоплува, младата невеста или девојка замесува пет леба, а потоа жените на новите кумови, наречени месарии, ги замесуваат другите лебови со кои ќе се пречекаат гостите на празникот. Во минатото се меселе и печеле повеќе од сто погачи, за да има за целото село. Сега, во модерните времиња, се нарачува леб, но традицијата останала, па првите пет ги замесува невеста или млада девојка.
Во минатото во ова село имало само еден крст, па бидејќи се случувало никој да не биде кум, одлучиле да има два крста, односно две куќи што ќе бидат кумови наредната година. Па, така, на 17 јануари, луѓето се подготвуваат да го испратат крстот од домовите на минатогодишните кумови. Овој адет се прави секогаш по заоѓањето на сонцето. Тогаш гостите одат кај кумовите на свечена вечера, а жените се облечени во носии и стојат на спротивни страни во куќата, каде што сукаат црвено бела врвца. Со неа се врзува босилек на крстот, кој, пак, на бела крпа се става на чело на масата.
Сега веќе сите го даруваат крстот, а потоа тој се носи во Бигорскиот манастир, каде што престојува цела ноќ во котел полн со вода. За тоа време свештено лице го опева. Утредента наутро кумовите со крстот и светата вода се враќаат во селото, ги посетуваат старите кумови, па нивните куќи и куќите на сите други селани. Во секоја куќа е наместена посна софра, а кумовите ја осветуваат секоја куќа прскајќи ја со водата. По завршувањето на овој обичај, крстот се остава во селската црква, а вечерта новите кумови пречекуваат гости со кошници.
Утрото на Водици селаните се будат рано, а кумстарките ги облекуваат свечените облеки. Жените што добиле улога да посетуваат куќи ги опеваат мажите, а откако целото село ќе се собере на литургија, сите тргнуваат кон реката. Крстот се фрла во селската река и по него скокаат млади момчиња од селото, а се верува дека тој што ќе го фати крстот, со него ќе ја има господовата молитва.
По фаќањето, крстот се носи во црквата, а по него тргнуваат кумовите, поточно кумстарките од двете куќи, со кошници на глава, наместени по возраст и сродство со кумовите. Напред се најстарите мажени жени, а по нив по возраст и другите девојки. Формираат Јованово оро и пеат. Вртат круг околу црквата толку колку што има мажи во куќата.
Потоа делат од месените лепчиња, по што кумстарките заминуваат во црквата да го земат крстот, кој го добиваат од попот во бела марама. Потоа го носат во домовите и се поставува пред икона. Прво седнуваат да се нагостат кумстарките, а по нив мажите.

ДРУГИ ОБИЧАИ И ВЕРУВАЊА

Македонија како земја со многубројни обичаи и традиции, за Богојавление има и народни верувања кон кои некои од верниците строго се придржуваат.
Па, така, ноќта спроти Водици сите немажени девојки треба да стават огледалце под перницата, за да го сонуваат човекот за кој ќе се омажат. Исто така се верува и дека девојките треба да замесат тесто, да одвојат четири топчиња и во нив да ги стават имињата на оние што им се допаѓаат. Едно од нив треба да остане празно. Топчињата се ставаат во врела вода и она што прво ќе исплива горе на површината ја претскажува судбината.
Според постарите, кои потекнуваат од Гевгелискиот Регион, на Водици треба да биде ладно, да се стане рано и луѓето треба да се измијат со вода од бунар или од чешма. Водата треба да биде пресна, односно да не биде стоена. Се верува дека стоената вода носи несреќа. Првиот што ќе се измие треба да фрли жито во чешмата и да каже „Господ да даде бериќет оваа година“.
Се верува дека на овој ден небото се отвара и секоја искрено замислена желба се исполнува. Некои родители дури чекале да ги крштеваат своите деца на овој ден.


Прославувањето започнува со литургија

Централната манифестација во Скопје ќе започне традиционално, со литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, во 11 часот, а во 11.30 часот свечената поворка ќе тргне кон мостот „Слобода“, каде што точно напладне ќе биде спуштен светиот крст.
Како што информираат од МПЦ, помеѓу 120 и 150 верници ќе влезат во водите на Вардар и ќе се обидат да го фатат светиот крст.
Во Охрид, богојавленските чествувања ќе бидат составени од два дела. Првиот дел е црковниот, за кој е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ, а вториот дел е граѓански дел, кој го координира Општина Охрид и се однесува на целокупната празнична програма.
На 19 јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во седум часот наутро, а точно во 10 часот од Градското пристаниште ќе биде положен светиот крст во водите на Охридско Езеро. Пријавени се и голем број капачи од други земји.
Напладне, пак, во Сараиште ќе биде организирано групно крштевање во водите на Охридско Езеро.
Голем број општини во Скопје и низ државата исто така ќе организираат спуштање на светиот крст во локалните реки.


По Богојавление почнуваат чудата на ХрПо Богојавление почнуваат чудата на Христосистос

На Богојавление, со крштевањето, како што објаснува Грозданоски, почнала Христовата евангелска благовесничка дејност.
– Кога се крстил, Христос имал 30 години. Од тој момент ја почнал својата евангелска спасителска дејност. Најпрво, избрал 12 свои ученици и ги нарекол апостоли. Зошто ги нарекол апостоли? Затоа што апостол значи пратеник, а тие биле божји пратеници, нив Христос ги испраќал меѓу луѓето да проповедаат. За таа дејност, тој ги подготвил почнувајќи од Богојавление. По неговото крштевање на Водици, Христос почнал со својата спасителска дејност. Од тој ден, пред апостолите и пред народот, постојано и насекаде поучувал, и со зборови и со дела. А онаму каде што требало, правел и чуда, исцелувал болни и им помагал на луѓето. Им го проповедал евангелието на сите и насекаде. Сè правел од љубов кон човекот. Особено ги сакал децата, болните и сиромашните. Децата имаат посебно место во неговото срце. Ги повикувал кај себе и ги држел во прегратка. На возрасните им велел дека треба да бидат добри како деца – напиша теологот.