Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, вчера се сретна со дел од тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб во ноември 2022 година. За овој историски подвиг во македонското здравство, премиерот на средба во Владата им додели благодарница на сите што учествуваа во овој сложен зафат.
Ковачевски на почетокот од настанот изрази неизмерна благодарност до семејствата што во најтешките мигови од животот одлучуваат да ги донираат органите на свој близок починат.
– Благородни се тие луѓе, семејства, кога во моменти на најтешка болка и страдање со својата одлука ја враќаат единствената надеж кај друго семејство, кај друг човек, кај пациент. Во период од три години, почнувајќи од 2020 година, до јануари годинава, 18 семејства дадоа согласност од своите блиски да подарат и трансплантираат органи и им подарија живот на десетици пациенти. Ви благодариме – рече премиерот.
Ковачевски на тимот лекари и медицинскиот персонал им честиташе за успешната трансплантација на срце, со што Клиниката за дигестивна хирургија и другите клиники и институти што беа вклучени во трансплантацијата направија огромен придонес за нашиот здравствен систем.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија и координатор за трансплантацијата на оваа клиника, проф. д-р Зоран Караџов, истакна дека со реализацијата на овој проект нашата држава стана дел од групата земји кај кои се изведува оваа процедура, која претставува една од најсофистицираните во областа на трансплантологијата.
– Ние овој проект го реализиравме сами, без помош однадвор. Покажавме дека можеме, знаеме и умееме. Со голем ентузијазам, голем труд и пожртвуваност на сите оние кои беа вклучени во овој процес. Резултатот е дека во еден краток период на Клиниката за дигестивна хирургија се изведени две успешни трансплантации на црн дроб кај возрасни лица – рече д-р Караџов.
На средбата присуствуваше и Драган Белески, пациентот кому му беше транспортиран црн дроб.
– Сакам да упатам голема благодарност до луѓето на кои им го должам мојот живот. Благодарение на нивната одлука, јас сум денеска овде со вас. Со зборови не може да се објасни колку е голема радоста на болен човек кога ќе му се подари живот и кога некој што ниту го знае ниту го познава ќе го стори тоа. Сакам да им се заблагодарам на сите лекари и медицински персонал што низ годините се грижеа за мене, бидејќи јас бев нивен долгогодишен пациент и посебна благодарност да упатам до докторите и целиот тим што ми го трансплантира црниот дроб. Благодарам што ми подаривте живот – истакна Белески.