Фото: Маја Јаневска-Илиева

Социјалната мрежа Тикток врие од опасни и животозагрозувачки предизвици што ги прават тинејџерите. Изминатиот период голем број родители реагираа за овие активности, апелирајќи до другите родители да бидат внимателни, претпазливи, па дури и на штрек, и да поразговараат со своите деца, кои, пак, за да бидат дел од „социјално уважената и признаена група“, подготвени се да направат буквално сѐ

ЕКСПЕРТСКИ УКАЖУВАЊА ЗА ШТЕТНОСТА НА НЕКОИ ОД СОДРЖИНИТЕ НА СОЦИЈАЛНАТА МРЕЖА ТИКТОК

По неодамнешниот инцидент со четиринаесетгодишното девојче што се качи на железничкиот вагон до кој стоеше цистерна, по што девојчето почина од струен удар и предизвика пожар во општината Илинден, уште еднаш се докажа дека социјалните мрежи неконтролирано влијаат на однесувањето на најмладите. Овој пат причина за стравотната несреќа беше снимање видео за Тикток, социјална мрежа што изминатиот период неколкупати докажа дека многу предизвици што се нудат на неа и се дозволени да бидат на увид на пошироката јавност, всушност се животозагрозувачки.
За жал, ова не е прв случај во кој заради снимање кратко видео, малолетно дете го губи животот, а како што стојат засега работите, се чини дека нема да биде ниту последен.

ЖИВОТОЗАГРОЗУВАЧКИ ПРЕДИЗВИЦИ

Четиринаесетгодишното девојче што се качи на вагон за да снима видео за Тикток, како што неодамна потврди полицијата, починало од струен удар. Во моментот на несреќата присуствувале уште три другарки на девојчето. Интервенцијата на пожарникарите траела 45 минути, по што телото на малолетничката било предадено на обдукција.
Соопштувајќи ги деталите за случајот, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, упати порака до родителите да бидат внимателни со своите деца и со нивните активности.
– Сите мора да внимаваме на нашите деца, особено на малолетниците, каде се движат и што прават, затоа што, за жал, ова не е прв случај. За да ги заштитиме, мора да преземеме соодветни мерки, за да се укаже дека не смее да се движат во тие делови и особено да се качуваат на вагоните, затоа што се многу опасни и може да настане последица од струен удар – изјави Ангеловски.
Слична трагедија пред извесно време се случи во Маџари, во која исто така при снимање видео за Тикток со тешки изгореници по телото заврши 17-годишна девојка.
Јавноста сѐ уште се сеќава дека пред само неколку месеци тинејџерите беа предизвикани да покажат колку се „кул“ и бестрашни. Па, така, меѓу нив владееше предизвик за легнување на прометна улица, а од тоа требаше да направат видеоматеријал, па да го објават на својот профил на оваа социјална мрежа. Поентата на предизвикот е да се издржи повеќе и покрај возилата што сообраќаат.
За жал, секојдневно врие од нови, но и стари предизвици, кои сѐ уште се актуелни кај младите. Пред неколку месеци и странските медиуми пишуваа за опасните предизвици. Од година на година останува актуелноста на блекаут-предизвикот, во кој тој што го прави, треба да го задржи здивот и да издржи така, односно да не зема воздух сѐ додека не се онесвести. Овој тренд беше причина за смрт на голем број тинејџери, па родителите на некои од нив дури и поведоа судски постапки против Тикток, а дополнително работат на издигање на свеста кај родителите. Јавноста исто така беше потресена и од предизвикот во кој младите требаше буквално да се обесат и да се обидат да издржат. Поради овој предизвик, десетгодишната Нила Андерсон од САД почина во обид да го направи тоа и да се снима.
Во Македонија, повторно заради снимање видео, малолетници сквернавеа гробови во Ресен, па видеата ги објавуваа на оваа социјална мрежа. Трите малолетни лица, две на 14 и едно на 16-годишна возраст, поради овој предизвик завршија во полиција со своите родители.

КАКВО Е МИСЛЕЊЕТО НА ЕКСПЕРТИТЕ

Социјалната мрежа Тикток, како што велат експертите, „врие од опасни и животозагрозувачки предизвици што ги прават тинејџерите“. Изминатиот период голем број родители реагираа за овие активности преку социјалните мрежи, апелирајќи до другите родители добро да ги отворат очите и сериозно да поразговараат со своите деца, кои, пак, за да бидат дел од групата, подготвени се да направат буквално сѐ.
Според познавачите на проблематиката, тешко е да се утврди колку деца и млади во светот ја користат оваа апликација, но сигурно бројот е голем, со оглед на тоа што популарноста на апликацијата расте секојдневно, бидејќи таа е преземена повеќе од една милијарда пати.
Неколку светски интернет-страници укажаа на штетноста од апликацијата дури откако се случија голем број незгоди, вклучувајќи и едно дете што падна во кома по повреда на главата. Дотогаш никој не водеше сметка за тоа што прават и гледаат децата, тинејџерите и младите на Тикток.
Во Америка еден од предизвиците што кружеа на оваа апликација до тој степен избега од контрола на полицијата, што таа во соопштение истакна дека понатамошното правење на предизвикот ќе се санкционира со казни, па дури и со апсење. Затоа е важно да се издигне свеста кај децата и другите корисници на оваа апликација дека таа е многу штетна.
– На децата им е потребен старател, бидејќи немаат развиена критична процена за значењето на животот и за чувањето од ризици, односно дека можат и да го изгубат животот поради желбата за популарност на социјалните мрежи. Возрасните треба да ги научат младите како да проценат дека објавата на социјалните мрежи не е вредна за да се изгуби животот. Наше е да ги учиме, да разговараме со нив, бидејќи сите се изложени на социјалните мрежи. Младите гледаат трендови и сакаат да пробаат, но не се свесни дека виртуелната и вистинската реалност се различни, дека по смртта нема да се вратат повторно како лик во филмовите. Кај младите постои чувство на бесмртност, односно не се свесни за конечноста, па послабо размислуваат во одредени ситуации – вели психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.
Комуникологот и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми Бојан Кордалов нагласува дека е важно да се зборува за ризиците, како и да се издигне свесноста на родителите, но и во образованието.
– Една од најдобрите практики е јавно да се зборува за постоењето на ризици. Основно е да се издигне свесноста на родителите за предностите и ризиците на интернет, а крајно време е и образованието да се приспособи и да прифати дека децата се раѓаат и живеат во време на користење на социјалните мрежи. Сѐ друго е лична одговорност, која води преку возрасните. Тие треба да разберат дека интернетот не е страшна појава и да се едуцираат. Доколку зборуваат колку интернетот е лош и колку нѐ отуѓува едни од други, на тој начин само ги дистанцираат децата од себе и се создава генерациски јаз. Фокусот мора да биде на младите и на времето во кое живеат, а не на нас. Само така ќе излезат најдобрите практики што би можеле да ги заштитат младите – објаснува Кордалов.