Поразителните бројки со драстично намалениот број на бебиња се одразуваат и при уписот на првачињата во битолските основни училишта / Фото: „Нова Македонија“

Минатата година во битолската болница се родиле само 500 бебиња, што е многу помалку отколку во годините кога годишно се раѓале од 2.500 до 3.000 новороденчиња. Особено загрижува фактот што петстотините новородени бебиња што се родиле во Клиничката болница во Битола не се само од градот под Пелистер, туку и од околните градови: Демир Хисар, Крушево, Ресен, Кичево, Дебар…

Белата чума го совладува и градот под Пелистер

Битола станува град на старо население, во кој доминираат пензионерите. Таа поразителна слика најмногу се виде на првиот ден во новата година, за време на посетата на градоначалникот Тони Коњановски по повод раѓањето на првото бебе во новата година, кога од Клиничката болница во Битола беше нагласено дека минатата година во Битолската болница се родиле само 500 бебиња, што е многу помалку отколку во годините кога годишно се раѓале од 2.500 до 3.000 новороденчиња.
Тоа што особено загрижува е што петстотините новородени бебиња што се родиле во Клиничката болница во Битола не се само од градот под Пелистер, туку и од околните градови: Демир Хисар, Крушево, Ресен, Кичево, Дебар…
Според директорката на Клиничката болница на Битола, д-р Елизабета Ивановска, ваквиот драстично намален број на новородени бебиња се должи пред сѐ на тоа што младите во последните години сѐ потешко се одлучуваат да склопат брак, а и зголемен број млади ја напуштија и се иселија од Битола.
Во Клиничката болница во Битола велат дека во еден период во болницата на годишно ниво се раѓале од 2.500 до 3.000 бебиња. Но сега тоа е мислена именка.
И додека во Клиничката болница во Битола драстично е намален бројот на новородени бебиња, во приватната болница за гинекологија и акушерство „Плодност“, која се наоѓа само на стотина метри од државната болница, со задоволство тријат раце, бидејќи минатата година се родиле 833 бебиња.
Но најголемиот број новородени бебиња таму се од другите градови во овој регион: Ресен, Прилеп, Кавадарци, Охрид, Струга, Кичево, Дебар…

Проф. д-р Златко Жоглев: Општеството ќе биде блокирано ако не се преземат некои стратегиски мерки во најскоро време

Поразителните бројки со драстично намалениот број на бебиња се одразуваат и при уписот на првачињата во битолските основни училишта.
Според податоците на Државниот завод за статистика, Битола е една од општините со негативен прираст. За овој период, статистиката покажува дека природниот прираст за 2023 година е негативен за – 77 лица и дека имало повеќе умрени лица од живородени бебиња.
И експертите се загрижени поради податоците бидејќи има многу помалку родени бебиња и запишани првачиња во Битола.
– Во еден статистички податок што го прочитав стои дека во 2010 година во Македонија имало 24 илјади живородени деца. Сега податоците се дека бројот изнесува 18 илјади деца. Шест илјади деца помалку се родени за период за 12 години и тоа е навистина еден загрижувачки податок. Ќе дојде време кога навистина учителите ќе нема кому да му предаваат. Ќе немаме луѓе, ќе нема кој да работи, да се обезбедат пензии за пензионерите. Едноставно, општеството ќе биде блокирано ако не се преземат некои стратегиски мерки во најскоро време. Овој аларм треба да се вклучи во цела држава, особено кај политичарите – предупредува проф. д-р Златко Жоглев, редовен професор на Педагошкиот факултет во Битола и доктор по социолошки науки.
Тој додава дека намалениот наталитет во Битола се должи на две причини. Првата причина се внатрешните и потоа надворешните миграции.
– Податокот на Светската банка покажува дека во последните дваесет години од Македонија се иселени околу 600 илјади луѓе. Таа бројка е загрижувачка за една држава како Македонија, толку многу луѓе да се иселат. Причините за иселувањето на луѓето се економски и неекономски. Економските причини се поврзани со стандардот, со платите на вработените. Но многу од нив не се иселиле само за поголеми примања, туку се иселуваат во странство затоа што таму имаат стабилност во системот, сигурност, имаат систем во кој ќе бидат наградувани, почитувани и ќе можат во професијата и кариерата да напредуваат – додава проф. д-р Златко Жоглев.

Реиндустријализација, инвестиции, нови економски содржини… се предизвикот на властите во однос на најважните ресурси: човечките ресурси!

Состојбите со драстичното намалување на новородени бебиња и првоодделенци во градот под Пелистер бараат сериозни анализи и преземање соодветни мерки.
Во Битола младите масовно си заминуваат.
Нивниот број ќе беше многу поголем доколку во градот под Пелистер не се изградеше германската компанија „Кромберг и Шуберт“, која вработува над 6.500 работници, и американската компанија за компјутерски аутсорсинг-услуги „Таск форс“, во која, според информациите што деновиве ги сподели градоначалникот Тони Коњановски, работат околу 2.500 работници. Само во овие две компании работат околу 9.000 претежно млади битолчани.
Доколку не беа изградени тие два капацитета најголемиот број работници што сега работат во нив сигурно ќе заминеа по патот на другите млади битолчани, кои во последно време не се иселуваат само за гола егзистенција, туку за да си обезбедат себеси и на своите деца посветла и подобра иднина.
За тоа време додека младите си заминуваат од Битола, локалните политичари се занимаваат со себеси и „бистрат“ високи политики.