Европски стандарди за добрососедските односи: Александар Вучиќ со своите домаќини на светосавската академија

За жал, и во бугарските фантазмагории има и некаква вистина, бидејќи и Брисел „заскита“. Нивната уцена и ултиматум за македонскиот устав не им служат на чест и се спротивни на основните вредности на Европската Унија

Бугарија си зема за право да ги менува меѓународното право, стандардите и вредностите на ЕУ

На неодамнешното обраќање во Скопје претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по повод светосавската свечена академија, нагласи дека неговата земја не поставува никакви услови за да има добри односи со Македонија, а барањето уставни измени го смета за мешање во внатрешните работи.
Тоа е токму таков принцип на кој инсистира ЕУ како стандард и практикување на меѓународното право и на добрососедските односи, за кој високите претставници на Унијата им даваат препораки на земјите од Западен Балкан.
Но, за чудо, во соседна Бугарија, како членка на ЕУ, ова беше оценето како „антиевропска реторика“(!?).

Што изјави претседателот на Србија и зошто реагираа од Бугарија?

– Сакам да кажам нешто за добрите луѓе што живеат овде, за нашите браќа Македонци и за нашите српско-македонски односи. Јас не се плашам да кажам дека Македонците ни се најблизок народ, ние поблизок народ немаме. И нешто што јасно го кажувам е тоа дека ние ништо не бараме од Македонија. Немаме никакви услови за ништо и ништо не очекуваме од вас. Сакаме само нашите односи да ги градиме да бидат уште поблиски, уште подобри. Не бараме од вас ниту промена на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Единствено што бараме од вас е да ја прифатите нашата подадена рака. Ние меѓусебно немаме никаков проблем – рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Но реакциите од нашиот европски источен сосед беа, во најмала рака, неочекувани. Од друга страна, според повеќе наши соговорници, доколку појдовната точка на толкувањето на овие изјави е всушност позицијата на досегашните ултиматум и уцени на бугарската официјална политика спрема Македонија и нејзините евроинтеграции, тогаш е јасно зошто изјавата на Вучиќ од медиумите во Бугарија беше квалификуван како „антиевропска реторика“.
Таквата своја квалификација бугарските медиуми ја аргументираа со „потсетување дека без задолжителниот услов за измени на Уставот, Македонија не може да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија“! Тие, како се што наведува, „се вградени во преговарачката рамка, која беше одобрена од сите земји членки на ЕУ“!
Според таквата бугарска перспектива на искривени европски вредности, српскиот претседател Алeксандар Вучиќ во центарот на Скопје „отворено се приклучил на антиевропската реторика и пропаганда, која води кон блокирање на европската перспектива на Македонија“.

Никовски: Ставот на Вучиќ е единствено исправен став од соседите

– Ставот на Вучиќ околу нашиот, македонскиот устав, е единствено исправен. Реакциите од Софија пак покажуваат дека бугарската страна силно „забегала“ во своите историски синдроми и веќе не знаат ниту што зборуваат.
Меѓутоа, за жал, и во бугарските фантазмагории има и некаква вистина, бидејќи и Брисел „заскита“. Нивната уцена и ултиматум за македонскиот устав не им служат на чест и се спротивни на основните вредности на Европската Унија. Сепак, во тоа има и голема наша срамна и капитулантска улога, со прифаќање на диктатот што ни го наметнаа. Така е барем кога е во прашање Македонија – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Контроверзниот француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, целосно нестандарден и надвор од копенхашките критеруми за проширување на Унијата, но и со услови што ги немала ниту една сегашна земја членка, ниту пак актуелна земја -кандидат, се чини дека веќе почнува да има значење и за предифинирање на дефинициите за европските вредности.
Ако не повеќе, се чини дека на Бугарија ѝ дава привид на моќ да ги „диктира“ европските вредности според своите уценувачки „достигнувања“ за евроинтеграциите на Македонија.
Уцената за внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, односно бесрамното мешање во внатрешните работи на суверени држави, се чини дека е преседан, кој Европската Унија сака да го „турне под тепих“, а од Софија сѐ погласно допираат закани дека имаат намера тој свој „успех“ да го прогласат за „европска вредност“, па дури и да ги предефинираат принципите на меѓународното право. Прекорите упатени до лидерите од регионалното соседство го поставуваат прашањето дали навистина Бугарија доби моќ да ги смени стандардите и вредностите на ЕУ за тоа што е „европска реторика“, па основниот принцип во меѓународните односи „за немешање во внатрешните работи на друга земја“ да го прогласува за „антиевропски“?
– Уцените за македонскиот устав што Бугарија ги наметна како услов за почеток на нашите преговори за членство во ЕУ, никако не ги зголемија нејзиното влијание и моќ во Унијата. Бугарија и понатаму практикува најмногу антиевропска политика. Последиците од таа нивна антиевропска политика во Бугарија, за жал, најмногу ги почувствуваме ние во Македонија. Критиките што ги упатуваат бугарските медиуми до регионалните лидери, кои го почитуваат и потсетуваат на принципот на меѓународното право за немешање во внатрешните работи на суверени држави, очигледно се наменети само за македонска употреба и „потсетување“. Бугарските „дефиниции“ за меѓународноправните принципи, сепак, не се релевантни за Европската Унија, но се доволно сугестивни за компромитирање на вредностите на Унијата, дека ги погазува сопствените демократски принципи на сметка на Македонија – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.

Софија: Во говорот на Вучиќ пронајдоа антиевропска реторика
/ Фото: „Нова Македонија“