Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, од Тетово порача дека е време за создавање на Влада која ќе ги штити повеќе националните интереси од сегашната власт, поради новите барања кои доаѓаат од Бугарија поврзани со францускиот предлог за надминување на недоразбирањата и почеток на преговори со ЕУ. Тој рече дека тие долго време предупредувале дека бугарските барања нема да имаат крај.
– Пред неколку дена во Бугарија се формираше техничка Влада, и новиот министер за надворешни работи испорача нови барања, уште поголеми од оние кои што се во договорот кој се направи со Бугарија. Гледаме дека тие барање го надминуваат оној таканаречен француски предлог кој сам по себе е лош и е национална катастрофа – рече Николоски.
Според него Бугарија уште повеќе ќе бара отстапки од Македонија и затоа е потребно да се им се спротиставиме на соседите.
– Сега Бугарите одат и чекор напред што само ја поддржува нашата теза која ја имаме месеци и години наназад дека никогаш нема да има крај на бугарските барања се додека од македонска страна нема јасни и цврста политика. Се работи за 150-годишна стратегија на Бугарија за стратегија која го негира постоењето на македонскиот народ, јазик, култура, историја традиција и самобитност и затоа најдобар начин за спротиставување на истата е создавање на национална политика и една Влада која ќе ги штити националните интереси каква што за жал не е Владата која во моментот ја води Македонија – порача Николоски.
Во Тетово Николоски се приклучи на кампањата која ја води партијата во пресрет на вонредните избори за Совет на Тетово.