Фото: Влада

Во документацијата има позитивни мислења од Министерството за животна средина, но нема ниту еден елаборат за влијание врз животната средина. Токму таков документ министерот Бектеши вели дека може да го спречи отворањето на рудниците.
Ние не поседуваме никаков акт како Министерство за економија дека е одбиено некое решение, некој елаборат, во последните 15 години, за конкретниот случај, во делот на заштитата на животната средина. И врз основа на кој акт Министерството за економија ќе донесе предлог-одлука за да го раскине договорот со инвеститорот, прашува министерот за економија Крешник Бектеши

За споените концесии за рудниците во Министерството за економија нема ниту едно негативно мислење од сите засегнати институции?!

Акт што ќе покаже дека рудниците ја уништуваат животната средина може да го спречи нивното отворање, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши на вчерашната прес-конференција. Притоа, тој во детали објаснуваше дека за споените концесии за рудниците во Министерството за економија нема ниту едно негативно мислење од сите засегнати институции, сите се изјасниле позитивно. Во документацијата има позитивни мислења од Министерството за животна средина, но нема ниту еден елаборат за влијание врз животната средина. Токму таков документ министерот Бектеши вели дека може да го спречи отворањето на рудниците, а на земјата да не ѝ се закани нова арбитражна постапка.
– Министерството за економија мисли дека најдобра опција, имајќи предвид дека се повикуваме на заштита на животната средина, е да се донесе акт, каде што се утврдува дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животната средина. Откога ќе се донесе тој акт, утредента Министерството за економија ќе достави предлог за едностран раскин на договорот. Но да се дава простор за да не се носи никаква одлука, да не постапуваат институциите, мислиме и сме на ставот дека сме на голем ризик за голема арбитражна постапка. Ова е наш став пред Владата, новинарите, граѓаните – рече министерот Бектеши.
Тој нагласи дека во Министерството за економија нема ниту еден акт дека е одбиено некое решение или барање за мислење од која било институција, вклучувајќи го и Министерството за животна средина.

– Главен аргумент, речиси на сите институции, па и на владините, од 2016 до денес е дека оваа потенцијална инвестиција е спротивна на прописите за заштита на животната средина. А ние не поседуваме никаков акт како Министерство за економија дека е одбиено некое решение, некој елаборат, во последните 15 години, за конкретниот случај, во делот на заштитата на животната средина. И врз основа на кој акт Министерството за економија ќе донесе предлог-одлука за да го раскине договорот со инвеститорот? Имаме цел спектар од можности за да имаме таков акт. Може да биде од Министерството за земјоделство или од Министерство за транспорт и врски затоа што ќе се сечат шуми и така натаму – рече министерот Бектеши.
Во врска со спојувањето на концесиите, за што некои од колегите во Владата го обвинија дека манипулира и ги измамил, објасни дека е само административно оти втората концесија целосно ја обиколува првата концесија одобрена во 2005 година, двете имаат ист концесионер и ист инвеститор, па немало правна пречка да се спојат. Р.Н.М.