Властите во Лисабон ги немаат истите фокуси на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот како оние што ги имаат во Берлин. Дополнително, на билатерална основа, Лисабон и Португалија ја немаат мотивацијата за поттикнување на Македонија на сите полиња (реформи, економија, трговска размена) како што има официјален Берлин, односно Германија. Со оглед на ваквата фактичка состојба, тогаш на што може да се надева Македонија по бугарското вето во правец на нашите евроинтеграции, во пресрет на португалското претседателство со Европската Унија?

Ќе спласне ли состојбата на високи надевања на Македонија за приклучок кон Унијата

Во осврт на случувањата во врска со промените на кормилото на ЕУ, по Нова година и преземањето на управување на Унијата од страна на Португалија, наместо досегашното на Германија, дипломатите со кои се консултиравме велат дека без разлика кој ќе седне на кормилото на Унијата, механизмот по кој се носат битните одлуки е пресуден за спроведување на главните политики. Тие истакнуваат дека е разбирливо оти Португалија нема да биде посветена кон Балканот толку многу како Германија, но, сепак, Брисел е тој што го одредува пулсот во кој правец ќе се одвиваат случувањата.
Поранешниот македонски амбасадор во Грција и во Романија, Љупчо Арсовски, во својот осврт на актуелните случувања вели дека е нормално да се очекува наредниот претседавач на Унијата, односно Португалија повеќе да биде фокусирана на други прашања отколку на оние што го засегаат Балканот.
– Добро во целата оваа работа е што, по Португалија, претседавач во истата година е и Словенија, па верувам дека фокусот на Унијата кон нашите случувања ќе биде засилен со овој претседавач – објаснува дипломатот.
Тој вели дека проблемите со ветата што Македонија, за жал, ги има сега со Бугарија, а во минатото со Грција, се опструкција што со години ја мачи Европа во нејзиното дејствување.

– Унијата повеќе од 15 години се обидува да го реши проблемот со ветото и најавува дека ќе воведе гласање со консензус на минус едно или две вета на држави. На овој начин ќе се избегне прекршувањето на волјата на мнозинството земји само поради тоа што еден или два члена се противат на некоја одлука. Но овој процес на реформи е во тек, долг и комплициран. Јас верувам дека бугарското вето не ја отсликува волјата на мноштвото држави во ЕУ, па по неодамнешните случувања мислам дека може да се очекува Софија да биде „дисциплинирана“ од Брисел за овој чин со многубројните механизми и институции што ѝ стојат на располагање на Унијата – истакнува Арсовски.
Дипломатот Огнен Малевски, пак, подвлекува дека претседавачите со Унијата секогаш се неутрални во своето дејствување и тие пред сѐ во своите политики ги следат генералните интереси на Брисел, а помалку локалните.
– Во тој правец, промената на Германија не би сменила многу во равенката за проширувањето на Унијата, но, секако, вниманието кон Балканот е засилено во оние моменти кога претседавачите потекнуваат од регионот или имаат блиски врски со него – вели Малевски.

Оттука, според дипломатот, процените се дека големи разлики на ставот на ЕУ кон Македонија не се очекуваат, дури и кога Португалија ќе е претседавач, затоа што очигледно е дека Софија егоистички настапува во своите политики и нема суштинска и содржинска поддршка од ниту една од другите земји-членки. Меѓутоа, процедурата на унисоно донесување одлука сепак мора да се почитува (односно можноста за блокирање одлука ако една полноправна членка не се согласи на нешто). Во спротивно, непочитувањето на процедурите би донело брз „распад на системот“, кој очигледно сега е начнат.

[email protected]