Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на вториот ден од официјалната посета на САД се сретна со  заменик – помошникот на секретарот за одбрана Лора Купер и со високи официјални лица во Стејт Департментот.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата со првиот заменик – помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард, министерката Шекеринска ги образложи аргументите поради кои Македонија го заслужува членството во НАТО – зголемувањето на буџетот и платите за Армијата, одбранбените реформи, зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, но и на поширок план – враќањето на критичките и слободни медиуми, владеењето на правото, активната транспарентност на која се обврза Владата како една од алатките против корупцијата.

Високата претставничка на Стејт Департментот Милард, се посочува, оддаде признание за напредокот, кој го постигна земјата само една година по кризните настани во Собранието и потенцираше дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата.

Во Стејт Департментот министерката Шекеринска се сретна и со заменик – помошник секретарот Метју Палмер, кој истакна дека работите во Македонија се одвиваат многу бргу, а земјата е подготвена не само да биде членка на НАТО, туку членка која активно придонесува во Алијансата.

На средбата со заменик – помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер, како што се навдува, министерката Шекеринска рече дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија забрзано работат на имплементација на потребните реформи, фокусирајќи се на Стратегискиот одбранбен преглед, кој е клучен документ за развојот на АРМ.

– Реформските зафати во МО и во АРМ и нашите резултати во развојот на одбраната покажуваат дека Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО-Алијансата – рече Шекеринска на средбата.

Купер, од своја страна истакна дека САД високо го ценат прогресот на реформите во Македонија и посветеноста на стратешката цел – членството во НАТО, како и дека внимателно ќе ги следат состојбите во следните неколку месеци, во пресрет на Самитот на Алијансата.

Министерката во Вашингтон разговараше и со директорот на Меѓународниот републикански институт, Даниел Твининг и регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Суротчак.

Целта на средбите на Шекеринска во САД е да се обезбеди цврста американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО.

– Посетата на министерката Шекеринска продолжува во Вермонт каде ќе се сретне со гувернерот на сојузната држава и со командантот на Националната гарда на Вермонт со која АРМ има блиска соработка – се посочува во соопштението.