Задржувањето на поранешниот претседател на Косово и лидер на ОВК, Хашим Тачи, во притвор по одлука на Специјалниот суд во Хаг, праќа силна и јасна порака и за лидерите на ОНА во Македонија, која исто така изврши злосторства за време на конфликтот од 2001 година. Од Хаг има јасен сигнал дека меѓународниот трибунал не заборава дека се нерешени и четирите т.н. „Хашки случаи“ за извршени воени злосторства од страна на терористичката ОНА во Македонија, организација што беше филијала на некогашната ОВК, односно нејзина продолжена рака

Поранешниот претседател на Косово и лидер на ОВК, Хашим Тачи, останува во притвор во Хаг

Поранешниот претседател на Косово и лидер на ОВК, Хашим Тачи, и натаму останува во притвор, одлучи Специјалниот суд во Хаг, откако неделава Советот на Апелацискиот суд ја одби неговата жалба. Претходно Специјалниот суд побара од косовската полиција да обезбеди дополнителни информации за овластувањата и капацитетите на некогашните припадници на косовската ОВК, кои се во притвор во Хаг. Овој висок косовски политичар, кој беше и некогашен претседател, но и министер за надворешни работи, е осомничен за голем број воени злосторства и злосторства против човештвото.

Освен Тачи, во трибуналот се наоѓаат уште четворица поранешни началници на ОВК, кои се соочуваат со можност да добијат доживотна затворска казна, за голем број сериозни злосторства против човештвото за 40 засебни случаи, каде што жртвите биле мачени и sверски ликвидирани.
Во обвинението на Специјализираното обвинителство на Косово се наведува дека делата за кои се судат водачите на ОВК се извршени во периодот од март 1998 година до септември 1999 година, на повеќе места во Косово, како и во Кукс и во Чахан, во северна Албанија. Според обвинението, делата биле извршени од припадници на ОВК против стотици цивили и лица, кои не биле активни учесници во воените дејствија.
Дополнително, раководството на оваа албанска вооружена парамилитарна организација сноси и индивидуална кривична одговорност, за различни форми на кривична дела што биле извршувани засебно од припадниците на ОВК, во оружениот конфликт во 1990-тите.
Во контекст на актуелните случувања во меѓународниот трибунал во Хаг, треба да се напомене дека овие судења се значајни и за Македонија, бидејќи настаните имаат заеднички именител со нашите т.н. „Хашки случаи“ за извршени воени злосторства од страна на терористичката ОНА во земјата, која беше македонска филијала на некогашната ОВК, односно нејзина продолжена рака. И во Македонија припадниците и раководството на некогашната ОНА се сомничат за голем број тешки злосторства против човештвото.

Поради таквите околности, хашки обвинители и претставници на меѓународниот трибунал изминативе неколку месеци ги сослушаа и првите луѓе на ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби, како партија што потекна од терористичката ОНА. Инаку, терминот терористичка организација во тоа време меѓу првите ѝ го додели и така ја нарече ОНА токму поранешниот прв човек на НАТО, Џорџ Робертсон.
Оваа терористичка организација во Македонија во конфликтот во 2001-та изврши воени злосторства и злосторства против човештвото, кои потоа беа преточени во т.н. четири хашки предмети, кои од Хаг беа префрлени за решавање во Македонија, но правдата за овие случаи, за жал, никогаш не беше задоволена. Но судејќи по најновиот развој на случувања во трибуналот и продолжениот притвор за Тачи, едно е сигурно, а тоа е дека Хаг во секој момент може да ги повика на одговорност и злосторниците од Македонија, односно поранешните лидери на ОНА.
Александрос Сарис, универзитетскиот професор од првиот факултет „Амстердам“, кој и досега работел како адвокат на неколку случаи во меѓународниот суд на правдата, смета дека воените злосторства се дела што човештвото не може да ги заборави и тие порано или подоцна секогаш се процесираат во меѓународните судови.
Тој објаснува дека 1990-тите години беа темни времиња во поранешна Југославија поради граѓанските војни, но меѓународната заедница реагираше и создаде правен одговор на тие ужаси, а еден од нив се и судењата против припадниците на косовската ОВК од Косово. Професорот не ја исклучува можноста во судница во одредена точка во иднината да следува сличен процес за ОНА во Македонија, која имаше врски со косовската организација.

Сарис вели дека судењата против лицата обвинети за воени злосторства и за злосторства врз човештвото правниците ги викаат „универзална надлежност на државите“.
Професорот подвлекува дека постојат два пристапа за реализација на универзалната надлежност на државата во гонење на македонските случаи поврзани со потенцијални воени злосторства извршени од некогашните водачи на ОНА.
Според него, едниот е да се извршат судски процеси во домашните кривични процедури на земјата и втората е преку надлежноста на меѓународен трибунал, што во суштина е практика на Балканот, бидејќи земјите немаат капацитет да ја спроведат правдата.

[email protected]