Анe Лашакоска, кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп

Од пред споменикот на првиот Претседател на Македонија, Методија Андонов – Ченто, кој својот живот го посвети на формирање на самостојна држава – Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ започнува со промовирање на програмата со која ја бараме довербата на граѓаните, давајќи завет за Обнова на Македонија. Ова го посочи на прес-конференција Ане Лашкоска, кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп. Според неа изминатите три години биле запаметени како најцрниот период во поновата историја на Македонија.

– После три години распродавање на државните и националните интереси, неработење, немаат реализирано ниту еден проект од програмата која ја понудија во 2016-та, корупција и рекет, граѓаните ќе имаат единствена шанса да му кажат „не” на Зоран Заев и да се изборат за враќање на државата во нивни раце. Различни сме! Ние тоа што го ветуваме и го исполнуваме! Во програмата „Обнова на Македонија”, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на 1.000 проекти кои се во интерес на нашата држава и сите граѓани на Република Македонија. Проекти кои значат надеж дека може поинаку, дека може многу подобро. Ветуваме и се обврзуваме на изградба на автопат од Велес преку Бабуна, Прилеп и Битола до границата со Грција. Европската иднина на Македонија е наш стратешки приоритет и во таа насока е потребно зголемување на животниот стандард на граѓаните. Затоа предвидуваме континуирано зголемување на платите до 25 отсто во еден мандат. Ова ќе значи целосно почитување на достоинството на работниците и вреднување на нивниот труд. Предвидуваме раст на пензиите до 20 отсто, или по 3.000 денари повеќе за секој пензионер. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати претходниот начин на усогласување на пензиите и истите ќе растат и според растот на трошоците за живот, и според растот на платите – рече Лашкоска, на прес-конференцијата во Прилеп, посочувајќи и други проекти со кои ја бараат довербата од граѓаните на 15 јули. Ка.М.