Нова можност на Твитер – објави во вид на аудиозапис

Твитањето станува поинакво. Од компанијата „Твитер“ порачуваат дека за новата опција – објави во вид на аудиозапис – се одлучиле поради тоа што корисниците повеќе сакаат усно да комуницираат, отколку писмено, односно текстуално.
Отсега сите што ја користат оваа социјална мрежа ќе бидат во можност да снимат кратки аудиозаписи што ќе ги преслушуваат нивните следачи.

Записите ќе се објавуваат на Твитер фид (Twitter feed), пишува американскиот деловен магазин „Блумберг“. Идејата е да им се даде повеќе просторот за комуникација на корисниците, бидејќи во моментот можат да користат максимално 280 карактери во текстуална објава.

– Понекогаш 280 карактери не се доволни, а понекогаш доаѓа до недоразбирања во комуникацијата – објаснуваат од компанијата.
Траењето на аудиозаписот е ограничено на 140 секунди. Ваквиот начин на твитање сега е достапен само за корисниците на уредите на „Епл“. На поголемиот број корисници аудиотвитањето ќе им биде достапно во текот на следните неколку недели.