Како да се валоризира Договорот за стратегиско партнерство со САД

Во врска со алтернативите на евроинтегративниот пат на Македонија, во контекст на Договорот за стратегиско партнерство со САД, одговор побаравме од видни универзитетски професори, дипломати, но и претставници на аналитички центри, кои систематски и континуирано ги анализираат ваквите прашања

Во своите досегашни анализи, „Нова Македонија“ веќе информира дека државниот врв размислува за нов пристап кон предизвикот на евроинтеграциите. Во таа насока е и изјавата од оваа недела на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Имено, претседателот во јавноста изнесе став дека во услови кога проширувањето на ЕУ е де факто замрзнато, за земјава на маса се две опции. Едната опција е „да ја донесеме Европа дома“, а другата е „да почнеме да го враќаме во живот Договорот за стратегиско партнерство со САД од 2008 година, како еден вид алтернатива“.

Американската дипломатија сѐ уште не ги искористила
сите инструменти

Во врска со тие алтернативи на евроинтегративниот пат на Македонија, во контекст на Договорот за стратегиско партнерство со САД, одговор побаравме од видни универзитетски професори, дипломати, но и претставници на аналитички центри, кои се занимаваат со прашања од дипломатијата.

Извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, оценува дека два фактора придонесуваат кон потребата од продлабочување на стратегискиот договор со САД.
– Првиот е, секако, ветото од Бугарија, а вториот е засилениот интерес на сегашната американска администрација за Балканот и за Македонија – вели Николовски.

Сепак, според Николовски, доколку овој договор се смета како алтернатива за членството во ЕУ, тогаш тоа е една слаба, квазиалтернатива за нашата земја.
– Од аспект на промоција на општествено-политички вредности, суштествена разлика и нема. Со оглед на економската поврзаност и зависност што нашата земја ги има со ЕУ, зголемени американски инвестиции за нас ќе имаат ограничен ефект, но не и трансформациски каков што очекуваме од ЕУ. Од политички аспект, американската дипломатија и веќе е сериозно инволвирана во изнаоѓање решение со Бугарија, но доколку стратегискиот договор со САД добие освежување, тоа би можело да биде дополнително поттурнување во насока на решение. Тоа е, секако, под претпоставка дека американската дипломатија сѐ уште не ги искористила сите адути што ги има при убедувањето на бугарската страна за некакви отстапки – вели Николовски.

Тој резимира дека најмалку што очекува се поголеми американски инвестиции во граѓанското општество во Македонија, и тоа во насока на промоција на западните вредности, чија позиција е загрозена поради разочарувањето од европското вето.

Политичарите од Македонија заборавија да се повикуваат
на Договорот за стратегиско партнерство со САД

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поранешниот амбасадор Драган Јањатов во својот осврт на случувањата вели дека нашата држава, за жал, мора да се сврти кон други меѓународни солуции, настрана од оние што се поврзани со членството со ЕУ.
– Америка иако е моќна држава, таа не може секогаш да го трасира патот по кој ќе се движи Европа, особено во релациите на Брисел со Македонија – вели дипломатот. Тој објаснува дека договорот со САД од 2008 година никогаш не бил мртов за тој да заживее, како што вели претседателот Пендаровски, но е факт дека политичарите од Македонија заборавија да се повикуваат на него и да го употребуваат во економска, политичка и безбедносна смисла на зборот.
– Америка, која е предводник на Западот, покажа дека е моќна да решава геополитички прашања во Азија, Африка и Блискиот Исток, а притоа во спротивност од овие политики во случајот со Македонија се докажа дека истите тие прашања, но на домашно поле во Европа, не можат да се решат без Вашингтон ако сето тоа се остави во „рацете“ на европските сојузници – резимира Јањатов.

Првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, вели дека последната изјава на шефот на државата, Стево Пендаровски, е доказ дека државата се обидува да најде алтернативно решение на проблемот со ЕУ, но истовремено изјавата, барем за пошироката јавност, не е најјасна, на што конкретно мисли претседателот со споменувањето на Договорот за стратегиско партнерство со САД.
– Јас споменувањето на договорот со САД го разбирам како порака што претседателот Пендаровски ја праќа до соседството, бидејќи сме единствена држава што практично има ваков документ од Европа со Америка. Па во тој правец, пораката е двонасочна, таа делумно се однесува на лидерството во ЕУ, во кое се кажува дека Вашингтон ни е поблизок сојузник, а дел се однесува на властите во Софија, да размислат со кого се „опираат“ – вели дипломатот.

Според него, овој договор беше донесен како поледица на грчкото вето во НАТО, а сето резултира потоа со засилена дипломатска американска пресија врз Атина, која резултира со договорот од Преспа.
– По текстот на самиот договор се гледа дека тој е изготвен по совети на искусни американски дипломати и на тој начин беше решен спорот меѓу двете земји, а истото тоа е возможно да биде сторено и со Бугарија доколку администрацијата на Бајден се одлучи на ваков чекор – резимира дипломатот.

Тој советува дека македонските политичари не треба од небрежност да го заборават најбитниот договор што практично го имаме со САД, а цели 13 години по неговото потпишување да го употребат само тогаш кога на помош треба да се повика Америка да ги реши македонските дипломатски проблеми.
– Доказот дека САД со документ стојат зад нас и фактот дека 27 земји изразиле полна поддршка за европско членство на Македонија, мене ми дава надеж дека работите не се завршени во овој дипломатски спор со Бугарија и се надевам дека во периодот што следува ќе се интензивираат напорите за изнаоѓање решение што ќе ја „заузди“ националистичката реторика кај политичарите од источниот сосед – вели Арсовски.

Има и други вредности
на стратегискиот договор со САД

Универзитетската професорка Ана Чупеска-Станишковска, во своја опсервација на актуелните настани, истакнува дека нашата земја сега има убава шанса да го валоризира договорот со САД.
– Особено важна е соработката во областа на безбедноста и борбата против тероризмот, кои се, би рекла, приоритетни теми со оглед на околностите, а нашата земја покажува дека има капацитети да одговори на овие предизвици – но, се разбира, за ова треба и соодветна помош – вели професорката.

Дополнително, според Чупеска-Станишковска, тука е и сојузништвото во рамките на НАТО, што подразбира и зголемена соработка и зголемена одговорност.
– Во таа смила, ми се чини дека што поскоро дипломатската мисија во САД мора да се активира, и тоа со најистакнатите капацитети. Преку ова партнерство, Македонија може да се позиционира дури и како сериозен пацификаторски фактор во регионот, а тоа несомнено изискува капацитет, труд, одговорност и посветеност, за што верувам дека ги имаме на располагање – резимира таа.