Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше обраќање и сесија за прашања и одговори со европратениците кои се членови на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).

Османи пред членовите на Комисијата даде детален осврт за текот на имплементација на клучните реформи во земјата, како и посветеноста на земјава за градење мостови на добрососедство, регионална и меѓународна соработка, со цел овозможување видлива и достижна европска перспектива:

– Ако европска дефиниција за напредок на една земја е да успее да го обнови духот на аспирации и отвореност, континуирано да презема чекори за консолидирање на нејзината демократија, да ги негува и надградува меѓуетничките односи, да го врати владеењето на правото и институционалната доверба, да ја зголеми транспарентноста на процесите на донесување одлуки, да успее да воспостави соодветна контрола и рамнотежа над извршната власт и да стане фактор на стабилност во регионот преку надминување на отворените билатерални прашања, тогаш Северна Македонија, согласно сите критериуми, недвосмислено заслужува одржување на Првата меѓувладина конференција до крајот на годинава – истакна Османи.

Од ресороното министерство посочуваат дека Османи пред првите луѓе за надворешни работи на Европскиот парламент и европратениците побарал поддршка и поттик за Северна Македонија да продолжи, како што рекол, со позитивниот тренд на промени.

– Јас, како политичар, не верувам во замрзнати конфликти, само во замрзнати решенија! Потребен ни е рецепт за успех, а не за катастрофа. Целта во разговорите со соседна Бугарија е да се врати довербата во процесот, да се надминат предизвиците кои произлегуваат од различните толкувања и да се најдат точки за приближување и заедничко обележување на историски настани и личности. Меѓусебното почитување и разбирање треба да бидат основа на секое вистинско пријателство. Така гледам на овој проблем, така и ќе го надминеме, со дипломатија и дијалог – нагласи Османи.

Министерот пред пратениците ги презентираше и реформските постигнувања на земјата во изминатиот период.