Во август 1940 година, на состанокот на поголем број британски агенти од повеќе служби, одржан во Истанбул, било договорено да се воспостави контакт со Македонци од Скопје, Софија и од Солун, а контактот требало да го воспостави разузнавач со шифрирано име Д/ХГ7. Британскиот амбасадор во Бугарија, Рендел, сметал дека е можно, одвреме-навреме, со „подмитување некои насилни елементи од Македонците што се против Михајлов“, да се обезбеди нивно активно учество на британска страна. Експертите на Форин офисот имале одредена резерва кон сугестијата на Рендел „за подмитување на Македонците“, односно не можеле да бидат сигурни дали на тој начин би можеле „да ги спречат Германците да ги употребат против Грција“, односно да бидат користени за специјални задачи „затоа што се родени диверзанти…“

Од историскиот архив, според британски разузнавачки документи, за Македонците

На 3 јануари 1941 година, разузнавач со шифрирано име ДХ42 ја известил британската разузнавачка служба, поточно организацијата за специјални операции (СОЕ) дека Иван Михајлов, кој се наоѓал во Унгарија, стапил во контакт со него, со сугестија дека тој ќе одреди неофицијален претставник во Лондон за да ја известува британската влада за македонското движење: „Претставникот, кој сега е во Женева, е образован човек, по професија адвокат, кој зборува добро англиски“. Истиот ден разузнавачот добил нови информации и ја известил СОЕ дека спротивно на претходната информација, „Михајлов го поминал целото свое време во Полска. Потоа бил уапсен од Германците, тие лошо се однесувале со него, бил ослободен и оттогаш бил во Унгарија, од каде што била добиена и доставената информација“. Разузнавачот сметал дека би било добро да се воспостави контакт со него и покрај фактот што Михајлов би можел да „игра двојна улога“. Имено, според негови информации, неколку „Македонци во Унгарија, кои претходно целосно му било предани на Михајлов, сега, поради нивните симпатии спрема Германците“, ја изгубиле неговата доверба. Исто така, тој нагласил дека Ванчо Михајлов сега е противник на „бугарската политика за давање премин на Германија во сите правци“. На 6 јануари 1941 година, истиот разузнавач известил дека добил потврда на информацијата дека Михајлов бил во Полска од 1934 година, па до германската окупација на Полска, кога преминал во Унгарија. Во информацијата до својот штаб, агентот нагласил дека Михајлов никогаш не бил во Италија или во Албанија, а доколку бил во Германија, таму останал само неколку дена. Несомнено британските разузнавачи не можеле целосно да го склопат мозаикот за Иван Михајлов по забраната на ВМРО во Бугарија и неговото заминување во Турција. Од тие причини располагале со контрадикторни информации.

На Македонците не смее да им се дава никакво ветување во однос на нивните аспирации

На 13 јануари 1941 година, Секцијата за Балканот при СОЕ го известила британскиот амбасадор во Бугарија, Рендел, дека службата настојува да воспостави контакт и со протогеровистичките елементи во Бугарија, но притоа биле свесни дека за вклучување на протогеровистите во реализирањето на нивните планови тие сигурно би побарале политички отстапки. Само осум дена подоцна, разузнавачот со шифрирано име А/Д 1 го известува Xеб дека расправале за прашањето за Македонија и дека таа дискусија ја испраќаат до него, со цел ова прашање да се постави пред Министерството за надворешни работи. Во испратениот допис тие се осврнуваат на телеграмата на амбасадорот Рендел од 13 јануари 1941 година, во која тој сугерирал дека Британците „би требало да ја употребат Македонската револуционерна организација“ и дека „сега тој е многу поубеден во својата сугестија отколку претходно“. Во исто време, Министерството за надворешни работи го подготвило материјалот што требало да му се достави на британскиот амбасадор во Софија, Рендел, во кој, меѓу другото, стоело дека користењето на „Македонците во никој случај не треба да го компромитира британското претставништво во Софија“ и дека на „Македонците не смее да им се дава никакво ветување во однос на нивните аспирации“. Во меѓувреме, Британците примиле итна телеграма од разузнавачот Бејли, во која се нагласувало „дека за успехот на мисијата на мајорот Тејлор би требало да се искористат Македонците“. Притоа се известило дека личниот секретар на Иван Михајлов, Стефанов, „би требало да дојде во Лондон за да се дискутира за македонскиот проблем“. Единствениот проблем бил како да се изведе тоа без да се вмеша британската влада. Во меѓувреме, разузнавачот со шифрирано име А/Д 1 добил информација дека грчкиот премиер „лично инсистирал овој непомирлив непријател на Грција (В. Михајлов, н.з.) да се држи подалеку од неа“, барајќи дозвола од Форин офисот дали да се воспостави контакт со „Македонците и, ако се согласат со тоа, врз кои основи“ да се воспостави контактот. Тоа, од своја страна, подразбирало Форин офисот да испрати телеграма до Рендал, со која би го информирал до каде Форин офисот е заинтересиран да се оди со планот. Исто така, сметале дека слични инструкции би требало да се испратат и до Бејли. Разузнавачот А/Д 1 посебно потенцирал дека е многу важно да го дознае ставот на Форин офисот што побрзо „за оваа важна работа, бидејќи нашите шанси би биле поголеми вистински да се искористат Македонците“.

Хрватската автономија нов импулс на македонското автономно движење

Според проф. д-р Тодор Чепреганов, кој има откриено и обработено огромен број документи од британските архиви, кореспонденцијата за ангажирањето на Иван Михајлов, во британските планови за започнување некаков отпор на Балканот, предизвикала интересна размена на мислења меѓу повеќето британски служби и разузнавачи. Така, на 1 февруари 1941 година, разузнавачот Д/Х2 го известува разузнавачот Д/ХY дека преку Д/ХР разбрале за чекорите што ги презема Форин офис во врска со ангажирањето на Иван Михајлов, нагласувајќи дека „ниту еден член од нашата служба не треба да има ништо со овој човек и секој интерес што би произлегол како резултат на локалните контакти или обиди да се заинтересираат нашите членови за него, мора енергично да биде обесхрабрен“. Ваквиот свој став тој го поткрепил со констатација дека во случај да биде „обелоденето дека Британците се во контакт со него на кој и да е начин, преку кој и да е канал, тогаш на најважните политички односи, што јас ги изградив во Бугарија во изминатите четири месеци, би им била нанесена непоправлива штета“. Во кореспонденцијата на разузнавачите се споменува и Меморандумот доставен до нив од британскиот конзул во Скопје, Томас, а во кој, меѓу другото, бил даден осврт за македонското прашање. Во Меморандумот британскиот конзул дал „јасни податоци за македонското прашање, како и за целите на различните македонски групи, главните лидери и статистика за населението и религијата на територијата што е предмет на разгледување“. Истото тоа било потврдено и од придружното писмо на Кембел, кој, меѓу другото, потенцирал дека македонското прашање, кое не било актуелно од времето на забраната за дејствување од страна на бугарската влада во 1934 година, повторно избило во преден план. Според него, тоа било резултат на давањето автономија на Хрватска во август 1939 година, „што од своја страна му дало нов импулс на македонското автономно движење“. Разузнавачот А/Д1 смета дека „Форин офисот меѓу македонските лидери има човек којшто може да биде многу корисен за СОЕ“. Оваа интервенција на разузнавачот предизвикала извесно поместување во ставовите на британските експерти. Тоа е очигледно од телеграмата што била испратена на 5 февруари 1941 година од Форин офисот до Рендел. Во неа се истакнува дека е „одлучено да ги подмитиме протогеровистичките елементи, но под два услова, прво – никому, освен на примачот, нема да му се открие дека средствата за подмитување доаѓаат од страна на Владата на Нејзиното Височество, и второ – нема да прифатиме никакви политички обврски“.

Како Македонецот ја прокоцкал шансата да го убие Хитлер

На 26 февруари 1941 година, одделот на СОЕ добива информација дека шефот на бугарската фабрика за тутун, кој му бил пријател на Михајлов, открил дека Михајлов во тој момент бил во Рим, каде што почнал да соработува со силите на Оската, и покрај тоа што тој интимно не го сака тоа. Тој истакнал дека би можел да го доведе Михајлов во Лондон за да работи за британски цели. Пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт на 1 март 1941 година им ставило крај на британските намери да го ангажираат Иван Михајлов во организирањето отпор против силите на Оската. По капитулацијата на Кралството Југославија, кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ и Владата го напуштиле Кралството Југославија и заминале во Египет, а потоа во Лондон, каде што останале за цело време на војната. Истовремено, земјата морале да ја напуштат и странските известувачи, а меѓу нив и британските, кои се повлекле во Истанбул и во Анкара, од каде што ги изведувале своите активности, но во помал обем. Сѐ до крајот на 1941 година, Велика Британија нема свој претставник на територијата на Балканот. И Иван Михајлов по прогласувањето на Независна Држава Хрватска, со целосна поддршка од фашистичка Германија, доаѓа во Хрватска, каде што бил ангажиран како советник на Анте Павелиќ. Во меѓувреме, британските разузнавачи продолжиле да работат на подготвување тајни планови за атентат на Хитлер, а во таа насока британската СОЕ не ги одбивала ниту „слободните атентатори“, кои ги нуделе своите услуги за атентат на Хитлер. Во таа насока, капетан Xулиус Емери, разузнавач на СОЕ, добил информација дека можат да му понудат човек Македонец, „активен член на една од македонските терористички групи… многу добар стрелец… кој не можел да промаши лице на сто јарди со пиштол“, а кој бил подготвен да изврши атентат на Хитлер. Капетанот Емери стапил во контакт со Македонецот што требало да го изврши атентатот, и од разговорот со него разбрал дека основната причина поради која се решил да изврши атентат на Хитлер била во тоа што „имал рак и имал уште шест месеци живот“, па сакал „својот живот да го заврши славно“, а единствено што барал од Британците било да добие „посмртно одликување и грижа за неговата жена“ ако Британците ја добијат војната.

По неколкуте средби со Македонецот, капетанот Емери заклучил дека лицето е решено да го изврши атентатот. Не губејќи време, Британците решиле да пристапат кон обука на Македонецот. Кога завршиле подготовките, атентаторот бил префрлен во Лисабон, а оттаму во Швајцарија, каде што извесно време поминал во исчекување, пред да замине за Виена, каде што требало да пристигне Хитлер. По пристигнувањето во Виена, македонскиот атентатор успеал да се спријатели со бугарскиот конзул и во контактите со него изразил големо восхитување за фирерот. За време на меѓусебните средби со конзулот, кога ја стекнал неговата доверба, го замолил за време на посетата конзулот да го претстави на Хитлер. Меѓутоа, конзулот го информирал дека и тој самиот не знаел дали ќе има шанса да се поздрави со Хитлер, но истакнал дека се предвидува парада и во тој случај „би бил многу среќен“ ако Македонецот го удостои со неговото присуство во неговата ложа, од каде што би имал добар поглед на местото каде што требало да помине Хитлер. Според Емери, тоа била „златна шанса“ да се реализира подготвениот атентат на Хитлер. Меѓутоа, како што истакнува капетанот Емери „човековата природа е чудна“. Наместо да се притаи и да го чека часот на извршувањето на задачата, атентаторот ноќта пред доаѓањето на Хитлер во Виена ја поминал во бар, како последна ноќ, бидејќи, според Емери, сметал дека „сигурно би бил убиен“ по извршувањето на атентатот. Во барот под дејство на алкохол „наздравувал за неговото јуначко дело“, не откривајќи притоа што била неговата херојска намера. Во такво расположение, постојано наздравувајќи со барските девојки, од сакото му испаднале два пиштола. Девојките од барот, според Емери, сметале дека тоа е „малку чудно“ што човек во барот носи пиштоли и повикале полиција. Атентаторот бил уапсен, одведен во полиција, а полицијата по испитувањето го депортирала во Бугарија, од каде што истиот тој го известил СОЕ за она што му се случило.

Блаже Миневски