Фото: Маја Јаневска-Илиева

Очигледно има расчекор во тоа како тие однадвор (Европа и светот) нѐ перципираат како држава и како систем, а, од друга страна, како ние се доживуваме самите себеси, односно како го гледаме функционирањето на нашата држава и на системот. „Глобал фајненс“ покажа дека има голема дискрепанција на тие два ракурса. Имено, истражувањето покажува како нѐ гледаат очите на светот и веројатно со отрезнувачки резултати и порака нѐ враќа во реалноста

„Глобал фајненс“ објави ранг-листа на нај(не)безбедни земји

Магазинот „Глобал фајненс“ неодамна објави листа на најбезбедни земји во светот, на која Македонија се најде на дното, зад сите земји од регионот, најмногу поради лошиот одговор на корона-кризата и големиот број починати.
Меѓу вкупно 134 рангирани земји, Македонија се наоѓа на 125-то место, а зад неа од сите земји од регионот е единствено Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 130-то место.
Од преостанатите земји од соседството, Србија е на 34-то место, Словенија на 47-то, Романија на 51-то, Грција на 58-то, Албанија на 63-то, Хрватска на 74-то, Бугарија е на 114-то, додека Црна Гора на 121-то место.
Најдобро рангираните држави се наоѓаат во Европа и Азија, а меѓу првите 20, девет се во Европа. Исланд е најбезбедната земја на светот, Финска е на петтото место, потоа Норвешка и Данска на седмото, односно осмото место. Најнебезбедна земја, на 134-то место, се Филипини.

Критериуми од кои се извлечени заклучоците

Магазинот „Глобал фајненс“ оцената за безбедноста во земјата ја формирал врз основа на следните базични критериуми:
– војна/мир,
– лична безбедност,
– ризик од природни катастрофи и
– факторите на ризик што потекнуваат од корона-вирусот.
Сите овие податоци се собрани и се однесуваат на 2020 година.
Категориите војна, оружен судир, а од друга страна ред и мир, се тесно поврзани со стабилноста на земјата од внатрешна ескалација.
Второ, личната сигурност како едно од основните човекови права, како критериум во практика на истражувањето се однесува на безбедноста од кражби, разбојништва, напади, зачувување на личниот интегритет на граѓанинот во целост. Критериумот поврзан со безбедноста од природни катастрофи, како пожари, поплави и слично, исто така е земен предвид. Сепак, очигледно е дека менаџирањето со ковид-кризата одигра пресудна улога при рангирањето на нашата земја. Истражувачите, класифицирајќи ги показателите за менаџирањето на ковид-кризата во нашата земја, во своите анализи заклучиле дека во најголем дел за негативната оцена несомнено влијаеле и „незадоволителното менаџирање со ковид-кризата во земјава и огромниот број жртви што ги однесе вирусот“.

Реални или нереални и тенденциозни согледувања?

За аналитичарот Синиша Пекевски, станува збор за многу реално согледување на состојбите во земјава.
– Оцената на „Глобал фајненс“ многу реално ја отсликува состојбата во земјава според сите посочени критериуми. Ако зборуваме за критериумот конфликт-мир, реалноста е кај нас дека е многу лесно да се направи конфликт. Доволна е само една искра и меѓуетничките односи да ескалираат. Во делот на безбедноста на граѓаните, доволно е само да кажеме дека во два дена беа прегазени двајца граѓани на пешачки премин, а како се справувавме и се справуваме со ковид-кризата, сите знаеме. Ние само може да се лажеме дека состојбите кај нас се добри, но, во суштина, треба добро да читаме како нè гледаат другите – вели Пекевски.
Според него, фактичката состојба во земјава е многу полоша наспроти она како ние официјално се претставуваме.
– Официјалниот пиар може да кажува што сака, но кога ќе ги погледнеме извештаите на Стејт департментот за високото ниво на корупција, како и оние на ЕК, ние може само да се лажеме дека работите се добри. Токму тоа го потврдува и ова рангирање на Македонија од страна на „Глобал фајненс“. Светот ни кажува кај сме, дека едноставно не нè бидува – нагласува Пекевски.
Тој уште додава не може да се каже дека сме безбедна земја кога несериозно се однесуваме во подготовките за справување со природни катастрофи.
– Половина од одводните канали не се исчистени. Ако, не дај боже, се случи еден дожд, како овој последниот во Германија, не знам што ќе биде кај нас. Да не зборувам за опасностите од шумски пожари. Канадерите не ни работат три години, со образложение на надлежните оти било скапо одржувањето. Тоа го покажува нашиот однос кон отстранувањето на вакви опасности. Наместо да сме подготвени технички, ние ќе се молиме на Господ да нема пожари оти нема со што да ги изгаснеме – истакнува Пекевски.
Тој додава дека ние како држава само бележиме проблеми, но не наоѓаме решенија за нив.
– Овие оцени на „Глобал фајненс“, барем според мене, дури се и ублажени. Во стварноста многу е полоша ситуацијата – констатира Пекевски.
Од МВР појаснуваат дека се запознаени со рангирањето направено од страна на „Глобал фајненс“, но дека тоа е резултат најмногу на корона-кризата и последиците од неа, за што одговорноста ја префрлаат кај другите институции.
– „Глобал фајненс“ се повикува на податоци од 2020 година и во најголем дел оцената е изведена од состојбите со ковид-кризата во земјава, за што се надлежни други институции – појаснуваат кратко од МВР, притоа додавајќи дека полицијата во 2020 година покажала одлични резултати во справувањето со сите облици на криминал.