ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (6)

Новинарството ми овозможи да следам настани во сите области на секојдневието, од локално, републичко, сојузно и светско ниво на конгресни, културни манифестации, музички фестивали во нашата поранешна држава СФРЈ, низ Македонија и светот. Секој настан беше интересен, привлечен за јавноста, а за мене посебно доживување. Сеќавањата не се избледени. Стекнав нови пријателства, видов знаменити културно-историски споменици, симболи на градовите и државите, природни убавини и реткости, дружењата во меаните беа посебни. На врвните спортски и други приредби постојано го надградував знаењето, се запознавав со нови технолошки достигнувања во новинарската професија.
Со години голем предизвик и желба ми беше да присуствувам на олимписки игри, зимски или летни. Мечтата ми се исполни зимата 1984 година. Нашиот весник ме акредитира како фоторепортер на 14-тите Зимски олимписки игри во Сараево. Кандидатурата што ја имаше поднесено СФРЈ во 1977 година, Меѓународниот олимписки комитет ја официјализира во Атина година потоа, кога со тајно гласање во вториот круг Сараево доби најмногу гласови во трката со конкурентите Јапонија (Сапоро) и Шведска (Гетеборг).
На 7 февруари, ден пред свеченото отворањето на ЗОИ, заедно со колегата Зоран Михајлов, со мојот „голф“ тргнавме по Ибарската магистрала, патиштата беа суви, времето сончево и без замор во попладневните часови пристигнавме во Сараево. Пред да влеземе во центарот на главниот град на Босна Херцеговина, почувствуваме дека организацијата е на високо ниво. На три места милицијата ни изврши визуелна контрола на возилото, изврши увид на возачката и сообраќајната дозвола, на личната карта и на потврдата дека сме акредитирани новинари, беа љубезни, сараевските улици чисти, градот декориран со југословенски, босански и олимписки знамиња, со олимписката маскота „Вучко“, немаше паркирани возила. Амбиентот олимписки – сѐ функционираше беспрекорно. Откако во прес-центарот ги зедовме акредитациите, ни дадоа возен ред на автобусите што сообраќаа од населбата Добриње до центарот на градот и до борилиштата, се сместивме во Олимпиското село во населбата Добриње, „голфот“ го паркирав и ја почитував препораката, без потреба да не го возам возилото.

Вечерта ја минавме на прошетка низ Башчаршија, голема раздвиженост, гости, туристи, спортисти од сите страни на светот, слушаме комуникација на многу светски јазици. Во рестораните, ќебапчилниците, слаткарниците, кафулињата, дискоклубовите многу народ, иста слика и во продавниците и во бутиците. Домаќините добро подготвени, продавачите и келнерите комуницираа со гостите на два-три светски јазици. Како што дознавме, неколку години сараевчани се подготвувале за Олимпијадата. Имавме среќа, во ќебапчилницата со влегувањето се ослободи маса, нарачавме петнаесетка со кромид, гладот го заситивме, а жедта ја изгаснавме со понекое студено сараевско пиво „олимпик – 84“, произведено за Олимписките игри.
На денот на свеченото отворање на ЗОИ, 8 февруари, голема раздвиженост во прес-центарот во културно-спортскиот и трговски центар „Скендерија“. Акредитирани се околу 4.600 новинари и фоторепортери од целиот свет. Од организаторот и од големиот број светски брендови, спонзори на Олимпијадата, на прес-конференциите и на нивните штандови ни подаруваа од производите и пропаганден материјал. Автомобилот го натоварив со подароци до таванот. Од јапонската мултинационална корпорација „Никон“, која е меѓу водечките светски производители на фотоапарати и на оптичка опрема, за подарок добив виндјакна, капа, ранец, специјални панталони, а американската државна компанија „Кодак“, производител на филмови, ми подари 10 колор-дијапозитиви, за старт, а за секој даден филм за развивање, добивав нов, се разбира, бесплатно.

Сепак, еден настан ми остана во долго сеќавање. Колегата Мирослав Наумовски-Лав, ми вели: „Ајде да видиш чудо“. Стигнавме пред импровизираната редакција на Асошиејтед прес (АП), американска агенција со седиште во Њујорк. На паноата излепени текстови и фотографии што ги објавиле пред отворањето на ЗОИ. Влеговме во редакцијата, за првпат видов лаптоп. Наумовски ми вели: „Ова е чудо. Новинарот го пишува текстот, го снима, телефонски кабел го става од страната и со еден клик го испраќа материјалот (текстови и фотографии) и за некоја минута пристигнува во редакцијата во Њујорк“. Во тој момент колегата испрати текст и неколку фотографии, видов како функционира оваа технологија. Лав ми вели: „Кипро да дочекам да пишувам текстови на лаптоп и да ги испраќам, и да умрам нема да жалам“.
Компјутерите набргу дојдоа и во Македонија, го потсетив колегата за ветеното, се насмеа и кратко ми одговори: „Не очекував дека толку брзо ќе се компјутеризираме“.
Спортскиот уредник на Радио Скопје, Бранко Давидовски, ми вели дека од сите македонски акредитирани новинари сум најмудар, бидејќи сум се акредитирал како фоторепортер. „Ми личиш на космонаут. ‘Никон’ те облече од петици до глава и ќе немаш проблем со ниските температури на борилишата на Јахорина, Требоевиќ, Игман и Бјелашница“.
На свеченото отворање на ЗОИ, сараевскиот стадион „Кошево“ преполн, нема игла каде да се фрли, присутни над 60.000 гледачи, пред нив дефилираа 1.272 спортисти од 49 држави. Сѐ беше на висина, декорацијата, културно-уметничката програма, кревањето на олимпиското знаме и палењето на олимпискиот оган, немаше метеж ни при влегувањето и излегувањето од стадионот, ниту пак застој во сообраќајот. За фантастичната атмосфера и она што се случуваше на теренот ги потрошив сите десет филма на „Кодак“ и пет филма што ги имав со себе. Фоторепортерите од светските новински агенции и весници што беа до мене фотографираа со по неколку фотоапарати, потрошија по стотина филма. Колегата Лав ми вели: „Ако директорот Раде Огњановски види како се трошат филмови на спортска манифестација, ќе го удри в инфаркт“. Колку за илустрација, на Бучки, тоа е прекарот на фоторепортерот Томислав Димовски, директорот дозволуваше да му се дадат два црно-бели филма, по еден за полувреме на прволигашките средби на фудбалскиот клуб Вардар.
За секоја федерална република на СФРЈ, во Олимпиското село во Добриње имаше по еден ресторан со името на републиката. Ресторанот „Македонија“ беше најпосетен. Менито со македонски специјалитети, македонски вина и ракии. Гостите најмногу ги консумираа тиквешкото црвено вино „т’га ја југ“ и неготинската ж`та ракија. Угостителската екипа ја сочинуваа врвни готвачи и келнери од скопското угостителско претпријатие „Метропол“.

Слушајќи дека разговараме на македонски, на нашата маса дојде да се запознае продуцентот на националната телевизија од Канада, кој потекнува од Битолско. Неговите колеги се мераклии на добро вино и ракија, што да им препорача, му рековме да ги пијат пијалаците што ги пиеме. Канаѓаните секоја вечер беа во македонскиот ресторан, а на заминувањето секој од нив си понесе по еден пакет „т’га за југ“.
Во новинарскиот бележник, меѓу многуте незаборавни спортски настани и доживувања, сум запишал: Берлин, 14 декември 1997 година, Светско првенство во ракомет за жени. Последен ден, македонската женска ракометна репрезентација ја победи Полска, во неизвесен натпревар, за првпат во историјата на самостојна Македонија го освоивме 7-то место во светот. Индира Кастратовиќ постигна 71 гол на првенството и беше прогласена за најефикасна. Македонскиот амбасадор во Германија, Срѓан Керим, во ресторанот „Ново Скопје“ приреди прием за ракометарките, стручниот штаб и раководството за големиот успех. Ноќ незаборавна. Ракометарките се фатија на оро и ја пееја „Македонско девојче“, нивната химна, која ја пееја и во салата. Ракометарките знаат како се слави големиот успех и надвор од Македонија, со македонски песни, среде Берлин, во македонското катче „Ново Скопје“.
Незаборавна е и шегата што му ја „скроив“ на Благоја Стоилковски, главен и одговорен уредник на Радио Скопје. Двајцата присуствувавме на приемот што го приреди југословенскиот амбасадор во Грција, по повод 29 Ноември, Денот на СФРЈ, во 1979 година.

По приемот, колегата Стоилковски ме праша по кој повод сум во Атина. Утре ќе вршам радиопренос за Радио Гостивар од фудбалскиот натпревар меѓу Грција и Југославија. Уште еднаш ми го постави истото прашање. Да, вечерва имаме брифинг со селекторот Миљан Миљаниќ. Пред почетокот на натпреварот со торбата на рамо влегувам на теренот, а пред тоа Стоилкоски и ми посака успех.
На директорот на Радио Гостивар, Гале Фидановски, му ја раскажав шегата и му реков дека ќе му се јави неговиот другар од студентските денови Стоилковски. По неколку минути на телефон се јави Стоилковски, веднаш му честиташе: „Ти си вистински директор. Браво за тебе и за Кипро што реализиравте радиопренос од Атина. На колегиум, во присуство на директорот Чедомир Стојковски, се прашав зошто Радио Скопје не испрати репортер да врши пренос од овој значаен фудбалски натпревар“. Гале внимателно го слушаше и на крајот не издржа, му призна дека не е вистина. „Честитај му на Кипро за успешниот дриблинг“, му рече низ смеење.