Од аспект на бизнисот, сите енергенти се важни бидејќи се составен дел од оперативните трошоци на компаниите, но исто така важно е снабдувањето да биде непречено и стабилно. Бизнисите се заинтересирани за алтернатива што ќе резултира со поевтина цена на енергентот, бидејќи намалените трошоци ќе се рефлектираат во нивната ликвидност, велат од бизнис-заедниците

Потпишувањето на договорот за интерконекторот за природен гас со соседната Грција, што на Македонија ќе ѝ обезбеди уште еден пристап до гас што доаѓа од Азербејџан, ги зголеми очекувањата на бизнис-заедницата за пристап до нов поевтин енергент што може да ја подобри нивната конкурентност. Бизнисмените подолг период укажуваат дека на стопанството му е потребен поевтин енергент, со кој производството ќе стане поконкурентно.
– Секоја капитална инвестиција што придонесува за подобрување на трговската размена или за поедноставување на протокот на работници, стоки, услуги и финансии е добредојдена за секоја земја. Но, секој меѓународен проект е релативно бавен во спроведувањето поради неговата природа. Позитивен е фактот што нашата држава ќе се приклучи кон оваа иницијатива, која диверзифицира извори на енергенти, факт што е многу важен како за економијата така и за граѓаните – велат од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Претставниците на СКСЗМ потенцираат дека за развој на бизнисите важен сегмент се енергентите и дека исто така значајни се нивниот континуитет и нивната стабилност и додаваат дека цената на енергентите се рефлектира и врз ликвидноста на компаниите.
– Од аспект на бизнисот, сите енергенти се важни бидејќи се составен дел од оперативните трошоци на компаниите, но исто така важно е снабдувањето да биде непречено и стабилно. Со оглед на слабиот институционален капацитет за спроведување капитални инвестиции, оваа можност, најверојатно, ќе може да се искористи во среден рок. Бизнисите се заинтересирани за алтернатива што ќе резултира со поевтина цена на енергентот, бидејќи намалените трошоци ќе се рефлектираат во нивната ликвидност – дополнуваат од СКСЗМ.

Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија го нагласуваат инвестицискиот циклус на акционерското друштво за вршење енергетски дејности „Национални енергетски ресурси“ (НЕР), кое е во државна сопственост и кое ги гради магистрални гасоводи, со кои ќе се овозможи поврзување на сите главни урбани центри во државата со системот за пренос на природен гас.
– Во НЕР постојат планови за инвестирање во нови интерконекции за поврзување на системот за пренос на природен гас на РСМ со Грција, Косово, Србија, Албанија и Бугарија. Во однос на овие конекции, најблиску до реализација е интерконективниот вод со Грција, за кој е потпишан договор, подготвена студија за оправданост од страна на НЕР и грчкиот оператор ДЕСФА, во која е предвидена трасата на гасоводот. Придобивките што земјава ќе ги добие од реализација на интерконективниот вод со Грција се: зајакнување на односите помеѓу националните оператори со природен гас, олеснување на трговијата со природен гас помеѓу операторите од двете земји, понатамошен развој на мрежата за пренос на гас на Македонија, подобрување на сигурноста во снабдувањето со пазарот на гас во Македонија, односно снабдување со гас од т.н. Јужен коридор. Бизнис-секторот очекува зголемена конкуренција на пазарот на природен гас преку интерконекторот со Грција, кој треба да донесе намалување на цената на природен гас и зголемување на конкурентноста на македонската економија – потенцираат од СКМ.
Од Министерство за економија посочуваат дека со новата гасоводна мрежа што треба да се гради од Грција кон Србија ќе се овозможи зголемена употреба на гас, но и пристап до поевтин енергент за компаниите.

– Интерконекциите за гасно поврзување со Грција, Косово и Србија овозможуваат диверзификација на енергетските извори и го зголемуваат капацитетот за увоз на природен гас, што ќе овозможи зголемена употреба на ова гориво во индустријата, како чекор кон транзицијата во нискојаглеродна индустрија. Пристап до гасната преносна мрежа, особено за индустриските претпријатија – посочуваат од МЕ.
По потпишувањето на договорот меѓу Грција и Македонија, чин што грчките медиуми го опишаа како зближување меѓу двете земји и зајакнување на економската соработка што би требало да ги поттикне и билатералните односи.
По потпишувањето на договорот, министерот за енергетика и животна средина на Грција, Костас Скрекас, истакна дека изградбата на гасоводот ја зајакнува геополитичката улога на Атина во регионот. Додека амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат посочи дека ова е важен чекор во диверзификацијата на регионалното снабдување со енергија.
Гасоводот од Грција треба да продолжи низ Македонија кон Косово и Србија и за цел Западен Балкан. Гасоводот за интерконекција ќе има вкупна должина од 123 километри и ќе го поврзува националниот систем за пренос на гас од Солун до границата со Северна Македонија. Должината на гасоводот на грчко тло ќе биде 57 км, а проценетата цена е околу 50 милиони евра. Должината на гасоводот во Македонија е близу 80 км, а чини околу 54 милиони евра. Создавањето вертикални гасни интерконектори е столб на енергетската стратегија на Атина во регионот, а во исто време се зајакнува снабдувањето со енергија на Скопје, пишуваа грчките медиуми.


Компаниите и домаќинствата чекаат приклучок

Иако неофицијално, од службите инволвирани во гасификацијата велат дека кон главната гасоводна мрежа се приклучени голем број компании во чија близина поминува гасоводот, но и дека има интерес во реоните каде што изградбата е во тек.
За домаќинствата да можат да го користат гасоводот, како што објаснуваат, ќе биде потребна изградба на дистрибутивната мрежа, за која сѐ уште се бара стратегиски партнер.
Во меѓувреме, во согласност со најавите на надлежните институции, годинава треба целосно да се заврши со изградбата на магистралните гасоводи од Скопје до Гостивар и од Неготино до Битола, по што и овие делници ќе бидат поврзани на преносниот систем на гас. Во меѓувреме се работи на интерконекциско поврзување со Грција, Косово и Србија, за што неодамна беше потпишан договор со соседна Грција.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, потенцира оти значењето на гасификацијата е огромно за државата од аспект на заздравување на економијата, намалување на аерозагадувањето, како и поевтин енергент за граѓаните и компаниите.

– Ги користиме сите технички и човечки ресурси за да може што поскоро да ги завршиме почнатите магистрални делници, а наедно да почнеме и нови проекти за гасификација на целата територија на државата. Значењето на гасот е силно потенцирано и од граѓаните и од бизнис-секторот и затоа ги охрабрувам, ние цврсто стоиме на нашите определби гасот да го доведеме до сите корисници. Очекувам магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар да биде завршен годинава, имаме чист терен за работа, а изградбата се одвива со добра динамика. Исто така и магистралниот гасовод од Неготино до Битола е во завршна фаза и тој ќе биде оперативен оваа година. Во однос на новите проекти, за оваа година планираме да почнеме постaпки за изгрaдба на делницата од Неготино до Гевгелија и да се поврземе со конекторот со Грција, а веќе слeдната да почнеме со две нови магистрални делници од Велес до Свети Николе и од Гостивар до Кичево – појасни Бочварски.
Во согласност со најавите на претставниците на Национални енергетски ресурси, во тек е и студијата за оправданост за поврзување со интерконекторот со Косово, а следната година би требало да биде конечниот проект и неговата реализација. За конекторот со Србија, надлежните најавија дека двете земји заеднички ќе аплицираат до Инвестицискиот фонд на Западен Балкан за студија за оправданост и проектирање.