Ципрас (лево) и Каменос постигнале меѓусебна согласност со која не го загрозуваат Преспанскиот договор

Политичките превирања во Грција нема да ја доведат во прашање ратификацијата на Преспанскиот договор во Атина, бидејќи грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за одбрана во заминување, Панос Каменос, всушност се согласиле на заеднички став со кој нема да ја загрозат спогодбата со Македонија, како ниту грчката влада, објавува „Катимерини“.

Се очекува владата на Сириза да остане на власт, со обновен мандат, и покрај критиките за начинот на кој е постигнато новото мнозинство. Сириза има 145 пратеници, но наводно, обезбедила уште шест гласа за потребното мнозинство од 151 глас во парламентот со 300 места. Единствено досегашниот министер за одбрана Каменос и неговата заменичка Марија Колиа-Царуча ќе поднесат оставки на владините функции.

Владата на тој начин ќе го помине изгласувањето на доверба кое ќе се случи задутре или в четврток, а спогодбата помеѓу премиерот и коалицискиот партнер во заминување, ќе значи и безмалку сигурно усвојување на Преспанскиот договор.

Ципрас е решен да го истурка Преспанскиот договор, за да им покаже на САД и на ЕУ дека е доверлив партнер. Токму западните партнери на Грција ќе го дочекаат останувањето на грчката влада со олеснување, бидејќи и тие вложија значителни напори во усвојувањето на Преспанскиот договор.

Каменос, пак, ќе остане лидер на неговата парламентарна група, со што ќе обезбеди влијание што му е потребно за да се бори за политичкиот опстанок на неговата партија, односно за повторно влегување во парламентот на следните избори.