Оцрнувањето на сопствената држава надвор не му носи никому добро. Впечатокот што се добива од страна е дека поради некои чудни наши логики, сами ја обезвреднуваме својата држава, истакнувајќи ги постојано во преден план работите што не чинат. Недоследности има и ги има секаде, но тие низ една заедничка работа треба да се исправат, бидејќи на долг рок оцрнувањата на земјата надвор ни нанесуваат непроценлива штета. Стратегиските државни цели, во пакет со вековната национална македонска кауза, не смеат да бидат волунтаристички толкувани од ниту еден политичар, без оглед дали е на власт или во опозиција. Она што сите треба да го прават надвор е да ја прикажуваат својата земја и татковина Македонија во светлината на неограничен (и неискористен) потенцијал на сите полиња, стопански, бизнис, економски, културен, спортски, туристички, земјоделски, медицински, образовен… и со демократски капацитет, кој има голема апсорпциска моќ за надградба и унапредување. Само на тој начин ќе бидат привлечени инвестирања во стопанството, бизнисот, економијата, енергетиката, технологијата, па и во човечките ресурси…

Самите безмилосно го урнисуваме угледот на државата во меѓународни рамки

Македонските политичари ниту по 30 години самостојност на државата не ја научија основната лекција дека угледот на земјата во меѓународни рамки мора постојано да се гради и надградува, без оглед дали некој е на власт или во опозиција. Државниот имиџ и државниот идентитет се градат паралелно.
Но кај нас оваа практика воопшто не се почитува, па речиси без исклучок во настапите на политичарите надвор од земјата, државата се прикажува како темно петно, се бара емпатија преку силна доза себесожалување и песимизам, се бараат оправдувања зошто Македонија не напредува, дека е корумпирана, дека назадува или стагнира и во слични други негативни конотации, со единствена цел тој политичар во моментот да ѝ се додвори на тамошната јавност и да се прикаже како најдобра опција.
Она на што сите забораваат е дека оцрнувањето на сопствената држава надвор не му носи никому добро, бидејќи впечатокот што се добива од страна е дека во државата буквално ништо не чини. Уште полошо е што ваквата негативна кампања ги одвраќа и странските директни инвестиции, бидејќи инвеститорите секако ќе ја заобиколат земјава ако добијат впечаток дека тука е непредвидлив теренот, но од друга страна ќе ги намами оние наводни бизнисмени што го користат принципот „направи пари и побегни“.
Повеќе од сигурно е дека сите овие сценарија нема да му одат во прилог на ниту еден политичар тука, а најмалку на македонските граѓани, кои со своето достоинствено однесување сите овие години покажаа дека се мирен и трудољубив народ што сака европски просперитет и економски развој на својата земја, без некој да го перцепира како корумпирано и криминално општество.
Додека нашите политичари се натпреваруваат кој ќе каже што полошо за својата земја надвор, има земји што без оглед на тоа што имаат редица слабости дома, сепак тие работи ги чуваат за себе. Соседна Грција можеби е најдобриот пример како треба да се негува имиџот на државата во меѓународни рамки кога состојбите дома се најцрни. Иако задолжена до гуша, обвинета за празнење на европските фондови, намерно загрозување на еврозоната, внатрешнополитички поделена, ниту еден грчки политичар, било од власта или од опозицијата, не излезе надвор да каже дека земјата им е најкорумпирана или најлоша, туку сите заеднички се бореа да ѝ се спротивстават на цела Европа и да ја истераат својата правда. На домашен терен паѓаа тешки обвинувања за кризата во земјата, но надвор, сите беа единствени дека Грција е најдобра и дека нема да попуштат пред „европските уцени“.

Поранешниот дипломат Драган Јањатов, потврдувајќи ја ваквата востановена практика политичарите да фрлаат „дрва и камења“ за состојбите во својата држава кога одат во странство, смета дека изјавите што ги даваат македонските политичари во кои ја оцрнуваат сопствената земја во меѓународни рамки се одраз на недостиг од вистински патриотизам и политичка култура.
– Тоа е одраз на недостиг од вистински патриотизам, на погрешно поимање на флоскулата што е патриотизам. Кај нас под патриотизам се подразбира да се испее некоја патриотска песна. Ние сме херои само во народните песни. Во суштина патриотизмот подразбира да се заштитува сопствената земја од такви што без основна политичка култура плукаат и ја понижуваат земјата. Во една Шведска на пример, нема да најдете политичар или граѓанин што ќе зборува лошо за својата земја – вели Јањатов.
Негово мислење е дека македонските политичари кога ќе се најдат во улога на опозиција, без исклучок, секогаш зборуваат најлошо за својата земја.
– Она што можев да го констатирам изминативе 30 години, тоа е дека секој политичар кога ќе се најде во улога да биде опозиција почнува да ја оцрнува својата земја надвор. За да се дограбат до власта, подготвени се на сè и не ми е јасно како подоцна не се срамат кога ќе ги прочитаат тие изјави во некој странски медиум. Наместо секоја опозиција да предлага закони, проекти, да нуди решенија, таа води црна кампања против својата земја надвор. Дури и да е најцрна состојбата дома, за тоа не мора да се зборува надвор – истакнува Јањатов.