Директорот на Обединетите нации за Светската програма за храна, Дејвид Бизли, го објави планот  според кој се потребни 6,6 милијарди долари во борбата против светската криза со глад. Планот е директен одговор до извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, кој вети дека ќе продаде дел од акциите доколку ОН понудат транспарентен и детален план за решавање на кризата.

Дејвид Бизли во понеделникот на Твитер го објави целосното издание на програмата, која се состои од 1.000 зборови. Во планот се опишува како ОН ќе ги распоредат оброците и ваучерите во вредност од 6,6 милијарди долари за да се нахранат над 40 милиони луѓе во 43 земји кои се на работ на глад.

Според планот, 3,5 милијарди долари се директно наменети за купување и испорака на храна, две милијарди долари за ваучери за храна и 700 милиони долари за управување со нови програми за храна кои ќе бидат прилагодени за земјите кои имаат потреба и се на раб на глад. Дополнителни 400 милиони долари ќе бидат искористени за управување, менаџирање и за координација на синџирот на снабдување.

– Светот гори. Предупредував за бурата предизвикана од ковид-19, конфликтите, климатски непогоди и зголемените трошоци за синџирот на снабдување. Оваа криза со глад е итна, без преседан и може да се избегне. Вие побаравте јасен и транспарентен план. Еве го! Подготвени сме да разговараме со вас, и секој кој сериозно сака да спаси животи – напиша Бизли во објавата на Твитер до Маск, чие богатство се проценува на приближно 288 милијарди долари.

Според пресметките, само два отсто од богастството на Маск ќе биде доволно за да се реши прашањето со гладта во светот. Маск сѐ уште не одговорил на објавата.