ВМРО-ДПМНЕ го осуди изборот на логото за одбележување на 30-годишнината од независноста, коментирајќи дека тоа е сквернавење на државното знаме, а го доведува во прашање и општественото уредување и историскиот континуитет на македонската државност.

– Непостоењето на терминот „република“ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 септември 1991 година македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија го прави понуденото решение целосно неприфатливо – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата бара итно и неодложно повлекување и распишување нов конкурс со прецизни параметри кои треба да бидат испочитувани при изборот на ново лого.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ прави штета на македонскиот идентитет и државните симболи.

ВМРО-ДПМНЕ е докажан непочитувач на државното знаме, тие не прават разлика меѓу стилизирано сонце со 12 краци и сонцето од знамето со осум краци, реагираат од СДСМ на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека логото за 30-годишнината од независноста е сквернавење на знамето.

– Државното знаме е светост и тоа не треба да се сведува на дневни политичко-партиски преписки, ниту да се користи во логоа за прослави. ВМРО-ДПМНЕ требало до сега да научи дека на државното знаме има сонце со 8, а не со 12 краци. На логото за годинешниот јубилеј за кој ВМРО-ДПМНЕ денеска глуми наводна загриженост не е ставено знамето туку на него има стилизирано сонце, со видлива разлика и во типот и во бројот на краци – велат од СДСМ.

Од партијата појаснуваат дека логото за јубилејот 30 години независност е составено од повеќе елементи.

– На традиционалната црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30 годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот код МК код бројот 30 раскажуваат за нашата државност. ВМРО-ДПМНЕ како антинародна партија е и докажан непочитувач на државното знаме. Доволно е да се види секој нивен протест и заклучокот е евидентен – кај нив не се знае ниту кое знаме го веат, ниту каков став имаат за националните интереси – велат од СДСМ.