Брачниот пар Вера и Милош Смиљановски со академикот Харалампие Поленаковиќ

ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО

На секој 29 ноември, Денот на Републиката (на некогашната заедничка држава СФРЈ), ми се навраќаат спомени, сеќавања, спонтано ми навираат емоции што не ме оставаат рамнодушен. Иако, минале декади и декади, сепак настаните се нижат како на филмска лента: од убави, повпечатливи, несекојдневни настани или случаи што ме потсетуваат на празнувањата, на веселбите и дружењата на празникот на некогашната заедничка држава СФРЈ. Секое празнување многу ми значеше, како за мојата генерација, родени неколку години по ослободувањето од фашистичкиот окупатор, така и за повозрасните и за помладите од мене. Кога бев прваче, празникот ми беше празник над празниците. Неколку недели на училиште и дома ме подготвуваа за големиот ден, кога ќе станам Титов пионер (ќе добијам „титовка“ и на вратот ќе ми врзат црвена марама). Бев нестрплив, со голема радост ги чекав денот и приредбата посветена во чест на првачињата на нашата генерација од учебната 1955/1956 година. Гостивар беше украсен со знамиња, во училишната спортска сала се одржа свечена академија и приредба, голема радост, бевме во центарот на вниманието на учителите и на гостите… Секоја година, на Денот на Републиката – 29 Ноември, ми се случуваа настани за паметење. Како ученик во четврто одделение настапив во драмата „Печалбари“ на Антов Панов, во изведба на драмската секција на КУД „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар, бев статист, дете на печалбар, облечен во галичка носија, со уште две другарчиња. Настапивме во задружниот дом во селото Вруток и во работничкиот дом во Маврови Анови (изграден за градителите на Мавровските хидроелектрични централи). Претставите беа масовно посетени, тоа беше мое прво излегување од Гостивар.
На празникот на Републиката се радував бидејќи ги колевме свињите, правевме колбаси, џимиринки, а од бабулето фудбал. Во секоја куќа во Ново Маало се колеа по две-три свињи, се правеа и неколку вида домашни специјалитети. Маста се користеше за готвење јадења, а многу малку или воопшто не се употребуваше масло за јадење.
Со минувањето на годините, како што растев, така се менуваа навиките и начинот на празнувањето на празникот на Републиката. Како средношколец, студент и потоа, со другари и колеги, празничните денови ги минувавме во селото Маврово, учествувавме на отворањето на скијачката сезона на планината Бистра, дебелината на снежната покривка изнесуваше над половина метар и уживавме во зимските лудории.

Драг гостин во радиото

Секое празнување ми беше различно, посебно и мило. Сепак празнувањето на 29 Ноември 1980 година, од сите празнувања, длабоко е врежано во мојата душа и остана неповторливо. Еве зошто.
Академик Харалампие Поленаковиќ, пред неколку месеци, на крајот на август, во Радио Гостивар дојде на кафе-муабет. Многу го сакаше родниот Гостивар и кога доаѓаше не пропушташе да нѐ посети. Со академикот се запознав во 1971 година, на завршувањето со работа на Првиот научен собир на „Бигорски научно-културни собири“, кој се одржа во Гостивар, на 22 и 23 октомври 1971 година. Како млад новинар ми даде изјава-оцена за собирот со кој раководеше. Познанството ни прерасна во пријателство.
Како гостиварец, имам желба Радио Гостивар да подготви предлог да бидам кандидат за добивање на наградата АВНОЈ (највисока државна награда на СФРЈ, која им се доделува на творци од областа на уметноста и науката и за животно дело) – ни соопшти драгиот гостин.
Веднаш потоа ја образложи идејата зошто Радио Гостивар да биде носител на иницијативата, да го подготви предлогот и да го достави до Одборот за доделување на наградата АВНОЈ, а не некоја звучна републичка институција од Скопје.
Гале Фидановски, директор на Радио Гостивар, и јас, претседател на Собирот на работни луѓе на Радио Гостивар, без двоумење, со големо задоволство го прифативме предлогот и бевме убедени дека академикот ја заслужува авнојската, највисоката државна награда. Нашето мислење веднаш го елабориравме – дека научниот опус е богат со над 650 научни труда од областа на македонската литературна историја и од литературната историја на другите југословенски народи. Исто така, има објавено значајни научни трудови од областа на македонскиот и воопшто на јужнословенскиот фолклор, како и трудови од лингвистиката и балканистиката, објавувани во повеќе публикации во југословенските академии и научни институции во Франција, Италија, Германија, Полска и во други држави.
Академикот Поленаковиќ внимателно нѐ слушаше, ни одговори дека наполно се согласува со сѐ.
Високата државна награда АВНОЈ ја заслужувам, не сум нескромен, ниту субјективен, реално треба да бидам добитник. Меѓутоа, има мала пречка, не сум член на СКЈ, поради тоа комисијата може да го отфрли предлогот. Добитници на државната награда АВНОЈ исклучиво беа членови на партијата. Ако ја добијам наградата, ќе бидам единствениот без партиска книшка. Јас сум научник, истражувач, творец, никогаш политиката не ме привлекувала, не ме интересирала, туку само науката – заклучи Поленаковиќ.
По неколку дена во Скопје ни даде 11 негови книги и биографија, за да можеме да го напишеме предлогот. За нас беше одговорна задача, а наедно нѐ исполнуваше и ни причинуваше големо задоволство. Неколку дена, внимателно, секој збор го меревме на кантар, ги напишавме предлогот, биографијата и пријавата, административно ги средивме и ги испративме.
Со нестрпливост го очекував 29 Ноември 1980 година, Денот на Републиката. Во Сојузното собрание во Белград се одржа свеченост по повод објавувањето на добитниците на наградата АВНОЈ, а РТВ Белград вршеше пренос. Кога го слушнав името на академик проф. д-р Харалампие Поленаковиќ, бев пресреќен, се радував што нашиот предлог мина и нашиот почитуван и ценет сограѓанин заслужено се закити со највисоката државна награда.

Никогаш не го заборави Гостивар

Академик проф. д-р Харалампие Поленаковиќ е роден на 17 јануари 1909 година, во Македонско (Варош) Маало, во Гостивар, во занаетчиско семејство. Основно училиште и Филозофски факултет (1934 год.) завршил во Скопје, а докторирал во Загреб, Хрватска (1939 год.).
Од разговорите со академикот Поленаковиќ, во сеќавања ми останаа неколку значајни податоци за неговата биографија, кои не се објавени. Лозата на Поленаковиќ потекнува од малото село Полена, област на Москополе, некогаш стар град, денес мало планинско село со околу 700 жители, во Албанија. Поради лошите услови за живеење, на крајот на 19 или на почетокот на 20 век, дедо му и татко му се преселиле во Гостивар, каде што изградиле две куќи, една до друга, бидејќи фамилијата им била многудетна.
Подготвувајќи го текстов, имав средба со Милош Смиљановски, пензиониран професор по македонски јазик и хроничар на Гостивар, први соседи со фамилијата на Поленаковиќ.
Татко ми Страхиња и Харалампие беа „браќа“ и многу се почитуваа. Баба ми Тодора, кога ќе го надоела синот Страхиња, потоа го доела и бебето Харалампие, бидејќи мајка му немала доволно млеко. Татко ми го наследи лимарскиот занает од татко му Јован, а Харалампие докторира на Филозофскиот факултет, стана професор, академик и познат научник. Меѓутоа, славата и кариерата не го опија, неговото битие беше сврзано со дедо ми, баба ми, а посебно со татко ми. Секогаш го посетуваше во неговиот лимарски дуќан, кој се наоѓа во близината на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, доаѓаше дома, пријателството го почитуваше и го префрли и на неговиот син Момо, засекогаш бевме блиски, смртта нѐ оддели – раскажа Смиљановски.
Професорот Смиљановски, откако зеде здив продолжи да раскажува за Харалампие. Иако средното училиште и факултетот ги завршил во Скопје, Харалампие постојано доаѓал во Гостивар. Најомилено место за подготовка на испитите му била гостиварската населба Дутлок, името го добила по големиот број дрва со дудинки, кои ширеле пријатна миризба и биле многу вкусни. Тоа се дел од сеќавањата на осумдесетгодишниот гостиварски професор.
По ослободувањето, од 1946 до 1960 година, Харалампие бил шеф на Катедрата за историја по книжевностите на народите на СФРЈ, бил продекан и декан на Филозофскиот факултет. Бил главен уредник на „Енциклопедија на Југославија“, еден од основачите на Друштвото за македонски јазик и книжевност и главен уредник на списанието „Литературен збор“, основач на МАНУ и во два мандата потпретседател (1967 – 1975) итн.
Ова е само дел од спомените за овој благороден лик, кој заслужува засекогаш да остане во сеќавањето на граѓаните на Гостивар, но и на цела Македонија. Во мојата меморија тој ќе остане засекогаш, а наедно ќе ме потсетува на еден дамнешен празник на тогашната држава, кога тој го доби највисокото државно признание за својата работа.