Фото: Фејсбук/Стево Пендаровски

Претседателот на државата Стево Пендаровски не е оптимист дека ќе се случат уставните промени, односно дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени ставот и ќе гласа за нив. Уверен е дека во противењето, поточно во кочењето на евроинтегративниот процес на земјата, партијата гледа шанса да дојде на власт. Странските дипломати, вели претседателот, им укажуваат на опозиционерите за сите последици од нивниот став, но не им вршат притисок, пренесе МИА.

– Јас сум еден од ретките, да не речам единствен од оваа структура што сега е на власт кој вели според изјавите што доаѓаат од опозицијата во овој момент е јасно дека нема две третини. Јас не велам дека не се разговара со пратеници, но од она што го гледам од средствата за јавно информирање, не можам да видам дека таму се менува расположението макар и кај еден пратеник за да можам да тврдам дека ќе има уставни измени. Велам треба да има, императив е да има, затоа што ако нема, ние практично остануваме во една посебна подгрупа со Босна и со Косово. И ако до 1 декември не го смениме Уставот, можно е Албанија и Црна Гора да тргнат забрзано кон Европа, а ние сами себе да се блокираме, потенцира претседателот во интервју за „Слободен печат“.

Пендаровски смета дека во овој момент ВМРО-ДПМНЕ се грижи само за својот партиски рејтинг и за партиската политика, а не се грижи за стратешките интереси на државата.

-И на лаиците во политиката им е јасно дека кога ќе дојдат утре, ако дојдат на власт, нема да можат да ја сменат преговарачката рамка. Бидејќи на таа нова преговарачка рамка, евентуално, и Бугарија треба да каже „да“ и не можете да го смените билатералниот договор од 2017 година, зашто за тоа се прашува и другата страна, искаткнува претседателот.

Пендаровски е уверен дека е нереално да се очекува нова преговарачка рамка.

-Нема да има нова преговарачка рамка, просто кажано. Јас лично би сакал подобра преговарачка рамка. Но, не е можно. Ова беше компромисот. Кои беа почетните бугарски барања. Бугарскиот амбасадор на КОРЕПЕР во Брисел пред три години дистрибуираше материјал што вели „за оваа кандидатка да продолжи понатаму, треба да ги смени учебниците и во нив да стои дека до 1944-та сме биле етнички Бугари што го говореле бугарскиот јазик и дека од 1941 до 1944 година имало администрација, а не окупација. Официјална позиција на Бугарија. Оттогаш, сега имаме само 3.500 Бугари по последниот попис да ги ставиме во Уставот и ќе имаме 13 вкупно. И ако тоа ја руши Македонија, кој е контрааргументот?, прашува Пендаровски.

Според него, доколку не се случат уставните измени, државата нема да пропадне, но не може да напредува како што би напредувала кога би била во европските интеграции, би ги користела сите фондови и совети за да можеме да просперираме и во економијата, социјалата, политиката, културата, владеењето на правото.

-Ако сме оставени сами самите да се реформираме со тоа што го имаме како знаење и демократски услови, ние ќе се реформираме два до три пати подолго отколку кога би биле во преговорите и би учеле од најдобрите, вели Пендаровски за „Слободен печат“