Фото: Влада

Шокиран сум од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“, стои во коментарот на претседателот Стево Пендаровски на неговиот фејсбук профил по повод одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина”, во која поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

-Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата – стои на фејсбук статусот на претседателот Пендаровски.
Апелациониот суд Скопје, вчера, ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, на поранешниот директор на УБК Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.