Повод: Евроинтеграциите – алатки ставени во функција на партиски политики
- Политичките разлики се природни во едно демократско општество, но кога се решаваат прашања од суштинско значење за иднината на државата, неопходни се заедничка стратегија, транспарентност и обврзувачки консензус што се следи во повеќе владини мандати
Политичките партии можат да имаат различни идеологии, програми и визии за економскиот развој, социјалната политика, образованието, здравството или за функционирањето на институциите. Тоа не само што е нормално туку е и неопходно за едно демократско и плурално општество. Токму низ судирот на идеи, аргументи и политички концепти треба да се доаѓа до најдобрите решенија за граѓаните. Но кога на дневен ред ќе се најдат прашањата што ги засегаат државноста, националните интереси и долгорочната иднина на земјата, тогаш партиските разлики не смеат да бидат изговор за отсуство на заедничка стратегија.
Искуствата од македонската понова историја покажуваат дека отсуството на политичка кохезија околу најважните државни прашања може да ја доведе земјата во позиција од која тешко се излегува. Кога политичките чинители настапуваат разединето, кога едни преговараат, други ги оспоруваат, а трети чекаат политички поени од евентуалниот неуспех, тогаш просторот за маневрирање на државата се стеснува. Наместо рамноправен партнер во разговорите, таа ризикува да се најде во подредена положба, особено во односите со соседите, кои многу често настапуваат со јасно дефинирани национални цели. Затоа, единството околу државните интереси не треба да биде прашање на добра волја на политичките партии, туку на нивната политичка зрелост и одговорност.
Понудата за дијалог мора да стане политичка практика
Токму во овој контекст треба да се гледа и пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека Европската Унија останува стратешка цел на државата и дека во тој поглед нема никакво поместување. Одговарајќи на пратеничко прашање од Арбана Пашоли од Европскиот фронт за стратегијата на Владата за деблокирање на евроинтегративниот процес и отворањето на преговарачките поглавја, Мицкоски нагласи дека Владата води дијалог со Бугарија и дека опозицијата може директно да се вклучи во процесот.
– Во овој дијалог, којшто го водиме со Бугарија, апсолутно, еве вие како здружена опозиција на неколку политички партии предложете претставници да бидат дел од тимот којшто ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно ќе го почитуваме тоа – нагласи премиерот.
Оваа понуда отвора можност за надминување на вообичаената практика евроинтеграциите да бидат предмет на меѓупартиски обвинувања, а не на заедничко утврдување на државните позиции. Но не е доволно само да се упати покана за учество на опозицијата, туку потребно е да се воспостават јасни правила за тоа како ќе се дефинираат националните црвени линии, кои прашања можат да бидат предмет на разговор и какви гаранции се неопходни за секое евентуално решение.
Слична политичка кохезија требаше да биде обезбедена и во периодот кога се преговараше за таканаречениот француски предлог. Тогашната власт имаше обврска да најде начин да ги вклучи опозициските претставници во суштинските консултации, да ги информира за текот на разговорите и да се обиде да изгради поширока согласност за последиците од прифатеното решение. Не станува збор за тоа опозицијата задолжително да се согласи со секој владин предлог, туку за нејзино учество во процесот во кој се одлучува за прашања што ќе ја обврзуваат земјата и по завршувањето на мандатот на актуелната влада.
Зашто секој договор што се постигнува без поширока политичка поддршка ризикува да стане предмет на оспорување при секоја промена на власта. А ако една влада прифаќа одредени обврски, следната ги доведува во прашање, а третата повторно отвора веќе затворени теми, тогаш државата не може да изгради доследна и предвидлива надворешна политика.
Токму затоа, тајните преговори, недоволната информираност на јавноста и отсуството на јасни објаснувања за преземените обврски создаваат простор за сомнежи и недоверба. Транспарентноста не значи дека секој дипломатски разговор мора да се води пред камерите, туку дека јавноста и релевантните политички чинители треба да знаат кои се целите на државата, што се преговара и кои се границите што не смеат да се преминат. Кога тие правила недостигаат, секоја одлука станува сомнителна, а секој компромис лесно се претвора во предмет на партиска пресметка.
Единството како празнична флоскула
Македонија повеќе од три децении ја повторува истата лекција, но ретко успева да ја претвори во трајна политичка практика. На секој државен празник се зборува за заедништво, национална одговорност, државни интереси и за потребата од надминување на поделбите. Во Собранието се усвојуваа резолуции и декларации за прашања поврзани со името, Уставот и преговарачките позиции на државата, но, во моментите кога се соочуваа со силен меѓународен притисок или со барања однадвор, политичките ветувања и претходно усвоените документи често не успеваа да обезбедат трајна заедничка позиција.
Така, повиците за национално единство неретко остануваа само ехо од говорниците, без вистинско влијание врз политичкото однесување. Проблемот не е во тоа што партиите имаат различни ставови за одредени решенија, туку во тоа што неретко се подготвени да го оспорат и она што самите претходно го поддржувале, само затоа што политичкиот противник се наоѓа на другата страна од власта. Во такви услови, државниот интерес станува заложник на партиската пресметка, а националната стратегија се менува во зависност од тоа кој моментално располага со парламентарното мнозинство.
Последиците од таквата практика не се ограничуваат само на внатрешната политичка сцена. Разединета држава тешко може да настапува со убедливост во меѓународните односи, бидејќи нејзините соговорници гледаат дека позициите можат да се менуваат со секои избори. Наместо да се соочат со јасно дефинирани и долгорочни државни ставови, тие добиваат можност да ја тестираат издржливоста на политичкиот консензус и да бараат дополнителни отстапки.
Во европскиот контекст, ова е особено важно. Европската Унија не е единствен политички актер со идентични интереси и ставови на сите членки, а нејзините институции и земјите членки не секогаш настапуваат со иста позиција. Затоа е уште поважно Македонија да знае што сака да постигне и кои принципи ги брани. Држава што нема сопствена усогласена стратегија ризикува да се приспособува на секое ново барање наместо да ги застапува своите аргументи со доследност.
Во исто време, би било погрешно целиот проблем да се сведе на очекувањето дека европските институции треба да ги решаваат нашите внатрешни поделби или дека секое нивно барање е нужно насочено против македонските интереси. Одговорноста за создавање функционален политички консензус пред сè е домашна. Но домашната политичка сцена мора да биде свесна дека нејзините слабости можат да ги искористат и оние актери што сакаат да наметнат решенија поповолни за сопствените позиции. Особено загрижува кога некои политички чинители во земјава се подготвени да ја жртвуваат заедничката позиција заради краткорочна политичка корист или за да добијат поддршка однадвор.
Консензусот мора да има правила, а не само добри намери
Во разговор со професори, интелектуалци и разни други општествени чинители се обидовме да дојдеме до одговорот на прашањето дали е можно, во ваква политичка атмосфера како нашава, да се постигне вистинско единство за најважните државни прашања.
– Можно е, но не со декларативни повици и свечени изјави, туку со воспоставување правила што ќе ги обврзуваат сите политички чинители. Единството не значи сите да размислуваат исто, ниту, пак, опозицијата да се откаже од својата контролна функција. Напротив, конструктивната опозиција е неопходна за секоја демократија, но постои разлика меѓу критиката што нуди подобро решение и политичкото блокирање што има цел да го ослаби противникот, дури и кога со тоа ѝ се нанесува штета на државата – велат соговорниците.
Според нив, првиот чекор би бил формирање постојан собраниски механизам за националните прашања, со претставници од власта и од опозицијата, кој редовно ќе добива информации за текот на евроинтегративниот процес и за разговорите со соседие.
– Тоа тело не треба да биде декор за политичко фотографирање, туку место каде што ќе се разменуваат аргументи, ќе се утврдуваат заедничките позиции и ќе се евидентираат несогласувањата. За прашањата што долгорочно ја обврзуваат државата, треба да се бара најширока можна парламентарна поддршка, а кога е неопходно, и поширока јавна дебата. Вториот чекор е усвојување јасна национална стратегија за евроинтеграциите, со прецизно дефинирани цели, принципи и услови за прифаќање компромиси. Таа стратегија треба да ги надмине мандатите на поединечните влади и да не се менува автоматски по секои избори. Секако, политиките мора да можат да се приспособуваат на новите околности, но промените треба да се објаснуваат и да се засноваат на аргументи, а не на партиска потреба да се поништи сработеното од претходникот – прецизираат нашите соговорници.
Понатаму, како што додаваат, третиот чекор е воспоставување култура на политичка одговорност.
– Секоја влада треба да ги образложи преземените обврски, а секоја опозиција да покаже дали нејзините критики произлегуваат од суштински разлики во ставовите или од дневнополитички интерес. Истовремено, јавноста мора да има пристап до доволно информации за да може да процени кој навистина ги брани интересите на државата. Така би се намалил просторот за манипулации, за меѓусебни обвинувања и за префрлање на одговорноста од едни на други. На крајот, ниту една политичка партија нема монопол врз патриотизмот, исто како што ниту една влада не може да тврди дека само нејзината политика е единствено можна. Но сите партии имаат обврска да покажат дека постојат прашања на кои државниот интерес мора да биде поважен од изборниот резултат. Ако Македонија сака да биде сфатена сериозно во Брисел и во соседните престолнини, треба да покаже дека нејзините стратешки определби не зависат од дневните политички пресметки – заклучуваат нашите соговорници.
Понудата на премиерот опозицијата да предложи свои претставници во тимот што ќе води дијалог со Бугарија може да биде почеток на таков пристап, но вистинскиот тест нема да биде дали опозицијата ќе испрати претставници, туку дали сите учесници ќе бидат подготвени да ги стават аргументите пред партиските калкулации и да прифатат одговорност за заеднички утврдените позиции. Само така националното единство ќе престане да биде празнична флоскула и ќе стане политичка практика што ја зајакнува државата, ја штити нејзината преговарачка позиција и им дава поголема сигурност на граѓаните дека нивната иднина не е предмет на секојдневно партиско надмудрување.
































