Во пресрет на големиот православен празник летен Свети Наум, монахот Амвросиј се осврна на духовната мисија на манастирот „Свети Наум“ во Охрид

  • Во разговорот за „Нова Македонија“, монахот Амвросиј зборува со длабока понизност за чудотворната сила на моштите на Свети Наум, за монашкиот ритам на молитва и тишина, но и за потребата манастирот повторно да биде едукативен и духовен центар за младите генерации

Во тишината на бреговите на Охридско Езеро, каде што манастирот „Свети Наум“ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ, разговаравме со монахот Амвросиј – жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија. Неговиот поглед кон духовната мисија на манастирот, историската улога на Охридската книжевна школа и предизвиците на современиот монашки живот отвораат прозорец кон едно наследство што не е само минато туку и живо присуство во нашата национална меморија. Во разговорот за „Нова Македонија“, Амвросиј зборува со длабока понизност за чудотворната сила на моштите на Свети Наум, за монашкиот ритам на молитва и тишина, но и за потребата манастирот повторно да биде едукативен и духовен центар за младите генерации.

Како ја доживувате духовната мисија на манастирот „Свети Наум“ денес и каква е историската важност на манастирот во развојот на охридската духовна и културна традиција и во ширењето на христијанството и словенската писменост?
– За да ја разбереме духовната мисија на манастирот „Свети Наум“ денес, мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Ова свето место не е само нем споменик од минатото туку жива лулка во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија.
Историската важност и апостолскиот континуитет, нашиот духовен код не започнува во средниот век, туку има цврст апостолски темел. Уште кога апостол Павле го слушнал повикот: „Дојди во Македонија и помогни ни“, македонскиот идентитет влегол во христијанската историја како конкретен народ, а не како обична географска територија. Овој континуитет подоцна бил институционализиран преку Јустинијана прима, чиј директен историски и канонски наследник е Охридската архиепископија, односно денешната Македонска православна црква.
Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридско Езеро, тој не градел само ѕидови туку ја градел душата на еден народ. Заедно со Свети Климент, тој ја создаде Охридската книжевна школа, која функционираше како прв словенски универзитет низ кој поминале над 3.500 ученици. Во време кога се верувало дека на Бога може да му се обраќа само на три јазици (еврејски, грчки и латински), нашите просветители ја победија оваа бесмислена „тријазична ерес“. Тие не само што создадоа писмо туку му го дадоа на нашиот народ најголемото цивилизациско достоинство – правото да се моли, да мисли и да создава на својот мајчин јазик.
Значењето на охридската духовна традиција ги надминува нашите граници и претставува извориште од кое се напојувала целокупната словенска цивилизација. Фактите говорат дека во 991 година, македонскиот цар Самуил испратил голем број охридски црковни ракописи во киевска Русија за да го помогне нејзиното покрстување. Токму тие македонски ракописи, како славните „Новгородски ливчиња“, биле директниот темел за развојот на раната руска писменост. Со ова се докажува дека Македонија била цивилизацискиот светилник што ја просветлил Источна Европа.
Духовната мисија на манастирот „Свети Наум“ денес ја доживувам како суштински повик за наше национално и духовно будење во едни нови предизвикувачки времиња. Историски, Охридската црква и нејзините манастири биле единствениот бедем и штит што го зачувале македонскиот идентитет во вековите кога сме немале своја држава.
Денес не сме нападнати од туѓи војски, туку се соочуваме со едно тивко празнење на родните огништа и демографски предизвици. Затоа, улогата на овој манастир не смее да биде сведена само на туристичка посета. Свети Наум овде градел луѓе, а нашата света должност е тој простор повторно да го отвориме како жив едукативен и духовен центар. Како што неодамна беше истакнато и од државниот врв, вистинското образование не е само акумулација на информации, туку тоа е најсилниот штит со кој еден народ ја брани својата иднина.
Нашата современа мисија преку овој манастир е да им понудиме на младите генерации место каде што ќе го градат својот здрав карактер, каде што ќе се учат на традиционалните вредности и длабоко ќе ја засакаат својата татковина. Ако им ја засадиме таа искра на достоинство во срцата, тие ќе останат тука и ќе ја чуваат Македонија. Додека го чуваме тој духовен дом, нашата вера и нашите млади луѓе – македонскиот народ ќе остане вечен и никогаш нема да може да биде мал.

Обновата на воденицата е симбол на македонското културно наследство и на тежнеењето за благосостојба на народот

Како се однесуваат монасите кон верувањето во чудотворната сила на моштите на Свети Наум и како изгледа еден ден во животот на монах во „Свети Наум“?
– За нас, монасите, моштите на Свети Наум не се само историски артефакт што сведочи за едно минато време, туку тие се жив, непресушен извор на Божествена благодат. Ние кон нив пристапуваме со најдлабока понизност и страхопочит, свесни дека чуваме скапоценост што го надминува нашето време.
Легендата дека срцето на Свети Наум сè уште чука под надгробната плоча, за нас не е обичен фолклор. За оние што пристапуваат со чиста вера и отворено срце, тоа чукање е симбол на неговата бескрајна, жива љубов кон секој човек. Тој низ вековите остана запаметен како „жив светител“ и чудотворец, исцелител што лекувал тешки душевни и телесни болести без да праша кој од каде доаѓа. Неговата благодат е толку голема и универзална што низ историјата, а и ден-денес, на неговиот гроб со огромна почит доаѓале и нашите браќа муслимани, особено бекташите, кои во него го препознавале својот свет човек Сари Салтик. Ова е најсилниот доказ дека вистинската Божествена љубов ги руши сите вештачки човечки бариери и догматски поделби.
Што се однесува до нашиот секојдневен монашки живот, тој е обликуван токму околу таа света одговорност да се биде чувар на оваа благодат. Животот на монахот овде претставува враќање кон автентичното православно предание. Ние се водиме според строгиот Неосаваитски устав, кој се кристализирал низ вековите и кој бара еден неуспешен, тивок и длабок молитвен ритам.
Како што често истакнуваме и ние кои сме се едуцирале на Московската духовна академија, вистинското монаштво денес бара строга „информациска аскеза“. Во овој модерен свет преполн со бучава, лажни вести и површни вредности, ние намерно се одвојуваме од тој хаос за да можеме постојано да го читаме Светото Писмо и да ја практикуваме внатрешната молитва. Ние бегаме од таканаречените „литургиски спектакли“ што ја одвлекуваат суштината на покајанието и се фокусираме на тихувањето.
Но тука доаѓаме до оној величествен феномен што академиците го нарекуваат „голем монашки парадокс“. Иако ние монасите се повлекуваме далеку од светот, светот постојано доаѓа кај нас. Колку повеќе се изолираме за да се молиме за човештвото, толку повеќе манастирот станува жива духовна болница, прибежиште и едукативен центар за народот.
Тоа е историската судбина на македонските манастири. Во најмрачните времиња од нашата историја, особено по трагичното и неканонско укинување на нашата древна Охридска архиепископија во 1767 година, токму овие изолирани манастирски киновии беа единствените бедеми што ги зачуваа словенската литургија, народниот јазик и македонскиот идентитет од обидите за целосна асимилација.
Затоа, нашиот ден овде не е само рутина на богослужби. Секоја наша утринска и вечерна молитва и секој прочитан псалм на мајчин јазик претставуваат продолжување на духовниот и национален континуитет на македонскиот народ. Монасите во Свети Наум денес се стражари на еден вечен оган – кој не само што ја осветлува нашата славна историја туку треба да им го осветли патот и на новите генерации, учејќи ги дека народот што ги чува својата вера, својот јазик и своето семејство, никогаш не може да биде избришан од лицето на земјата.

Што сведочат старите ракописи, икони и уметнички дела за историјата на манастирот?
– Тие стари ракописи, фрески и икони не се само неми музејски експонати; тие се живиот духовен пасош на македонскиот народ. Во време кога се обидуваат да ни го оспорат идентитетот, токму овие артефакти се нашиот најсилен одбранбен штит, бидејќи тие сведочат дека ние сме древен, европски и културотворен народ.

  • Сведоштвото на ракописите
    Од облата глаголица до кирилицата, манастирот „Свети Наум“ и Охридската книжевна школа биле моќни скрипториуми каде што се кодифицирал нашиот јазик. Нашиот прв духовен печат е облата македонска глаголица, писмо создадено врз фонетскиот систем на македонските Словени, кое преку геометријата на крстот, кругот и триаголникот ја преточило нашата реч во жива христијанска симболика. Најубавиот доказ за ова е прочуеното Асеманово евангелие од X–XI век, кое претставува врвен израз на оваа тркалезна охридска глаголица. Смената кон кирилицата на овој простор не се случила насилно прекуноќ, туку била природен процес на „двојна писменост“, кој траел речиси два века. Жив доказ за тоа е глаголско-кирилскиот натпис откриен на еден од столбовите во припратата на црквата „Светите Архангели“ токму овде, во манастирот „Свети Наум“. Ние сме народот на Добромировото евангелие и на Болоњскиот псалтир (напишан во охридско Рамне меѓу 1230 и 1241 година), кои ги содржат автентичните карактеристики на нашата македонска јазична редакција.
  • Извоз на цивилизација:
    Македонија како просветител на Источна Европа
    Она што секој наш државник и секој млад човек мора да го знае е дека ние не бевме само примачи, туку извозници на цивилизација! Доказите, потврдени и од големиот византолог Владимир Мошин, недвосмислено говорат дека во 991 година, за време на македонскиот цар Самуил, од Охрид биле испратени голем број црковни ракописи во киевска Русија за да го помогнат покрстувањето на Словените под кнезот Владимир. Прочуените „Новгородски ливчиња“, кои се остаток од македонско евангелие од X век, послужиле како директна матрица за изработка на првите руски книги, како Остромировото евангелие. Тоа значи дека Охрид и македонската држава биле духовните светилници што ги овозможиле христијанизацијата и еманципацијата на половина Источна Европа!
  • Уметноста и иконописот како историска меморија
    Самата манастирска црква на Свети Наум е архитектонски бисер што преживеал многу разурнувања, но во 16 век била обновена врз првобитните темели. Внатрешноста е украсена со уникатен дрворезбан иконостас од 18 век (1711 г.), додека фрескоживописот во капелата над гробот на Светителот, изработен од зографот Трпо во 1806 година, сликовито ни ги пренесува житието и чудата на Свети Наум. Но културната супериорност на Охридската црква оди уште подалеку. Во 1295 година, во храмот „Света Богородица Перивлепта“, каде што подоцна се чувале и моштите на Свети Климент, прочуените зографи Михаил и Евтихиј го создале фрескоживописот што ја означува зората на ренесансата на палеолозите. Уште пофасцинантно е што Охридската архиепископија во 1516 година ја формирала својата Галерија на икони – институционализиран пристап кон заштитата на културното наследство повеќе од два века пред да бидат отворени светските музеи како „Лувр“ или Британскиот музеј!
  • Духовна порака за нашата современа државност
    Затоа, кога денес нашиот државен врв прави огромни напори да ја подигне Македонија на високо меѓународно рамниште и да го зацврсти нашето достоинство меѓу европските народи, тие треба да знаат дека ние имаме длабок историски мандат за тоа. Ние не сме нација создадена од политички декрети, туку народ што низ овие светилишта ја описменил и ја облагородил Европа. Нашата мисија денес е да го вратиме тој сјај – претворајќи ги нашите манастири во живи едукативни и патриотски центри, каде што новите генерации ќе црпат самодоверба од овие стари ракописи и икони, свесни дека припаѓаат на народ што стои во самите темели на европската цивилизација“.

Кои историски личности и настани се поврзани со манастирот низ вековите и кој е најзначајниот историски момент што го обележува манастирот „Свети Наум“?
– Манастирот „Свети Наум“ е жива историска енциклопедија во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност.
Ако погледнеме низ вековите, ќе видиме една величествена галерија на личности. Почнувајќи од самите основоположници, светите Климент и Наум, кои преку Охридската книжевна школа го создадоа првиот словенски универзитет. Но овој простор е нераскинливо поврзан и со славната епоха на цар Самуил (976–1018). Токму во негово време, Охридската црква била издигната на ранг на патријаршија. Величествено е да се знае дека во 991 година, цар Самуил испратил голем број македонски црковни книги и ракописи во киевска Русија, со што Охрид и македонската држава станале директни просветители што го помогнале покрстувањето на Словените под кнезот Владимир.
Дури и откако Византија го покорила Самуиловото Царство во 1018 година, императорот Василиј II не се осмелил да ја уништи нашата црква, туку преку три прочуени хрисовули (повелби) морал да ѝ ги гарантира автокефалноста и привилегиите. Низ вековите што следувале, на охридскиот архиепископски престол седеле врвни интелектуалци и теолози, како Теофилакт Охридски и Димитриј Хоматијан, кои жестоко ја бранеле канонската независност на Охридската катедра. Во поновата историја, пак, овој манастир бил духовен дом и на истакнатиот теолог Свети Николај Велимировиќ, кој во 20 век го возобновил монашкиот живот тука и токму крај овие води го напишал своето прочуено дело „Молитви на езерото“.
Но ако ме прашате кој е најзначајниот историски момент за манастирот, јас би издвоил два настана што ја дефинираат нашата судбина. Првиот, секако, е самата 905 година, кога Свети Наум го основал овој манастир на карпата над езерото, посветувајќи го првично на Светите Архангели. Со поставувањето на тој темелен камен, тој не изградил само обична црква туку го поставил вечниот духовен идентитетски штит на македонскиот народ.
Вториот настан е еден од најболните, но и најгорди моменти во нашата историја – трагичната 1767 година, кога брутално и неканонски беше укината нашата древна Охридска архиепископија. Тоа беше мрачен обид за целосно бришење на нашата црковна автономија, на нашата словенска богослужба и на нашето име. Но токму во тие векови на најстрашна асимилација, на сцена стапи она што ние во теологијата го нарекуваме „голем монашки парадокс“. Кога високата црковна хиерархија беше уништена, токму овие изолирани манастири, како „Свети Наум“, останаа единствените непробојни тврдини. Овие ѕидини станаа единствените бедеми каде што преживеаја македонскиот јазик, словенската литургија и нашиот национален континуитет.
Затоа, „Свети Наум“ не е само историја. Тој е живиот доказ дека еден народ што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!

Каква е врската меѓу манастирот и жителите од околните места и кој е Вашиот совет или порака за младите генерации што го бараат својот духовен пат?
– Врската на овој манастир со народот можеби е најубавото живо остварување на она што ние го нарекуваме „голем монашки парадокс“. Свети Наум побегнал од метежот на светот во оваа некогаш дива и изолирана природа покрај изворите на Црн Дрим, но светот уште поинтензивно тргнал по него. Тој се изолирал за да се моли, но неговата благодат го претворила овој простор во универзална духовна болница.
И денес, легендата дека неговото срце сè уште чука под надгробната плоча не е само обичен фолклор; за оние што пристапуваат со чиста вера, тоа чукање е симбол на неговата жива и бескрајна љубов кон секој човек. Луѓето доаѓаат овде на изворите и кај параклисот на Света Петка барајќи лек и утеха. Она што навистина е фасцинантно е што оваа светост ги крши сите догматски и религиозни граници. Со векови, на овој гроб со огромна почит доаѓаат и нашите сограѓани и браќа муслимани, особено од дервишкиот ред на бекташите. Тие пристапуваат овде со длабока понизност, поистоветувајќи го Свети Наум со нивниот свет човек Сари Салтук. Тоа е најсилниот доказ дека вистинската божествена љубов ги руши сите вештачки човечки поделби и покажува дека пред болката и пред Бога сите сме исти.
Но денес ние се соочуваме со една поинаква, современа болка. Не сме под ропство, но страдаме од едно тивко празнење на нашите родни огништа. Бројките се сурови – некогаш оваа земја се радуваше на 50.000 родени бебиња годишно, а денес сме паднати на историски минимум од околу 16.000. Се создава една тешка психоза меѓу луѓето дека иселувањето е единствениот пат кон успехот и дека секој што ќе остане овде е осуден на неуспех.
Затоа, мојата порака до младите генерации е повик за будење на нивното достоинство. Најголемиот ресурс и најголемата сила на една земја не се ниту патиштата, ниту зградите, туку луѓето. Без луѓе, сè е празно. Мојот совет до секој млад човек е: не дозволувајте брзината на современото време, глобалните илузии и лажните вредности да ви ги одземат меморијата и чувството на припадност. Вие сте потомци на народ што низ овие манастири ја описменил Европа.
Наша должност како Црква е повторно да ги отвориме овие светилишта како живи едукативни центри каде што ќе се гради вашиот карактер. Бидете современи, образувајте се, освојувајте ги светските универзитети и технологии, но никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Како што генијално нè подучи великанот Блаже Конески: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Чувајте го тој јазик, чувајте ја верата и сакајте го своето семејство овде, на својата земја. Зашто народ што знае кој е, кој памети што има и што чува – никогаш не може да исчезне!