Фото: Бујар Османи / Фејсбук

Предизвиците се големи, но и можностите се големи, битно е да биде вистинскиот човек на вистинска функција, порача вечерва кандидатот на ДУИ за претседател на државата и актуелен министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Во Спортско-рекреативниот центар (СРЦ) „Кале”, каде под мотото  „Дојде време за првиот претседател Албанец“ се одржуваше партиската конвенција, Османи вети дека со севкупниот дипломатски багаж ќе се бори за да се подобрат состојбите во земјата.

-Нашата иднина е во ЕУ и ова мора да им го исполниме на граѓаните. Мора да го запреме одливот на младите, мора да се инвестира во економијата, мора да се вложува во образованието согласно светските стандард- рече Османи.

Тој напомена и дека ја има добиено „севкупната надворешна поддршка“.

По Османи, пред присутните се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

-Ние 23 години не сме изгубиле никогаш. Математички или практично нас не поддржуваат и во најтешките моменти. Сме инвестирале во капацитетите и во кадрите за подобро утре и така ќе продолжиме. Со нас не е лесно да се мерите. Тука сме сите ние што отвораме нови хоризонти. Ние сме стабилност и мир и добра европска иднина – рече Ахмети.

На конвенцијата кусо зборуваше и Талат Џафери, а пред почетокот се обрати и Фатмир Бесими.

Покрај високото партиско раководство, на конвенцијата беа присутни членови на партијата, симпатизари и гости.

Според Државната изборна комисија (ДИК), Османи ги собра потребните 10.000 потписи од граѓаните заклучно со 26 февруари годинава. За него до 20 часот тој ден се потпишале 10.528 граѓани. Податоците на ДИК од 7 март до 20 часот покажуваат дека Османи има собрано 11.085 потписи.

Информацијата дека Османи ќе биде претседателски кандидат на ДУИ на претстојните избори ја соопшти партискиот лидер Али Ахмети од седиштето во Мала Речица.

Министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ, Османи, најави дека меѓу темите на неговата кампања ќе бидат уставните измени за впишување на Бугарите и изборот на претседател на државата во Собранието. Тој очекува влез во вториот круг. Својата програма, како што рече, ја работел со домашни и меѓународни експерти, како претседателски кандидат ќе има своја веб страница и ќе им се обраќа на сите граѓани без оглед на етничката припадност.