И покрај условеноста од комплицираните регионални и меѓународни случувања успеавме Северна Македонија да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена како активен, доверлив и кредибилен фактор во глобални рамки. Големите битки на нашите дипломати нема да запрат тука. Северна Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ. Оттука од идна и круцијална важност ќе биде натамошниот развој на вештините на нашата дипломатија во согласност со европските стандарди.
Ова го истана министерот за надворешни работи Бујар Османи на на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на Денот на МНР – 29 Април и 55 години од создавањето и развојот на дипломатската служба на Северна Македонија, традиција над половина век која сигурен сум дека ќе доживее уште поголеми и позначајни јубилеи.
-Историјата на Министерството наназад 55 години бележи различни начини и поставеност на дипломатското делување условени од променливоста на геополитичките и надворешно политичките услови низ текот на годините. Но, она што е постојана константа на оваа институција е несомнено цврстата заложба и непоколебливиот стремеж на дипломатите и другите вработени максимално да придонесат кон изградба и етаблирање на Северна Македонија во меѓународните односи како рамноправна земја, членка во сите важни регионални и меѓународни организации, земја која што ги почитува меѓународните принципи и правила која помага кога другите се во неволја и најважно модерна и стабилна држава. Поради тоа би сакал да ја искажам својата срдечна благодарност кон сите дипломати и вработени во МНР кои квалитетно и доследно, посветено и навремено и со несмален ентузијазам и љубов кон својата земја ги исполнуваат нивните работни задачи. И тука мислам на сите без исклучок. Искусните со нивната мудрост и стабилност и младите со нивниот ентузијазам, динамичност и свежина која ја внесоа во нашата институција, рече Османи.
Тој се задржа на постигнувањата во надворешната политика во изминатите четири години, додека е тој на чело на МНР, кога, како што рече, сите заедно направивме многу како во однос на исполнувањето на главните стратешки приоритети во надворешната политика – евроатлантските интеграции и во однос на реализацијата на нови проекти и иницијативи иницирани и развиени како резултат на оригиналните предлози од многу дипломати вработени во Министерството.
-Конкретно овозможивме Северна Македонија да постигне видливо суштинска позитивна промена во делот на надворешната политика преку многубројни успеси, меѓу кои како клучни би ги издвоил следните – од политичкото и военото интегрирање во НАТО преку отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, постигнување на целосна стопостотна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Го започнавме стратешкиот дијалог со САД како ново квалитетно поглавје во односите, нашиот успешен дипломатски одговор кон заканите што ги предизвика воената агресија на Русија во Украина, нашите успешни дипломатски активности за поддршка на Украина во секое ниво, заедничко учество со сојузниците во мисиите предводени од НАТО долж источното крило на Алијансата во рамките на зајакнатото истурено присуство во Латвија, во Романија и во Бугарија. Направивме видливи промени во регионални рамки наметнувајќи се како регионален лидер од аспект на промовирање на добрососедската политика преку изнаоѓање решенија на долгогодишните отворени билатерални прашања, како и преку новостекнатите регионални позиции и промовирање стабилност во регионот, рече Османи.
Како посебна додадена вредност во развојот на регионот и регионалната соработка, тој го спомна иницирањето на платформите Преспа форум за дијалог, кој во јуни, годинава ќе го има четвртото издание, неформална платформа за политичка соработка Б6, како и иницијативата за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот 8 помеѓу Северна Македонија, Албанија, Бугарија и Италија, добиената улога на депозитар на трите важни договори на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес на 3 ноември 2022 година во Берлин за признавање на академски квалификации, за патување со лични карти во регионот означи квалитативен чекор напред во регионалната соработка.
Тој меѓу другото ги издвои успешното минатогодишно претседавање со ОБСЕ и со САД и Јадранската повелба, се уште актуелното претседавање со Процесот за соработка на ЈИЕ, зајакнатиот политичкиот дијалог пред се со земјите членки на НАТО и ЕУ, соодветното екипирање на ДКП-еата после подолг период на испразнетост, постигнатата правична застапеност на сите нивоа во Министерството и зајакнување на врските меѓу дијаспората,со проектот за доделување М-карта и поставување базни и мобилни станици и воведовме СОС дежурна линија.
-Затоа денес со гордост можам да заклучам дека и покрај условеноста од комплицираните регионални и меѓународни случувања успеавме Северна Македонија да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена како активен, доверлив и кредибилен фактор во глобални рамки. Големите битки на нашите дипломати нема да запрат тука. Северна Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ. Оттука од идна и круцијална важност ќе биде натамошниот развој на вештините на нашата дипломатија во согласност со европските стандарди. Истовремено способноста на дипломатијата да одговори на обемот, карактерот, брзината и динамиката на постојните и без сомнение на идните предизвици, мора да се продолжи со надградба на Министерството како куќа која ќе обезбеди нова генерација на дипломати да се чувствува инспирирано и да чекори напред, да работи напорно и да обезбеди натамошна релевантност и висока репутација, рече Османи упатувајќи честитки за Денот на МНР до сите колеги во земјава и во нашите ДКП-а во странство.
Вообичаено на овој важен ден се организира поголем настан, се доделуваат награди, се бира дипломат на годината, но заради изборите тоа не е дозволено, појасни Османи.
Историјата на МНР како институција надлежна за надворешната политика започнува на 29 април пред точно 55 години во Скопје кога се зачнати и корените на дипломатската служба со формирањето на Бирото за односи со странство. По стекнувањето на независност во 1991 година ова тело прераснува во Секретаријат за односи со странство за три години подоцна конечно да се трансформира во МНР.