Две доминантни сили го балансираат глобалниот пазар на нафта: понудата и побарувачката. Војната во Иран ги скрши обете, а едната можеби не може да се поправи. Понудата останува во целосен хаос. Историскиот вишок на сурова нафта се претвори во најлошиот шок на понудата досега пред уште еден бран нафта да влезе на пазарот во јуни. Сега, интензивираната војна повторно го затвори значителниот пристап до нафтата од Персискиот Залив, повторно внесувајќи хаос на пазарот. Побарувачката е некако уште потешка за разбирање.
Светот се приспособи на шокот на понудата за време на петте месеци војна, учејќи како да се справи со користење помалку нафта отколку што користел пред конфликтот. Стотици милиони барели нафта најпосле го напуштија Ормускиот Теснец минатиот месец, но наидоа на малку заинтересирани купувачи. Цената на дел од суровата нафта од Блискиот Исток мораше да биде многу намалена пред да најде купувачи. Причините се сложени, а решението е многу посложено.
Голем пад на побарувачката
Во трите кратки недели во кои Ормускиот Теснец (во најголем дел) повторно беше отворен, се случи нешто неочекувано: Повеќе од 200 милиони барели нафта во Персискиот Залив брзо излегоа надвор, но купувачите не реагираа. „Катар енерџи“ и „Аднок“ од Обединетите Арапски Емирати беа принудени да ја намалат цената на својата нафта меѓу шест и девет долари за барел пред да најдат купувачи од Југоисточна Азија, според Хомајун Фалакшахи, раководител на анализата на сурова нафта во „Кплер“, која ги следи поморскиот сообраќај и протокот на нафта.
Повеќе од 18 милиони барели неиранска нафта што го напуштија Ормускиот Теснец моментно остануваат на танкери надвор од Персискиот Залив чекајќи купувачи – што изнесува повеќе од два и пол пати од предвоените нивоа, рече Фалакшахи.
Иран имаше уште помалку среќа во продажбата на нафта од неговите соседи. Иран доби 70 милиони барели нафта од теснецот во неделите по меморандумот за разбирање со САД. И покрај привременото ослободување од санкциите од САД, Кина беше единствениот купувач што беше подготвен да се вклучи. Значи, Иран ја испрати целата таа нафта кон Кина, неговиот убедливо најголем клиент пред и за време на војната. Но Кина значително ги намали купувањата на иранска нафта минатиот месец – од околу 1,5 милион барели дневно на 630.000 барели дневно, според „Кплер“.
Севкупно, глобалната побарувачка за нафта останува околу четири милиони барели дневно пониска сега отколку на почетокот на војната, според „Џеј Пи Морган“. Во голема мера, побарувачката е намалена бидејќи нема каде да се искористи нафтата. Рафинериите се максимално искористени, особено откако Иран изврши напади врз 30 рафинерии на Блискиот Исток за време на војната.
Кога ќе закрепне побарувачката?
Кина речиси целосно се потпира на увоз на нафта. Но нејзиниот увоз на сурова нафта значително опадна за време на војната, паѓајќи под осум милиони барели дневно од повеќе од 12 милиони дневно пред војната, според компанијата за поморски податоци „Сигнал оушн рисрч“. Кога Кина повторно ќе почне да увезува, тоа би можело да додаде значителна побарувачка за нафта. И остатокот од светот ќе мора да ги дополни резервите во одреден момент, особено Соединетите Американски Држави. Стратешките резерви на нафта на САД се на најниско ниво откако администрацијата на претседателот Роналд Реган почна да ги полни во 1983 година. За да се спротивстави на шокот во понудата, Меѓународната агенција за енергија се обврза да ги намали глобалните резерви во итни случаи за рекордни 400 милиони барели, создавајќи значителна дупка во понудата што ќе треба да се пополни.
Не е јасно кога би можело да се случи тоа закрепнување на побарувачката – и се чини дека никој не се согласува. „Голдман Сакс“ верува дека тоа би можело да се случи наскоро. Меѓународната агенција за енергија прогнозира дека побарувачката за нафта ќе падне годинава, а ОПЕК смета дека ќе се зголеми. „Џеј Пи Морган“ смета дека ќе остане непроменета. Други експерти од индустријата признаваат пораз, забележувајќи дека тешко да се измери и предвиди побарувачката.
– Ситуацијата во однос на Ормускиот Теснец е толку нестабилна што мојот став се менува речиси секојдневно заедно со протокот на вести – рече Нил Аткинсон, гостувачки соработник во Националниот центар за енергетска аналитика.
Тешко е за потенцијалните купувачи да знаат дали е добро време повторно да почнат да купуваат нафта. Сообраќајот на нафта низ теснецот повторно драматично опадна, а цените на нафтата продолжуваат да се зголемуваат, додека ситуацијата на Блискиот Исток се интензивира секој ден. Цената на суровата нафта брент накратко достигна 90 долари за барел во понеделникот за прв пат по повеќе од еден месец. Природата на конфликтот, која постојано се менува, може уште повеќе да го одложи закрепнувањето на побарувачката за нафта.
– За да закрепне побарувачката, мислам дека купувачите ќе треба да видат значајно решение меѓу САД и Иран што ќе им даде доверба дека тоа може да биде долготрајно – рече Киран Томпкинс, виш економист за стоки во „Капитал економикс“.
































